Аптеката Mark Farm не е обична аптека со наредени аптекарски шишенца. Сопственичката, Надежда Келешова Тимчевска, го докажа тоа кога ја лансираше козметичката линија – Black Nadija natural cosmetics.
Се зборува низ градот дека производите од Вашата уникатна козметичка линија немаат вообичаени надразнувачи како што се сулфати и синтетички мириси. Тогаш, што содржат и зошто сите кои досега ги пробале се фалат и топло ги препорачуваат?
Black Nadija natural cosmetics е козметика базирана на природни состојки, како што се ладно цедени масла, природни хијалурони, колагени и витамини и сѐ друго што е потребно да ја чува нашата кожа здрава и хидрирана.
Откако завршив специјализација по козметологија, првичната цел ми беше да правам една крема за една кожа, затоа што сите ние сме различни и имаме различни потреби за нега на кожата. На некого му е потребна поголема хидратација, некој има проблем со флеки од различна етиологија, некој со акни. Таа идеја и си остана, што значи дека и понатаму изготвувам креми за потребата на еден пациент, но бидејќи многу од нас имаат и нормална кожа без проблеми, а и формулациите се повторуваа, решив да пуштам две линии од мојата козметика и тоа: Stay young и Аnti acne. Stay young линијата се состои од креми и серуми за лице и тело, што овозможуваат кожата да остане здрава и хидрирана и како таква да се бори против надворешните и внатрешните негативни влијанија, стресот, загадениот воздух, UV зраците и многу други. Додека Anti acne линијата е наменета за кожа со акни, флеки од акни, комедони и други неправилности што најчесто се појавуваат во тинејџерските години.
Не мора формулата, но дајте ни совет што да ставаме на лицето на 42 степени, особено кога имаме флеки од сонцето што морската сол се заканува дека ќе ги потемни?
Во летниот период на кожата ѝ е потребна дополнителна хидратација и заштита од UV зраците. Тие се виновни за таканарачениот фотоејџинг ефект, односно појава на флеки и брчки. Мојата линија има 4 видови на серуми за длабинска хидратација кои одлично одговараат на секаков тип на кожа, а за веќе настанати флеки и брчки имаме креми и серуми кои ги ублажуваат веќе настанатите проблеми.
Модерни времиња изискуваат модерни начини на маркетинг и презентација на еден производ за пласман, особено оригинално и самостојно направен и спакуван. Размислувате ли за некој вид едукативни работилници или консултации во аптеката за да им помогнете на клиентите да донесат конечни одлуки за нега на кожата?
Консултации имаме секојдневно во нашата аптека. Доаѓаат луѓе со најразлични проблеми на кожата. Во аптеката вршиме преглед со апарат за објективна дермо-козметичка анализа и врз база на добиените резултати им препорачуваме соодветна нега и вршиме изработка на соодветна козметика на лице место. Нашата аптека е единствена во градот која изработува магистрални лекови, односно најразлични дерматолошки препарати по препорака од доктори дерматолози со кои имаме одлична комуникација. Инаку, во план сме во иднина да одржиме и едукативна работилница во која ќе ги едуцираме присутните за нега на својата кожа, а воедно и да ја промовираме нашата нова линија наменета за нега на кожа на лице и тело за бремени жени и доилки.
Освен во Mark Farm, каде на друго место може да се купи и нарача Black Nadija natural cosmetics?
За сега Black Nadija natural cosmetics може да се најде само во нашата аптека, но имаме во план во блиска иднина да ја дистрибуираме и во други аптеки и дрогерии.
Дали е стереотипно тврдењето дека од смеење се добиваат најмногу брчки и постои ли Black Nadija серум што ги амортизира трагите од секое животно искуство околу очите и усните и на челото?
Да, постојат брчки, таканаречени смејалици кои најчесто се ствараат околу очите, потоа пушачки брчки околу усните и мимички брчки, на челото. Тоа не значи дека не треба да се смееме или да правиме мимики, туку едноставно треба да ја негуваме кожата за да го спречиме или намалиме нивното создавање. Како и да е, моето мото е дека не треба да се срамиме од брчките, сепак, секоја од нив на нашето лице си носи своја приказна, единствено што треба е да ја чуваме и негуваме нашата кожа за да биде здрава.
Не се сеќавам дека свиревте во мандолинскиот оркестар на училиште. Музикални ли сте како Вашиот татко?
Хахаха, во мандолинскиот оркестар не, но во сите можни пејачки групи и настапи преку поранешниот „Дом на пионери“ и моето училиште „Крсте Мисирков“. Инаку, имам завршено нижо музичко училиште со отсек пијано и си свиркам понекогаш по дома заедно со моите синови кои исто се музикални на дедо и на мама.
Да не беше фармација, ќе беше ли некоја друга гранка од медицината и зошто?
Мојата љубов беше медицината. Убаво се сеќавам, после моето матурирање, седам во соба и спремам приемен успит за медицински факултет. Влегува татко ми, долгогодишен доктор и ме прашува што планирам да запишам. Откако гордо му кажав, само почна да ги грицка мустаќите и да се мршти: „Не е тоа за жени, бара голема посветеност, ти првенствено треба да си мајка и сопруга, домаќинка, избери си нешто друго, нека е слично со медицината“ и си излезе. Не знам дали згрешив што го послушав, татко ми е умен човек, секогаш му верувам. Сепак фармацијата стана моја втора љубов!
Р.П.