Улица „Хамидие“ (Уќумат сокак) и „Крал Петар“ – денес улица „11 Октомври“
И покрај тоа што Куманово се спомнува уште во почетокот на XVI век, своето урбано патешествие го доживува некаде во средината на XIX век. Најголем дел на турското население во XVI, XVII и XVIII век бил населен околу старата Ески-џамија, изградена во почетокот на XVI век, во чија непосредна околина се оформува познатото Орта бунар и Мехмедбегово маало. Во тој дел во минатото, бил трасиран и се формирал Уќумат сокакот, кој спаѓал во еден од најстарите сокаци во Куманово.
Улицата во турскиот период се нарекувала „Хамидие“. На старите разгледници за Куманово, за време на првата бугарска окупација (1915-1918 г.), ја забележуваме под името ул. “Цар Фердинанд“. Во периодот помеѓу двете светски војни се нарекувала „Крал Петар“, а денес ул. “11 Октомври“. Интересна улица, со богато далечно минато, која заслужува да биде презентирана пред читателите на Плоштад.
Улицата е значајна за Куманово, бидејќи на неа отсекогаш биле сместени неговите највитални институции, почнувајќи од органите на власта, полицијата и судот, долж неа биле двете џамии во турскиот период, десно од неа болничкиот комплекс, малку погоре Монополот, уште погоре Касарната на 22 пешадиски полк, односно железничка станица. Била влез и излез на градот посебно по изградбата на железничката пруга Солун-Скопје во 1888 година, а уште повеќе по изградбата на автопатот “Братство единство“ во шеесеттите години на 20 век и поместувањето на патната мрежа (Д. Масевски, 2019).
Како што напоменавме, улицата „Хамидие“ во турскиот период уште ја нарекувале и Уќумат сокак. Уќумат сокак бил наречен по еден објект (Конак уќумати), каде биле сместени кадијата со останатите судски и полициски органи. Во него заседавало и градското собрание. Тој објект бил изграден некаде 1880 година и се наоѓал во непосредна близина на Старата (Ески) џамија. Кога сме кај старата Ески џамија, таа претставува еден од најстарите верски објекти во градот. Според едни, изградена е помеѓу 1520-1530, а според други, во 1532 година, како задолжбина на Татар Синан бег, кога владеел Турскиот султан Сулејман I Величествен (1520-1566). Џамијата ја има забележано и турскиот патописец Евлија Челебија, кога поминал во Куманово во 1660 година.
На местото каде денеска се наоѓаат Македонските телекомуникации, на тој простор во минатото се наоѓала семејната куќа на Васа Поповиќ, сопственикот на хотел „Куманово“.
Исто така, во непосредната близина на Стара (Ески) џамија, се наоѓала уште една помала и од понов датум (Јени џамија). Јени џамија датира од 1803 година, а ја изградил некој Ибрахим-бег, а била урната во 1917 година. Во минатото, на тој простор се наоѓал и Одун пазарот, каде се продавале дрво и јаглен.
По изготвувањето на првиот Регулационен план на градот во 1923 година од белградскиот инженер Душан Миросављевиќ и неговата имплементација во градот од рускиот инженер Владимир Антонов, целосно се изменува тогашната улица „Крал Петар“ при што се градат објектите на Срез жеглиговски, се гради целиот потег од хотел „Куманово“ до Серава. Во тој период никнуваат објекти од тврда градба на кат.
Инаку, зградата на Околија Кумановска (Срез Жеглиговски), а денеска Општина, била работена по проект на инж. Д. Тадиќ и Н. Рашковиќ, а била изградена некаде 1931-32 година и се наоѓала баш на просторот каде пред тоа се наоѓала споменатата Јени џамија.
Некаде кон крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години, се рушат трошните семејни домови на ул. „11 Октомври“ каде што се изгради Судската зграда, зградите на Црвениот крст и Социјално осигурување.
Според (Д. Масевски, 2009), од спротивната страна на улицата, во почетокот на триесеттите години се гради исто така блокот на семејни и деловни објекти на улицата Крал Петар, денешна ул. „11 Октомври“. Тој се состои од семејни, деловни објекти и хотел “Куманово“. Блокот се протега на потегот на тогашната Саат кула (денес станбена зграда наспроти Македонски телекомуникации) – Општинска зграда. Тој е со високо приземје, обликуван со растер на столбови и стаклени површини за локалите и хотелот. Катот го следи растерот од приземјето со вертикални прозорски отвори. Со нагласена хоризонтала на кровот и употреба на декорација на секој објект индивидуално. Карактеристична е прочистената декорација на хотел Куманово.
Движејќи се од хотел „Куманово“ кон ул. „Доне Божинов“, во тој ред се наоѓале семејните домови на Драгомир Вукадиновиќ, еден период градоначалник на Куманово, Јован Трајковиќ и на браќата Никола и Ташко Томиќ до куќата на Божин Крстиќ, подоцна на семејството Шутеви.
Семејната и деловна зграда на Никола и Ташко Томиќ, изготвена од инг. В. Антонов, купена од Ганија Ајруловиќ од Пеќ во 1922 г., а по изградбата на куќата во 1928 г., истата, поради долг била продадена од Државната Хипотекарна банка – Скопје во 1938 година на Бошко Стошиќ, житарски трговец од Куманово – денес во сопственост на семејството Стошевски.
Во продолжението во тој ред, кон аголот со улицата „Доне Божинов“ еден дел од општинската зграда, зафаќа дел и од улицата „11 Октомври“, што уште не е дограден.
Мора да го споменеме, а да не го заборавиме и хотелот „Куманово“, најрепрезентативен објект во Куманово и најпознат угостителски објект во градот. Изградбата на хотелот започнала некаде во 1928 година на место каде пред тоа била кафеаната „Победа“, а во 1930 година свечено бил даден во употреба.
Тука во близина на хотелот „Куманово“ се наоѓал и берберскиот дуќан на Таљат Агуш.
Таљат Агуш бил роден во 1929 година во Куманово. На 20 години отслужувал војска во составот на ЈНА. По враќањето, меѓу првите отворил приватен берберски дуќан. Берберскиот занает самостојно го извршувал од 1953 година. Занаетот го учел кај познатиот бербер Ахмет Илери. Дуќанот се наоѓал во центарот на градот, зад Хотел Куманово. Во истиот дуќан, помеѓу двете светски војни, неговиот татко Шакир Оџа имал бакалница. Таљат како бербер работел 30 години, но воедно бил и обрезувач (сунет) и бил многу ценет во градот. Починал во 1982 година.
Веднаш до хотел „Куманово“ се наоѓала и Саат-кулата. Се смета дека била подигната во исто време кога и Старата (Ески) џамија. И Саат-кулата Евлија Челебија ја споменува во својот патопис од 1660 година. Била урната во виорот на Втората светска војна.
Спроти Саат кулата се наоѓал и хотелот „Пирот“ на Илија Манчиќ.
Од останатите позначајни објекти на денешната улица „11 Октомври“ се наоѓаат болничкиот комплекс и Монополот, а во продолжението на ул. „Железничка“ и денешната касарна „Боро Менков“.
Што се однесува до угостителството на улицата „Крал Петар“, по евиденцијата на Пододбор на „Удружење на гостиничарски, хотелиерски, кафеџиски, механџиски и свих точиоца пића“ од Куманово, од 1927 година, тогаш на улицата „Крал Петар (11 Октомври) позначајни кафеани били: „Београд“, на Атанас Ѓорѓевиќ, „Шар“ на Миле Филиповиќ, „Брегалница“ на Милан Поповиќ, „Зора“ на Драгутин Тошиќ, „Победа“ на Јашар Зумберовиќ, „Европа“ на Јован Јовиќ, „Париз“ на Влада Милковиќ, „Вардар“ на Ташко Томиќ, како и подрумите на Спасо Џимревиќ, Васа Поповиќ, Ангел Лазаревиќ.
Според (Д. Масевски, 2019), по Втората светска војна, по сочуваната евиденција на крчми, меани, гостилници, чајџилници и ќебапски дуќани во Угостителската комора од 1946 година, тогаш на улица „Маршал Сталин“ (ул. 11 Октомври), биле локалите на: Владо Божиновски, Јован Јович (гостилница), Никола Гинџевски (гостилница), Страхил Ангеловски, Атанас Ивановски, Спиро Поповски, Панза Милев (ќебапчија), Киро Костовски, Петар Нушевски, Мане Михајловски.
На улицата „11 Октомври“ во ќебапчилницата „Квалитет“ (формирана како „Атом“) повеќе од четириесет години скарата ја „меси“ мајстор Мехмед Али Хасан, заедно со својот пријател Рауф Абдули.
Ова беше интересното и богато минато на денешната улица „11 Октомври“ во Куманово.
Користена литература:
Ј.Х. Васиљевић – Јужна Стара Србија (Кумановска Област), Издање задужбине И. М. Коларца, Београд, 1909.
Д, Масевски & М. Арсовски – Болто – Куманово : [историја, уметност, традиција, култура], Куманово, 2003.
Д. Масевски – Рускиот академизам во архитектурата на инж. Владимир Антонов во Куманово со посебен осврт врз зградата на занаетчискиот дом, Списание Корени, (Год. 4, бр. 15, септември 2005, стр. 2443-2454)
Д. Масевски – Кумановска кафеана, угостителство во Куманово во XX век (Второ дополнето дигитално печатено издание), Парадигма, Куманово, 2016.
Д. Масевски – Куманово – Сјајот од минатите времиња, Друштво за наука и култура „Парадигма“, Куманово, 2019.
„Наш Весник“ – петок, 1 мај, 1981 година
Подготвил: Проф. Филип Ѓошевски, научен соработник