Максим математичарот

Уредник
Се чита за 14 минути

Македонија ќе стане сериозна држава тогаш кога лагата изговорена во изборна кампања ќе се смета за кривично дело.

Не, ова не е популистичка мисла, ниту некаков неостварлив сон. Ова е разумен, одамна посакуван, и правно остварлив предлог. Ќе дојде ден – ако сакаме државата да биде уредена, праведна и фер – кога ветувањето дадено од политичар, без намера да се исполни, ќе се квалификува како „доведување во заблуда со цел стекнување имотна корист“. А тоа, како што убаво знае секој обвинител, е казниво дело според Кривичниот законик.

Да појдеме од фактите.

Кога политичар – партиски претседател, носител на листа, иден министер, иден премиер или иден градоначалник – излезе пред народ и вети болници, автопатишта, спортски сали, аеродроми, плати од по 1.000 евра и повеќе и праведно општество за сите, тој влегува во директна комуникација со гласачот. Ја користи својата положба и медиумскиот простор за да добие нешто вредно – гласот. А, преку гласот – моќ, фотелја, влијание, функција, буџет, телохранители, службени коли, дневници, службени патувања, јавни тендери, поддршка од институции, јавни набавки, договори со државни фирми… и, што е најважно – имотна корист.

Да се лажат илјадници граѓани и со тоа да се стекне политичка функција, не е ништо помалку од организирана измама со национални димензии.

На скопјани им беше ветено – целосно бесплатен јавен превоз. Скопје се соочи со хаос – превозниците штрајкуваа, автобусите не возеа со денови… Ветувањето што не само што не беше исполнето, туку се претвори во карикатура. Превозот стана полош отколку пред изборите.

Проектите за нови Клинички центар се преносни како врел костен меѓу влади, со студии и измени на планови. Ниедна влада не започна изградба. Се менуваат локации, трошоци и рокови, но нема ни камен-темелник. Празно ветување со нула реализација, илустрација за политички маркетинг без намера за извршување.

А, изградбата на аеродром во Штип и во Струга, во рамки на „проекти за регионален развој“, а!?
Е, за нив освен соопштенија, медиумски најави и графички рендери, не постои ниту студија за изводливост, ниту анализа на потреба, ниту локациска дозвола. Ветување без никаква основа, искористено во изборна кампања за ефект на „големи визии“, без допир со реалноста.

Лагата, почитувани пријатели, не е ништо друго освен механизам за власт.

Македонскиот Кривичен законик е многу јасен. Членот 247 вели дека измама постои кога „некоj со намера да доведе друг во заблуда, со лажно прикажување на факти […] за себе или за друг ќе прибави противправна имотна корист“. Ајде да преведеме на „нашки“.

Кога кандидатот ветува нешто што знае дека нема да го исполни, кога тоа го прави за да добие доверба, за после изборите да стане некој и нешто, градоначалник, министер или директор, тој ја користи лагата како средство за лична корист. Тоа се нарекува доведување во заблуда. А, станува функционер со плата од 100.000 денари, службен автомобил, дневници, додатоци, углед и привилегии. Тоа се нарекува имотна корист. И ако тоа не е „противправно“ – тогаш не знам што е.

Во секоја друга професија, ако некој лаже за да добие нешто вредно, следи санкција. Ако поднесете лажна изјава за социјална помош – ќе ве гонат. Ако на тендер дадете лажни податоци – ве дисквалификуваат. Ако дадете лажна изјава под заклетва – тоа е кривично дело. Само политичарот, изгледа, е изземен од сè.

Политиката е како слободна зона за лаги.

Да се разбереме, таа никаде не е совршено чесна. И во ЕУ, и во САД, постојат празни ветувања. Но разликата е во последиците. Во зрели демократии, ако еден политичар не го исполни тоа што го ветил – следува јавна дебата, новинарско испитување, пад на рејтинг, оставка, одговорност. Кај нас – следува ново вешто пакувано ветување.

Изборните програми се претворени во литература на фикција. Никој не бара одговорност, ниту пак има правна основа за тоа. Зошто? Затоа што никој не се осмелил да го постави прашањето: А, што ако лагата во кампања не е само неетична, туку и незаконска?

Да бидеме појасни: дали е нормално кандидат за градоначалник да вети три спортски сали и ниедна да не направи? Или премиер да вети повеќе стотици евра за секое новороденче и да не даде ниту денар? Или партија да најави ревизија на сите тендери, а потоа да молчи за скандалите?

Овие лаги се прифатени како „политичка реалност“. Но тоа не ги прави легални, ниту морално оправдани. И токму тука е коренот на проблемот: затоа што лагата е легитимирана како политичка алатка.

Праксата покажува дека лагата е како систем за стекнување моќ. Во Македонија веќе триесет години лагата е средство за владеење. Партиите шират ветувања што се копираат од избори во избори, само со мали козметички разлики. Ниту една влада нема направено ревизија на неисполнетите ветувања на претходната. Ниту една институција нема мандат да следи дали ветеното е остварено. Ниту едно обвинителство не покренало постапка за изборна измама базирана на лажно ветување.

Во таа атмосфера, лагата стана неказнива. А кога лагата е неказнива, таа станува правило. А кога станува правило – тогаш демократијата се претвора во претстава.

Изборите не се повеќе избор помеѓу идеи, туку натпревар во поголеми лаги. Кој ќе ветува повеќе – добива. А граѓанинот, измамен и манипулиран, секојпат одново го губи гласот, надежта и довербата.

Закони има, ама тие не важат за сите.

Да не заборавиме: постои Член 353 од Кривичниот законик – злоупотреба на службената положба. Ако некој, на пример, како функционер неосновано донесе одлука за лично или партиско профитирање, ќе одговара. Но ако пред да стане функционер лаже за да добие гласови – тоа не е ништо? Зарем функцијата стекната со лага не е „плод на кривично дело“?

Да не бидеме наивни. Политичарите лажат со намера. Ветуваат невозможни работи, знаејќи дека нема да има одговорност. Кога ќе дојдат на власт – ја забораваат програмата. А кога ќе ги прашаш зошто ништо не е направено – ќе ти кажат „немаше време“, „немаше пари“, „виновна е претходната власт“. Изговори – со килограми и со тони. Одговорност – ниту еден грам.

Решение постои и тоа како. А тоа е – ветувањето да стане обврска.

Што би значело вистинска одговорност? Прво – да се регистрира секое изборно ветување во Државната изборна комисија. Второ – да се направи независен механизам за следење на исполнетоста на програмите. Трето – да се утврди намерата: дали неисполнувањето е резултат на реална пречка или на свесна измама. Четврто – ако се утврди дека ветувањето било лажно, и дало лична корист – да се покрене кривична постапка.

Да. Точно така. Како што се суди на граѓанин кој дал лажна изјава за кредит, или на претприемач кој приложил лажен извештај – така да се суди и на кандидат кој лажел за да стане градоначалник.

Тоа е прашање на еднаквост пред законот. Ако важи за обичниот човек – мора да важи и за политичарот.

Крај со безодговорноста. Нема друго. Не постои друг начин да се доведеме во ред.

Со години слушаме како „гласот е свето право“. Точно. Но тоа право станува бесмислено ако гласот се добива со лага. Во суштина, изборната лага е напад врз суверенитетот на народот. Таа го краде правото на информиран избор. Таа ја поткопува демократијата.

Затоа, време е лагата да се третира како што заслужува. Не како „дел од играта“, туку како дел од кривичното право. Лагата не смее да биде политичка стратегија. Таа мора да биде правна одговорност.

Во спротивно, секој нареден избор ќе биде фарса. Секој нов мандат – нова лага. А државата? Таа ќе остане заложник на лични интереси и колективна амнезија.

Нема сериозна држава без сериозна одговорност. И нема политичка култура без последици за лагата. Македонија ќе стане зрела демократија тогаш кога политичарот ќе знае дека за секој збор даден во кампања – може да биде повикан на одговорност. Дека функцијата добиена со лага е привилегија украдена од народот. И дека на крајот – вистината не може да се порази, само да се одложи.

Дотогаш, останува да се прашаме: ќе продолжиме ли да им веруваме? Или конечно ќе ги натераме да одговараат?

Кога говориме за лагите во политиката, тешко е да се најде појасен пример од оној на нашиот градоначалник , Максим Димитриевски. Најавувајќи кандидатура за нов мандат, тој себе си се претставува како „исклучително чесен човек“, кој ќе продолжи да ги брани интересите на граѓаните. Но, реалноста говори поинаку.

Се сеќавате ли, ни ветуваше се и сешто, и брда и долини, чиниш ќе ги качеше сите кумановци на Месечината, а луѓето „не мрднаа никаде“.

Неговите настапи се претворија во паради на илузии, манипулации и ветувања кои ниту се планирани, ниту некој сериозно има намера да ги исполни. Од позиција на градоначалник и партиски лидер со леснотија ветуваше економски бум, повисоки плати, болници, образовни реформи, правда, европска иднина – сè додека не ги доби гласовите. Потоа, сè падна во заборав. Се ујдиса со Христијан Фон Мицкоски и освен за него, и за децата на Бранко, оти нели само тие ЗНААТ како треба, за никој ништо не направи.

Името на Архимандритот Моравско-Вардарски кај кого лагата одамна не е девијација – туку е норма, кому од математичките функции најповеќе му оди „собирање“ и „множење“, а таквиот начин на работа, не на кумановци, туку нему лично, му донесе многу нули на банкарската сметка, во последните години се поврзува со неколку скандали кои ја поткопуваат довербата во неговата чесност.

Најконтроверзен беше случајот со спорната продажба на земјиште на семејството Димитриевски, каде парцелата продадена за значително поголема сума од вкупната цена на купување, предизвика сомнежи за конфликт на интереси и злоупотреба на службената положба.

Дополнително, „Димитриевиќ“ се соочи со обвиненија за злоупотреба при исплата на вработени во Општината, што тој го оцени како политички притисок, но јавноста не ја заборави оваа афера. Контроверзни се и неговите средби со рускиот амбасадор, што ги буди сомнежите за можни геополитички игри во заднина.

Сите овие факти ја раскажуваат приказната што секој внимателен граѓанин ја препознава: политичарите кои ветуваат чесност и транспарентност често се најголемите мајстори на дволичноста и лагите. А, овој нашиов, е токму тој пример – пред избори сјае со чесност, а зад сцената околу него се преплетуваат афери што ги гушат вистинските потреби на граѓаните.

И додека „Димитријевиќ“ ја третира лагата како „стратегија“, кумановци ја плаќаат цената со разочараност, апатија и масовна заминување.

Во градот расте недовербата, а со неа и политичката апатија. Има ли излез од кумановскиов ќорсокак? Да – со одговорност. И не се не се работи за утопија, туку за реалност.

Или народот ќе се разбуди и ќе почне да бара отчет, или ќе живееме во вечна предизборна фарса.

Да не дозволиме да продолжиме да гледаме како на чело на градот ни стои човек со лажни ветувања и сомнителна честитост, кој не е одговорен пред народот, туку само пред сопствениот интерес.

Неопходна ни е промена… Одговорност… Меморија…

Инаку, тешко нам…

 

ПС: „Кога ветуваш бесплатен превоз, нови клинички центри, аеродроми и стотици евра за дете – а не исполниш ништо, тоа не е ‘политичка игра’, туку организирана измама. А за измама – има казна. Или би требало да има. Сѐ додека лагата не стане казнива, Македонија ќе биде заложник на најгласните, а не на најчесните.“

 

Марјан Славко

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија