Почетна НЕШТО УБАВО Mens sana in corpore sano

Mens sana in corpore sano

Во здраво тело здрав дух. Колку пати сме ја слушнале оваа мисла без притоа да обрнеме внимание на значењето на истата. Дали здравјето на новите генерации се темели на оваа латинска изрека?

Во ерата на технологијата, виртуелниот свет,  отуѓеноста или затвореноста, повеќе од неопходно е спортувањето и занимавањето со спорт. Поголем дел од учениците немаат навика  да се занимаваат со спорт и првенствено практикуваат слободното време да го поминуваат во различни активности кои немаат допирна точка со спорт.

Спортувањето односно часовите по ФЗО се единствена шанса кога  учениците ќе можат да практикуваат физички активности кои се важни за развој на менталното и физичкото здравје.

Без адекватно и добро замислена наставна програма по физичко образование, не може да се замисли квалитетно образование кое ќе одговара на современите потреби на ученикот.

Luxury Catering Service

Наставниците по ФЗО се тие кои први ги забележуваат бенефитите кај учениците од практикување на редовната физичка активност и како истата вијае на психо-физичкиот развој на една млада индивидуа. Тоа се постигнува преку различни педагошки приоди кои рефлектираат различни концепти поврзани со физичкото образование.

Во училиштето „Толи Зордумис“ редовно и на многу високо ниво се практикува физичка активност. Нашите наставници по ФЗО се први  кои имаат можност да препознаат талент и да работат на подобрување на движењето и моториката на одредена индивидуа. Тие  велат дека се среќни што можат уште од најраната возраст да ги поттикнуваат најмалите на редовна физичка активност.

Наставниците по ФЗО во својата воспитно-образовна  работа имаат можност да воспитуваат многу млади генерации на кои им ја всадуваат љубовта кон спортот и физичката активност. Привилегија е кога ќе се препознае вистински талент и  ќе се работи  со нив на усовршувањето на нивната спортска техника.

Александра Боризовска државна репрезентативка во ракомет со интернационална кариера во ПАОК-Грција, Бисера Митевска  ракометен голман во Макаби-Израел, Бети Петковска ракометарка со кариера во Малта се само дел од неколку врвни спортистки кои своите први спортски чекори ги направија во ООУ„Толи Зордумис“.

Александра Боризовска

Александра со задоволство се сеќава на своите почетоци во ООУ „Толи Зордумис“. Таа меѓу другото ќе каже:

„Многу време поминував на тренинзите и на теренот, и секогаш се стремев да бидам најдобра во тоа што го правам. Знаев дека ќе морам да вложам многу труд и да бидам истрајна“.

Бисера Паскал

Бети е среќна што своите први ракометни чекори ги има направено токму во ООУ „Толи Зордумис“. Таа секогаш се гледала себе си среќна и задоволна на час по ФЗО.

Бети Петковска

Во продолжение се кратките интервјуа што нашите ученици со нивните ментори од медиумскиот клуб во училиштето ги подготвија со дел од нашите инетрнационалки.

1. На што прво се сеќавате кога ќе се спомне „Толи Зордумис“.

Александра Боризовска:

„Основното училиште Толи Зордумис беше место каде што поминав безгрижни години исполнети со учење, другарување, смеа, радост и моменти кои и ден денес си ги чувам во срцето. Посветени наставници, многу училишни натпревари по различни предмети како и спортски натпревари во кои што редовно земав учество.

Имам учествувано на многубројни спортски натпревари, атлетика, кошарка и фудбал, но во ракометот се пронајдов“.

Бети Петковска

„Во училиштето „Толи Зордумис“  имавме голем број на спортски секции како на пример: фудбалска, ракометна, кошаркашка секција и др. Но, јас секогаш се гледав себе си среќна и исполнета кога на час по ФЗО игравме ракомет. И тоа остана забележано и поттикнато од страна на моите професори по ФЗО“.

2. Дали уште од најрана училишна возраст посакувавте успешна спортска кариера?

Александра Боризовска:

„На 12 год возраст влегувам во водите на ракометот благодарение на мојот проф по физичко и здравствено образование Синиша Филиповски, кој го препозна мојот талент за спорт. Уште од најрана училишна возраст ракометот беше моја прва љубов и со нетрпение го чекав секој нареден тренинг.“

Бети Петковска

„Преку мојот талент, уште од најмала возраст, со ангажирање на професорот по ФЗО Синиша, успеав да заиграм за најдобриот ракометен тим „ЖРК Куманово. Така започнаа и моите чекорења до поголеми успеси во ракометот. Сонот почнуваше да се остварува“.

3. Врз основа на кои ваши квалитети успеавте да се издвоите од останатите врсници?

Александра Боризовска:

„Верувам дека мојата хиперактивност, упорност, дисциплина и огромна желба за спорт беа клучни елементи кои помогнаа професорот да го препознае  талентот во мене“.

Бети Петковска

„Благодарение на мојата напорна работа успеав денеска да заиграм во  малтешкиот клуб  “De La Salle”, каде две години по ред сум проглесена за најдобар пивот. Исто така имам прилика да го споделам моето знаење и искуство со помладите, како помошник тренер на женската репрезентација на Малта.

4. Според вас на што се должи Вашиот успех? Дали на многу одрекување, желба за успех, физичка способност, инает или нешто друго?

Александра Боризовска

„Генерално успех во спортот се должи на комбинација на различни фактори. Без сомнение, многу одрекување, бидејќи за да постигнеш нешто големо, мораш да бидеш подготвен да жртвуваш многу. Желба за успех, истрајност и дисциплина, како и верба во себе. Исто така сакам да го споменам и моето семејство и да им се заблагодарам за неизмерната поддршка која ја имав од самиот почеток.“

Бети Петковска

„Голем дел од мојот успех пред се се должи на поддршката од семејството. Уште од најмала возраст го засакав ракометот благодарение на мајка ми. Таа честопати ќе ме седнеше до неа ќе го вклучеше телевизорот и ќе ги гледавме заедно натпреварите. И така од ден во ден љубовта кон ракометот беше се поголема и, а со тоа и мојата желба за успех растеше.“

5. Што би сакале да им препорачате на идните таленти, интернационалци, спортисти кои би сакале да имаат слична спортска кариера како Вашата?

Александра Боризовска

„На идните таленти им препорачувам да бидат упорни, дисциплинирани и никогаш да не се откажуваат од своите цели. Спортот не е лесен пат, но ако вложите напор и верувате во себе, успехот е неизбежен. Не заборавајте дека најважно е да се ужива во процесот, а не само во резултатите. Постигнувањето на големи цели бара и долгорочен труд и посветеност. Исто така, важно е да имате добра поддршка од семејството. Развивајте ги вашите способности, но истовремено работете и на менталниот дел, бидејќи победата во спортот не зависи само од физичката подготвеност, туку и од психолошката сила.

Бети Петковска

„На сите ученици им препорачувам активно да се занимаваат со спорт, а вистинските таленти ќе бидат откриени и ќе се изборат за остварување на своите соништа, единствено преку упорност, труд и работа“.

Колективот на ООУ „Толи Зордумис“ им  благодари на ракометарките за соработката и им посакува безброј успеси, награди и признанија за нивната работа.

Р.П.