Максо КАПУТ!

Уредник
Се чита за 10 минути

Во политичкиот пејзаж на Македонија постојат градови кои симболизираат одредена константа, и градови кои се огледало на промена. Куманово отсекогаш бил и двете.

Куманово е посебен политички микрокосмос во Македонија – град каде што етничката, политичката и социјалната структура е комплексна, а политичките битки се често пореални и пожестоки отколку на државно ниво.

На прв поглед, годинешниве локални избори изгледаат како класичен локален изборен судир. Но суштината е подлабока. Тоа ќе се избори во кои ќе се испреплетат лични амбиции, партиски стратегии, геополитички интереси и локални етнички и социјални реалности.

Еве едно мое аналитичко и политиколошко размислување…

Oктомври, во градот херој – еден од најполитизираните и етнички најразноликите градови кај нас, повторно ќе биде епицентар на локалната политичка динамика. Ќе се води една од најзначајните политички битки која ќе е пресудна за политичката судбина на поединци, па дури и за цели партии.

Куманово оваа есен нема да избира само градоначалник. Ќе избира меѓу стилови на владеење, политички визии и, на крајот, вредносни модели. Можеби токму овде, во градот каде секогаш има нешто „повеќе“, ќе се види дали Македонија се менува. Или само ротираме фигури на иста табла.

Актуелниот градоначалник, Максим Димитриевски, влегува во изборната трка со голем багаж – и симболички и политички. Како основач и лидер на ЗНАМ, тој ја презеде ризичната улога на партиски спонзор, идеолог и оперативец во исто време. Но она што порано му носеше симпатии како независен критичар на власта, денес може да му се врати како слабост: отсутност на реална партиска структура, прекумерен персонален култ и се погласни обвинувања за клиентелизам и авторитарност.

По двете „безбедни“ победи во 2017 и 2021 година, Димитриевски во 2025 година се соочува со најтешката политичка битка досега. Со распукани односи со СДСМ, неформална изолација од ВМРО-ДПМНЕ и сè понеодредена поддршка од албанскиот политички спектар, неговата победа ќе зависи исклучиво од мобилизацијата на сопствената локална мрежа и од евентуални предизборни алијанси – кои, засега, се неизвесни.

Во овие избори Максо влегува не само како кандидат за уште еден мандат, туку и како човек кој ја игра својата политичка егзистенција. Ова е негова самоодбранбена мисија. Отворениот судир со СДСМ го стави во позиција на човек што мора да победи – за да преживее политички. Ако, пак, изгуби, ќе стане пример за тоа колку е краткотраен животот на политичките проекти базирани на еден човек.

Неколкуте сериозни „забелешки“ што неодамна ги изнесоа од СДСМ, фирмата во Бугарија, становите за по неколку стотици евра, неговата вмешаност со купопродажбата на земјиштето на Лидл, се сериозна пречка за трет негов мандат… Го урнисаа митот што преку ноќ се создаде за него, за голем патриот, за чесен човек… Го одалечија од целта, и тоа многу.

Згора на се спроти него ќе има кандидати што се пообразовани и, што е многу важно, почесни…

Дарко Ристовски е сè она што Димитриевски не е – и токму затоа е меѓу фаворитите за нов прв човек на Куманово. Тој не е само антипод на Максо – тој е обид на партијата да ги рехабилитира сопствените позиции во градот. Технократски профил, поддржан од централата, со имиџ на млад, образован и стабилен кандидат кој е далеку од локалните кланови и е со капацитет да ја врати довербата на урбаното, интелектуално и умерено гласачко тело. Тој е дел од новата кадровска политика на социјалдемократите која испраќа јасна порака: враќање со „нова генерација“ и, што е многу важно да покаже, дека „заморот“ од старата гарнитура е надминат и која, се чини, ќе успее да ги мобилизира своите традиционални гласачи во урбаните и мултиетничките делови на градот.

СДСМ нема луксуз да експериментира во Куманово – загубата на овој град би значела продолжување на рецесијата во партиската инфраструктура. Ристовски, кој треба или ја рефлектира „новата слика“ на партијата по изборите во 2024 година, во тој контекст, е инвестиција во доверба, но и обид да се стави крај на „ерaта на градоначалникот-гувернер“.

Ако победи на изборите ќе мора да покаже дека знае да владее поинаку – одговорно, отчетно и со институционална зрелост.

Реалната шанса на Ристовски зависи од три елементи, од интензитетот на поддршката од централата на СДСМ, од мобилизацијата на урбаното гласачко тело и од позицијата на албанските партии, кои, во случај на индиректна поддршка, би можеле да ја пресечат тесната трка во негова полза.

Покрај него, на сцената се појавуваат уште две имиња. Сè уште во доменот на шпекулација , но  доволно за да предизвикаат интерес. Независен кандидат или можен фронтмен на тивка поддршка од опозицијата? Независен кандидат кој би можел да го искористи заморот од вечната поларизација и да им понуди излез на сите што се разочарани од Димитриевски и да стане т.н. „game changer“. Особено ако ВМРО-ДПМНЕ реши стратешки да остане настрана, без сопствен кандидат, оставајќи го теренот отворен за негова полетна кампања.Независен кандидат, како личност која не е компромитирана, со професионален интегритет и јасен локален профил, доколку настапи, би бил играч кој го отстранува „монополот“ на антивладина реторика што досега го имаше Димитриевски и ќе биде мерило за тоа дали Македонија конечно е подготвена за независни, непартиски кандидати кои не се пиончиња во туѓа игра.

Доколку добие неформална поддршка од опозициски структури, а особено ако ВМРО-ДПМНЕ реши да го спасува Максо и да не кандидира сопствен човек, тогаш независен кандидат може да го пресретне Димитриевски на поле на кое тој досега беше доминантен – „надпартискиот фронт“.

Политичката математика во Куманово никогаш не е комплетна без албанскиот глас. Во град каде албанскиот електорат е околу 30%, влијанието на етничката аритметика врз политичката архитектура е огромно. Поддршката на ДУИ, Алијанса за Албанците, Алтернатива или Вреди, може да го одлучи победникот. Ако тактички поддржат кандидат со најмногу шанси да победи – на пример, Ристовски – тогаш тоа е јасен сигнал дека сакаат стабилен партнер на локално ниво. Ако, пак, дел од нивната база го поддржи Димитриевски, тоа би било на основа на лични врски, а не на политичка пресметка – нешто што е сè потешко одржливо во актуелната геополитичка клима.

Во 2021 година, добар дел од албанските гласови, формално или неформално, беа на страната на Димитриевски. Денес, во услови на нова политичка реалност, со Вреди како зголемен фактор, таа поддршка не е сигурна. Особено ако СДСМ вети поконкретна рамнотежа во распределба на ресурси и функции. Во таков случај, дури и тивка поддршка на Ристовски би можела да го запечати исходот.

ВМРО-ДПМНЕ не му верува на Максим Димитриевски, туку го користи. Во моментов, тој им е „непријател на непријателот“. Ништо повеќе. Во Куманово можеби им се исплати да му дадат тивка поддршка, ако тоа значи пораз за СДСМ.

Во локалниот огранок на партијата постои дилема – дали да се влезе во играва со сопствен кандидат (и така да го „разводни“ опозицискиот блок), или да се поддржи Димитриевски неформално или формално, сеедно. Втората опција е поверојатна ако нивната проценка е дека само тој може да ја победи СДСМ. Но, тоа би било политички ризично – со оглед на нестабилноста и непредвидливиот карактер на Димитриевски.

Октомври еве го кај ни е… Што ќе се случи во Куманово ќе видиме… Ќе се гласа за визија и просперитет или за „кумовска тајфа“ останува на кумановци. Како и да е, факт е дека изборите ќе се референдум за стилот на владеење на Димитриевски, тест за кадровската политика на СДСМ, и вратичка за нови играчи во политичкиот систем.

Кој ќе победи во Куманово ќе има политички капитал што ќе оди подалеку од локалната сцена. А, кој ќе загуби – веројатно ќе исчезне од неа.

ПС. „Димитриевиќ“ оди на се или ништо. Ама, со оглед на тоа како стојат работите многу сум убеден оди на – НИШТО. Не велам оди туку граби, трча кон амбисот. Со манир на искусен шибицар ги шитка Скопје и скопските општините само за да го спаси својот задник. Тоа дека соработката со ВМРО значи губење на идентитетот на ЗНАМ како алтернатива и внатрешно разочарување и демотивираност на сопствените активисти и не му е толку важно.

Актерот опкружен со „салутери“ без НАТО сертификати, проткајан и проникнат од канцеларијата на Бранко, актер чиј интелектуален капацитет им оди на рака и на неговите ментори и на „скопјаните“ околу него, во политичкиот живот во државава ако изгуби ќе остане само со слика во ходникот на општинската зграда дека „беше еднаш на Дивиот Запад“. И толку.

 

Марјан Славко

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија