МОИТЕ ТОП 5 Со Сашо Тодоровски

Уредник
Се чита за 6 минути

Сашо Тодоровски директор на Центар за култура ,,Трајко Прокопиев” Куманово.

Секоја книга која сум ја прочитал оставила парче од мозаикот кој се уште го составувам во моето битие читајќи и осознавајќи нови светови и односи помеѓу луѓето преку книгите. Тешко е да се одберат пет омилени книги, бидејќи секоја оставила траг во мене и со своето дејствие ме потикнала да бидам подобар и поправичен човек. За вашиот весник се одлучив на овие пет книги кои препорачувам секој да ги прочита.

Тврдина – од Меша Селимовиќ – роман кој кога ќе го прочитате дефинитивно ќе сфатите дека добрината, емпатијата и убовта ви се потребни за да можете да опстанете во овој наш свет. По читањето на оваа книга со сигурност ќе ви се отвори нов поглед кон светот, кон луѓето, едноставно се што до тогаш сте мислеле и размислувале ќе видите дека во голема мера било погрешно и би требало да почнете да се менувате самите себе си, а со тоа ќе се смени и светот околу вас и луѓето.Топла и убава приказна која ја раскажува младиот Ахмед Шабо од Сараево.

Клетници – од Виктор Иго – роман историја кој ќе ја разбуди во вас емпатијата, добрината, ќе видите разни животни судбини кои може да ги доживее секој од нас, среќа, неизмерна среќа и несреќа, работи кои во овој одличен роман на францускиот романтичар се претставени на еден мајсторски начин и верувајте колку и да ви изгледаат премногу тие шест тома од овој роман, после него ќе бидете побогати за едно големо искуство, ќе доживеете работи кои авторот со неговото големо животно искуство ви ги дава да ги искусите и проживеете исто како и ликовите од овој роман кои се прикажани на еден маестрален начин. Искачувајќи ја оваа планина наречена Клетници ќе видите дека секој минут кој сте го поминале со оваа книга ќе ви биде драгоцено искуство.

Белата долина – од Симон Дракул, наш македонски роман во кој на прво место е поставен човекот и неговата борба во општеството, прдизвиците со кои тој се соочува, со можноста кога останува сам со себе да се справува со секој предизвик и проблем. Главниот лик Змeјко е човекот кој треба да биде нашиот идеал, човек кој сака ги менува работите на подобро, иако од сите страни е удиран од неправдите кои му ги нанесуваат луѓето. Роман кој топло го препорачувам да го прочитате.

Браќа Карамазови – од Фјодор Достоевски – роман кој ќе ве оплемени, и ќе ви ги покаже и прикаже односите помеѓу луѓето кои можеби сте сакале и сте се обидувале да ги откриете, но не сте знаеле и можеле како. Овој роман кој има повеќе слоеви на еден убав начин ќе ви ги претстави односите помеѓу луѓето, ќе ви ја прикаже верата и вербата преку ликовите, се водат дискусии и дилеми за верувањето во Бог, за лажниот морал, лажните верници, за радоста и тагата. Моралните дилеми, прашањата кои се поставуваат во овој роман, за етиката, за волјата – се работи кои тука се објаснуваат преку еден мајсторски начин. Едноставно после читањето на овој роман кој оставил голема трага во светската книжевност сигурно ќе сакате да прочитат. и други дела од Достоевски бидејќи неговите дела се мозаик кој треба да го составите.Во секој негов роман има по нешто од некој негов друг роман. Роман кој задолжително мора да биде прочитан.

Игра во ржта – од Џером Д. Селинџер – роман кој е различен од погореспоменатите и во начинот на пишувањето и во темата и пораката, роман кој кој ќе ве помрдне од тлото кога ќе го прочитате. Младиот Холден кој е главниот лик не потесетува за минливоста на животот, за тоа дека сите сме само обични луѓе, дека колку егото ни е поголемо толку сме помали во очите на другите, а мислиме дека сме големи. За тоа дека треба да бидеме луѓе и тоа обични луѓе. Роман кој ги ошамарува лажните вредности, кој вистината ни ја кажува во лице, кој соголува. Книга која ќе ја прочитате за едно попладне, а ќе ви остане трајно да и се навраќате. За крај би го оставил тука цитатот од оваа книга – ,,Тоа што навистина може да ме нокаутира е книга која кога ќе ја прочитате, ќе посакате авторот да биде ваш близок пријател и да може да му се јавите на телефон кога и да ви падне напамет. А тоа не се случува толку често.

Пет песни кои секогаш би можел да ги слушам се:

  1. Simply the best – Тина Тарнер
  2. Everything I do I do it for you – Брајан Адамс
  3. Wind OF Change – Scorpions
  4. Интервали – Е да сакаш
  5. Владо Јаневски – Црно тиквешко

Пет филмови кои сум ги гледал и можам и по неколку пати да ги гледам се:

  1. Африканска кралица
  2. Мизери
  3. Убава жена
  4. Шиндлерова листа
  5. Ана и кралот
ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија