Почетна НЕШТО УБАВО Петтото издание на Саемот на плочи Куманово – најуспешно досега!

Петтото издание на Саемот на плочи Куманово – најуспешно досега!

Саемот за грамофонски плочи кој по петти пат се одржа во Куманово, викендов беше одлична можност за разгледување на музичка понуда, купување на добри носачи на звук и опуштено преслушување и дружење.

За разлика од претходните четири изданија, организаторот оваа година бидејќи беше и јубилејна, наместо во кафулиња, Саемот го направи на поголем простор, во Н.У.Ц.К. „Трајко Прокопиев“.

– На 12 штандови, во малиот и големиот хол, излагачи од Куманово, Прилеп и Скопје изложија преку 12.000 грамофонски плочи, цедиња, касети, носачи на звук, автичики макети (hot wheels), имаше задоволителна програма и сите излагачи беа презадоволни, почетно телеграфски нѐ информира Бојан Коцевски од организаторот „Кју рекордс“ (на фотографијата).

Luxury Catering Service

Понатаму ни објасни дека начинот на кој тој го организирал Саемот е топол и срдечен.

– Сите луѓе што ги знам дека се во ова сфера на колекционерство и наши пријатели, беа поканети од моја страна. Штандот не се плаќа, а бесплатен беше и влезот и според некоја проценка имаше од 1.200 до 1.500 посетители. Свој штанд имавме и ние, како продавница која врши дистрибуција и увоз на плочи добиени од самите издавачки куќи од цела Европа па и од светот, но и плочи “на старо”, кои ги набавуваме од луѓе што ги препродаваат, веќе не се заинтересирани за нив, чистат по дома, чистат подруми…

Сѐ што може да се најде во музичките продавници кај нас беше изложено на овој настан. Што најмногу се бараше? Класика: „Pink Floyd“, „Led Zeppelin“, „Police“, Стинг, екс ју, првиот и вториот албум на „Мизар“, албуми на метал бендови како „Ким“, „Опет“, „Сорт“, алтернатива, „Нирвана“ и целиот тој бран на Сиетл сцената и гранџ.

– Настанот почна од 12 и траеше до 18 часот, но луѓето веќе околу 11 часот почнаа да доаѓаат, што беше тотално чудно и бевме изненадени. Имавме двајца диџеи од Скопје, диџеј Чваре и диџеј ХајперТек, тие беа задолжени за атмосферата која беше феноменална. Пуштаа многу убави наши македонски песни, се разбира на плочи, создадоа мирно и разговорно расположение и ќе кажам дека нѐ забавуваа со музика што не ја слушаме секојдневно, како фанк, соул, поп, шлагери…

Она што тие како организатори мораа да го платат за просторот беше обезбедено преку спонзорства.

– Општина Куманово и одредени кумановски бизнисмени покажаа многу чувство и Саемот го препознаа како вреден за поддршка. Нѐ поддржаа бизнисмени кои се и љубители на музиката, наспроти оние други стотина компании кои останаа глуви и неми на нашите барања…

Плочите беа во центарот на вниманието, а организаторот додели и благодарници на излагачите и на спонзорите кои им укажуваат поддршка.

– Мора да искажам и голема благодарност до Горан Таневски од „Мизар“. Секоја чест што дојде и потпишуваше свои изданија, беше сосема отворен за дружба и за разговор. На крајот од денот, бевме презадоволни, нагласи Коцевски.

Артистички амбиент на самиот настан му даде присуството на графичарите.

– Нашите пријатели од Здружението за уметност “Форма” од Куманово нацртаа прекрасен графит на ѕидот кој се наоѓа веднаш до самиот Центар за култура. Ги нацртаа имињата на сите нас што оваа година бевме организатори и координатори. Тие од 7 до 10 мај во Куманово ќе го одржат „Графити фест“, ќе цртаат мурали и графити на самата гимназија „Гоце Делчев“.

Плочата е синоним за квалитетна музика и последниве години кога се врати во мода, насекаде беше дочекана со голема радост. Инаку, 12 април е празник на сите независни продавници за грамофонски плочи, наречен „Рекорд стор деј“, кога секаде се одржуваат вакви и слични настани. Паралелно со Саемот во Куманово се одржаа и во други градови во регионов, да споменеме и каде – во Ниш, Софија, Белград, а во Скопје имаше во „Излет кафе“ и во „Буква“.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

Фотографии: Дејан Ангеловски