Мултимедијален настан во Уметничката галерија во Куманово

Уредник
Се чита за 2 минути

Во петок (27 март), со почеток од 20 часот, ќе имаме можност да проследиме мултимедијален настан кој обединува визуелна уметност, промоција на книга и музички перформанс, а ќе се одржи во Уметничката галерија при НУ Музеј Куманово.

На настанот ќе биде отворена самостојната изложба „Прашина и сенки / Dust and Shadows“ на авторот Страхил М. Петровски.

М-р Страхил Петровски е наш сограѓанин, визуелен уметник, вработен во Музејот на македонската борба како советник конзерватор за метал и дрво и професор на Европскиот универзитет по предметот порано наречен „Фотографија и мултимедија“, а во последните неколку години само „Фотографија“.

Проектот, како што објаснува уметникот, ја истражува тенката линија меѓу присуството и неговиот одраз, преку симболиката на прашината како метафора за времето, меморијата и минливоста, како и сенките како трага на постоењето.

Потоа следи промоција на книгата „Дијалози за слободата“ од новинарот Љупчо Јолевски. Делото, како што посочува промоторот д-р Коста Милков, претставува збир на разговори со визуелни уметници, преку кои се откриваат нивните креативни процеси, мотиви и погледи за улогата на уметноста во општеството.

Во музичкиот дел од програмата ќе настапи Добрила Грашеска, една од истакнатите современи македонски уметници, позната по спојот на традиционални и современи музички изрази. Во рамки на настанот ќе настапат и младата кантавторка Веда Спасовиќ, како и импро-џез дуото составено од Глигор Кондовски (виолина) и Филип Методиев (гитара).

Настанот е во организација на Здружението „Фабрика Концепт“, со поддршка на Фондацијата за култура и спорт и Општина Куманово. Организаторите ја покануваат публиката да ја проследи „визуелно-тонската приказна“ која отвора простор за размислување, емоција и уметничка интеракција.

Р.П.

Споделете ја оваа статија