Овие, прости ми Господе, не се под винкла

Уредник
Се чита за 8 минути

Владата во оваа земја стана – никаква. Во очите на човекот кој е нејзина персонификација, нема ниту „е“ од енергичност, а страста во гласот му се случува (јавува) само кога од него ќе излезе некаква омраза. Кога е таква ситуацијата, тој и нему блиските луѓе повеќе не ги држат конците во своите раце, немаат идеи и од ден на ден влегуваат од грешка во грешка. Државата се наоѓа во еден продлабочен политички и институционален застој, обременет со хронична нестабилност, партизација на институциите и растечки јавен цинизам.

Политичкиот простор е ограничен, задушен со конфликти на интереси, претставува еден дистопичен театар на апсурдот – каде што секое движење може да биде кобно или манипулирано.  Главните актери се познати, сценариото е излитено, а публиката сè поретко аплаудира, бидејќи сфаќа дека крајот е секогаш ист: народот губи, елитите добиваат.

Државата е фатена во клинч меѓу неспособна власт и неконструктивна опозиција, а обичниот човек се гуши во невидени нивоа на сиромаштија, иселување и институционален распад.

Граѓаните живеат во атмосфера на постојана предизборна кампања, каде што дневната политика го заматува хоризонтот на долгорочните стратешки цели – интеграција во ЕУ, борба против корупцијата и градење на функционална правна држава. Наместо тоа, сведоци сме на бескрајни прес-конференции, обвинувања и евтини политички поени, додека суштинските реформи стојат заглавени во калта на политичките калкулации. И онако премногу ниската доверба во судството, антикорупциските тела и медиумите опаѓа. Корупциските скандали, неказнивоста и селективната правда придонесуваат за чувство на беспомошност кај граѓаните и одвраќање од политичкиот процес.

Владејачката гарнитура се обидува да одржи стабилност преку коалициски договори, кои често се повеќе математички отколку програмски. Коалицијата полека, но сигурно, се распаѓа.

За „Гордите“, реформирани во зборови, а стари во дела, стана потфат да направат настан на кој ќе зборува „првиот“ во некаков си селски Дом на културата во кој немало содржини уште од времето кога се правеле игранки во СФРЈ. Партијата се обидува да го избрише сопственото минато преку гласна реторика за борба против криминал, но со истиот стар манир на популизам и партиска аритметика. Христијан Мицкоски се позиционира како опозиционер без алтернатива, но сè уште не ја има покажано зрелоста потребна за вистинско државничко лидерство.  Иако партијата вешто го користи гневот кај народот, таа често запаѓа во истите шаблони на национализам, сензационализам и медиумска офанзива, без сериозни кадровски решенија и план за реформи кои би ја направиле владејачка алтернатива веродостојна.

Од друга страна, опозицијата се храни од народното незадоволство, но сè уште не успева да понуди јасна, кредибилна визија за промена.  Социјалдемократите едно време заборавија на својата левичарска реторика и партијата мутираше во класичен клиентелистички механизам, кој опстојуваше преку тендери, кадровски пазари и поддршка од коалициските партнери кои имаа свои теснопартиски агенди.

„Европската агенда“ стана изговор за неработа, додека правдата остана слоган, а не реалност.

Беше партија која не само што не носи надеж, туку и ја цементира културата на неказнивост, импровизација и PR-владaње. Димитар Ковачевски, иако претставен како технократ, се покажа како политичка сенка, без јасна визија, без харизма и со ограничен авторитет дури и во сопствената партија. Ете затоа, на изборите пред една година со одлука на народот „треснаа долу на под“.

Во сенката на овие две големи партии, ДУИ, вечниот манипулатор со етничкиот наратив, долгогодишната „сива еминенција“ на власта, го одработува својот политички „баланс“.

Али Ахмети сè уште ја контролира партијата со железна рака. Тој, моментно турка агенда за враќање на моќта. По секоја цена, дури и по цена на уценување на коалициските партнери.

Левица, таканаречениот „трет блок“, се обидува да ја пробие биполарната матрица, но често тоа го прават со радикални, непредвидливи и деструктивни методи. Димитар Апасиев, иако силен реторичар и популарен меѓу разочараните, честопати го злоупотребува својот јавен простор за политички спектакл, а не за сериозна визија. Политичката реторика меѓу едни и други станува сè поостра, што дополнително ја разгорува апатијата меѓу гласачите. Претстојните Локални избори ќе бидат тест за реалната сила на партиите и важен барометар за тоа каде се движи јавното мислење. Локалната власт е првата точка на допир меѓу граѓаните и државата, и често тука се мери капацитетот за реална промена. Очекувам кампања исполнета со популизам, етнички теми и меѓусебни обвинувања, но истовремено и зголемено внимание на прашања како урбан хаос, квалитет на услуги и животна средина.

Партиите или „независните“, а ќе има такви, се чини како никогаш досега, кои ќе покажат локална прагматичност, транспарентност и блискост со народот, имаат добри шанси да изградат нова база на поддршка, особено кај младите и неопределените гласачи.  Но, има и нешто друго…

Во услови на политичка криза, ниска доверба и нестабилни коалиции, сè погласни се повиците за предвремени Парламентарни избори. Доколку се случат, тие ќе претставуваат своевиден референдум за политичката елита. Но, прашањето е дали тие ќе донесат суштинска промена или ќе се уште една битка без јасен победник или само ќе го прераспределат политичкиот плен.

Македонија, повеќе од сигурен сум, има капацитет за демократски развој, но моменталната состојба бара храброст – и од страна на политичарите, и од страна на граѓаните. Храброст за да се надминат краткорочните интереси, да се вложи во институции, во луѓе со кредибилитет и во визија што ги надминува партиските граници.  Без длабоки промени во политичката култура, без отчетност, транспарентност и вистинска антикорупциска борба, дури и нова влада ќе се соочи со истите болести како претходните. Потребен е „ресет“ на системот, а не само на лицата кои го водат. Ако нешто не се промени – од внатре, не од Брисел – ако продолжи трендот на политичка неконструктивност и манипулација, државата ќе продолжи да тоне во безнадежност. Земјата ризикува не само застој, туку и нова фаза на политичка и општествена фрагментација. Време е за нова генерација политичари кои нема да мислат на избори, туку на иднината. Граѓаните се уморни од крокодилите – време е баричката конечно да се исуши, а политичката сцена да се исчисти од оние што со децении ѝ нанесуваат штета. Надежта останува, но времето истекува…

ПС. Во нашава Чаршија се поведе жива расправа за таканаречена широка влада. Ќе бидат сите на куп за да се напише „ветената домашна задача“, да се отвори Уставот за да се убацат (внесат) Бугарите во него. Ова кај Европјаните, а и кај стратешкиот партнер, „Гордите“ го туркаат со изговор дека само вака, на следните Парламентарни избори сите партии, и од лево и од десно, ќе имаат иста пол позиција, и ќе нема ниту патриоти, ниту предавници.

Тоа за сегашнава опозиција би личело на влегување во погрешен воз каде што следствено е дека секоја станица е погрешна.  „Комбинаториките“ што ќе бидат во октомври, кој со кого, како и зошто ќе бидат тема во следната Колумна.

 

Марјан Славко

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија