„Гордите“ влегоа на слеп колосек

Уредник
Се чита за 12 минути

Христијан Мицкоски срамежливо за на есен најави двојни избори. И локални и парламентарни. Ќе се изнагледаме се и сешто. Ќе биде тоа демонстрација на „заедништво“, на гушкања. Коалиции вакви и онакви. Дури и невозможни. Оние што сега по дебатните емисии се пцујат, навредуваат и омаловажуваат во октомври ќе си подадат рака, не затоа што се сменила суштината, туку затоа што аритметиката вели дека заедно ќе имаат 61 пратеник.

Впрочем, коалициите кај нас не се градат врз идеолошка блискост, туку со собирање и вадење и со множење и делење, за добивање власт.

Имајќи ги предвид имињата кои се во оптек, за градоначалници и пратеници, ми се чини дека уште многу ќе ги гледаме главите на едни те исти како од уличните бандери и билборди ни порачуваат дека баш тие ќе не поведат во подобар живот и ќе го спасат сопствениот народ од „загрозеност“, ама не кажуваат од каде таа доаѓа.

Мицкоски од сите политички чинители најповеќе сака двојни избори. „Даскалот“, како што тој милува да го нарекуваат, ќе направи се, и што треба и што не треба, само да има Парламентарни.

Како Дамоклов меч на глава му виси трагедијата во Кочани од која од петни жили се обидува да се спаси.

„Гордиот“, нечувствителен, без осет за срам и без трунка морал во себе, Мицкоски, чии постапки докажуваат игнорирање на универзалните или моралните принципи, ниту речиси два месеци по трагедијата не собра храброст да се соочи со родителите и со роднините на загинатите во пожарот во дискотеката, ако можеби воопшто може да се нарече дискотека, „Пулс“.

Тој досега со манипулации и трикови, што се едни од најпрефинетите и најефикасни механизми во политиката, селективно прикажува факти, врши контрола на наративи, поттикнува страв кај населението и постојано го менува фокусот, за да создаде слика за себе како „спасител“, иако неговите постапки го уништуваат системот одвнатре. Медиумите му се главното оружје во таа игра. Преку финансирање под маса, со закани, политички влијанија и лични пријателства тие (чест на исклучоци) станаа гласноговорници на неговите интереси и, наместо да ја истакнуваат вистината, креираат „реалности“ во кои непријателот секогаш е некој друг, а тој, „вождот“, секогаш е „на страната на народот“.

Пресветиот архиепископ Мицкоски, не гледа дека водиме беден, дехуманизиран, страшен живот, не гледа дека тука сѐ е непријатно и лошо, типично тоталитарно и еколошки деградирано, дека не карактеризира угнетувачка општествена контрола, дека живееме во некакво утописко општество, уништено и извртено, туку само се рашетува по светот. За златен саат што го добиваат на подарок од шеиците цел авион се одвлечкаа на Блискиот Исток. По една недела жестоки преговори, божем ја решаваат војната што се води меѓу Русија и Украина, издејствуваа ни помалку ни повеќе да можеме без визи да одиме во Саудиска Арабија.

Но, не е само загинувањето на 62 млади момчиња и девојки, тоа што го мачи. Голем е јазот меѓу членовите во „патриотическата“ партија кои како племенски заедници се поделени на фракции… Од првиот ден од владеењето има вистинска војна меѓу нив. Лицемери пуштено на најјако. Еден со друг се јадат како канибали… и ќе се изедат… А, глумат слога пред народот.

Во МВР, каде што се губи или се добива власта, е најжестоко. Врвното раководство е нефункционално. Дуелот Панче Тошковски – Александар Јанев од ден на ден станува се поинтересен. Искричење меѓу нив двајца има уште од првиот ден.

Засега Јанев е во предност. Му појде од рака, и тоа не еднаш, туку во повеќе наврати да го декласира институционално поголемиот од него и да го претстави како нешто валкано, нешто што не е достојно за почит, туку е за секаква осуда.

Тоа што одамна не зборат, освен пред камери, па ни тогаш, и не е толку важно.

Панче беше гроги по лизгачкиот старт на директорот, со објавувањето на пресудата за таткото на министерот, Ташко, за проневерите што ги правел за добивање инвалидски пензии, со која е осуден условно на две години затвор. Извори од „прва зграда“ велат дека имало кошкање, клоцање и по некој удар…

Мицкоски со овој случај е „ни змија, ни магаре“. Се прави „на Тошо“. Барем засега. Ниту е да го смени Панче, ниту е да го тргне Аце.

Засега сигурно нема да повлече потег што ќе предизвика чудење во јавноста. Тешко дека ќе може на Аце Јанев да му каже дека не е дел од партиските планови за „новата сезона“. Не верувам дека може да го отпише без голема галама, затоа што не ќе има друг поверодостоен од него што ќе го штити вмровскиот капитал.

Се мислам дека повеќе на Панче ќе му пружи „достојно простување од полицискиот дрес“ отколку што тоа може да му го направи на директорот на Бирото за јавна безбедност.

„Даскалот“ знае дека напнатоста меѓу „гордите“ е голема, а тоа го потврдуваат се поизразените објави на социјалните мрежи на незадоволните, дека врие во кумановскиот Комитет по најавата дека Максим е нивниот војвода, дека оној од Папрадиште, Велешко, Орце, и оној од скопска Керамидница, Бобан, веќе испечатиле маици дека се градоначалници на Скопје, па сакајќи да ги среди работите решението го бара во изборите на есен.

Изборите ќе бидат првиот тест за „новата“ СДСМ. Тие ќе покажат дали партијата сеуште има функционална структура или е во аут. Ако резултатите бидат катастрофални, тоа би можело да го забрза процесот на одење удолу, кон понорот. Најавија дека ја почнале селекцијата за градоначалници и советници, а и дека, со подмладен состав многу почесен и неизвалкан ќе атакуваат за освојување на владината зграда на „Илинденска“. Велат подготвени се за тоа. Ако социјалдемократите во мечот влезат без Таче, Јован Митрески, арогантната Тренчевска, секогаш индиспонираната Даниела Николова, „градежникот“ Љупчо Николовски, и без Бочварски и Костадиновска-Стојчевска и доколку успеат да се исчистат од натрапници како драчевецот Пеце – викан Венеција, Рашко и таквите како Рашко, тогаш не се исклучува можноста да успеат да се искачат на тронот.

Реформираната ДУИ, се чини, ја надмина кризата и дека за евентуалните предвремени парламентарни избори, во неа името и заслугите нема да значат ништо.

Артан Груби и Бујар Османи, заради кои навивачката група „Огнени“ го крена гласот се веќе отпишани од политиката. Едниот е во бегство, а за другиот се вели дека ќе ја продолжел лекарската кариера во болница во Турција. Шефот на стручниот штаб, Ахмети, за претстојниот „натпревар“ нема да смета на петмина досега стандардни играчи во тимот на „интегративците“.

Исмаил Јахоски поради „повреда“ подолго време ќе отсуствува од политичкиот терен, а нема да изненади и ако со распуштањето на сегашниот состав на Парламентот најави дека ја завршува кариерата и дека „копачките ќе ги закачи на клин“. Ахмети бара замена за Блерим Беџети и Муса Џафери кои мора да паузираат поради „два жолти картони“. Нив треба да ги заменат „играчи од младинскиот погон“ на партијата. Се поизвесно е дека ќе се откаже од услугите и дека нема да истрчаат на теренот и Садула Дураку и Илир Хасани. Тие, според информациите од таборот на клубот од Мала Речица, веќе „добиле исписници“.

Левица во моментов е „на средина на табелата“ со добри изгледи доколку се случат предвремени парламентарни избори да освои пратеници со кој број ќе се искачи на некои од местата што водат во „некој од куповите“, а тоа значи да има пратеници со кои ќе може да биде чинител во нова влада што нема да ја предводи ВМРО-ДПМНЕ.

Оние што, демек, знаат се, следбениците на Максим Димитриевски се избезумени. Дезориентирани се. Изгубени се во просторот и времето. Не знаат на каде тераат. Кај нив незадоволство има до бескрај. Тоа не се чувствува само кај петтемина вдомени. Во Општинската во Ѓорче се дискутира сс боксови, во таа во Гази Баба се прават работи спротивни на тие на шефот, а пак во Аеродром се пред затварање. Расте гневот поради сознанијата дека Максим по секоја цена треба да остане градоначалник на Куманово, а за возврат на поддршката што таму ќе ја добие од ВМРО-ДПМНЕ го дава цело Скопје.

Јуда, кој беше благајник меѓу апостолите, само поради слава и љубов кон парите, за 30 сребреници го предаде Исус. Тој стана предавник кому материјалните работи му беа над искреноста, чувањето на образот и пријателството. А, колку Јудовци има во ЗНАМ ?

За оние фамилијарните партии, онаа на Стојанче и онаа на Павле, чии годишни конференции ги одржуваат седнати на маса кај нив во салон, илузорно е да трошам зборови.

Се прашував и секогаш ќе се прашувам како поединци, како двајцава споменати, успеаја да станат фактор, за кои се знае дека ако се сами на листа, за нив би гласало избирачко тело со величина на една зграда или, во за нив најдобар случај, месна заедница.

Ама, па ми текна на една мудрост што многу одамна ми ја кажа еден стар човек, мој сосед. „Полжавот со лигавење се качува на врвот на тополата“.

 

ПС: Предвремени парламентарни избори очигледно е дека ќе има и тоа ќе биде последен обид за наш некаков од кон напред.

Но, само избори како избори не ни се никакво решение. Без департизација на институциите, антикорупциска борба и казни за оние што ја злоупотребиле моќта, тие ќе бидат само уште едно големо ништо.

Премиерот е бедем пред државата. Ако бедемот е целосен на сите места, државата ќе биде силна, ама па ако бедемот има недостатоци, тогаш државата ќе биде слаба.

Сегашниов не само што не е бедем, туку има и недостатоци… и тоа многу.

Го преживеавме Коле, ама и „наметнатиот“ Таче, ќе го преживееме и Мицика, сигурен сум. Веројатно можеме поинаку и подобро.

Дека може, а и треба подобро изгледа многумина заборавија. Да го сториме тоа што треба…

Оти, километрите одат, а кривините на пругата се потешко можат да се исправат, дури ќе стане и невозможно.

 

Марјан Славко

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија