Од 29 до 31 мај во Куманово, ќе се одржи единаесеттото издание на Малински фото фестивалот, еден од најзначајните фотографски настани на Балканот, во организација на Фото клуб Куманово. По тој повод разговараме со претседателот на Клубот Наум Цветковски, којшто својата фото кариера ја започна во него и на чие чело застана од ова година.

1. Како се роди идејата за Малински фото фестивал и што беше најголемиот мотив за негово создавање?
Идејата за Малински фото фестивал доаѓа фамилијата Малински кои се камен темелник на македонската фотографија. Фамилијата Малински е фотографска фамилија која доаѓа од Куманово и токму поради тоа ние како Фото клуб Куманово им оддаваме почит. Фестивалот го добил името за да биде обележан и запишан еден период од кумановската фотографска историја и да се документираат такви великани кои не треба да се заборават.

2. По што овогодинешното издание ќе се разликува од претходните?
Овогодишното издание на Фестивалот, во споредба од останатите години, ќе се разликува по местото на одржување. Претходната година фестивалот се одржуваше во Куманово, како негов матичен град, и Штип, како партнерски град, додека оваа година Штип е заменет со Крива Паланка, за да може да се остварат познанства и конекции и со другите градови во Македонија.
3. Колку држави и автори учествуваат годинава?
И оваа година како, како и досега, учество ќе земаат наши домашни автори кои ја красат нашата фотографска сцена. Но сепак, Фестивалот е интернационален и ќе имаме и автори со големи звања и престижни награди од Турција, Србија, Бугарија, Босна, Кина, Литванија и др.
4. Кои се главните теми и категории на Фестивалот?
Фестивалот има повеќе изложби на кои секој автор има можност да ги покаже своите вештини во одредени теми како што се: црно-бела фотографија, слободна колор фотографија, улична фотографија (street), новинарска фотографија и други различни теми.
5. Според Вас, што го прави овој Фестивал препознатлив на интернационално ниво?
Овој Фестивал има одлика на интернационален фестивал поради членовите кои го организираат, односно нивните звања кои доведуваат до нови познанства и имаат можност да поканат различни автори кои можат да дојдат и да ја фотографираат нашата Македонија и да ја претстават на фотографски начин.

6. Колку е важно што Фестивалот носи фотографи од различни култури на едно место?
Како што кажав, овој фестивал не е наменет само за фотографирање тука влегуваат и дружењата и запознавањата и тоа се носи нови култури, нови знаења нови познанства кои го креваат на повисоко ниво.
7. Дали годинава има некој специјален гостин, изложба или работилница што особено би ја издвоиле?
Кај нас сите автори се еднакво важни и не можеме да издвоиме поединец затоа што сите носат иста тежина и исти фотографски очи.
8. Ако треба со една реченица да го опишете Малински фото фестивал — како би звучела таа?
Фестивал на фотографија, дружба, уметност и многу различни особини, вреди да се посети.
9. Што сакате посетителите да почувствуваат кога ќе ја напуштат изложбата?
Па, како секој домаќин што сака на гостите да им е пријатно и удобно, така е и кај нас.

10. Дали Фестивалот има амбиција да стане еден од водечките фотографски настани во регионот?
Секогаш настојуваме да ја зголемиме посетеноста и да ги поканиме сите и така ќе биде можно да се крене овој Фестивал на уште повисоко ниво.
11. Колку е тешко да се организира интернационален фестивал во денешни услови?
Како за секој фестивал така и за овој потребни се волја и надеж. Во Фото клуб Куманово ги имаме и двете. Средствата кои ни се потребни за да ги задоволиме техничките барања на Фестивалот се одобрени од Министерството за култура и од Општината.
12. Колку институциите и локалната заедница го поддржуваат Фестивалот?
Фестивалот го поддржува Фото клуб Куманово како организатор, Општината со финански средства, а Кумановската галерија, Занаетчискиот дом и Културниот дом го обезбедуваат просторот.
13. Со какви предизвици најчесто се соочува вашиот фото клуб како организатор на Фестивалот, и воопшто, во своето функционирање?
Предизвиците на кои наидуваме при организирање на овој фестивал се едноставни, коишто со добра организација и координација лесно се решаваат.
14. Каква е улогата на ФKK во развојот на фотографската сцена, и колку години постоите?
Клубот има голема улога при развојот на фотографската сцена, затоа што сега сме опкружени со секакви фотографии и можноста секој да фотографира што ќе посака доведува до прашање – што е вистинска фотографија и поради тоа клубот веќе 12 години има улога да го создаде фотографското око и да ѝ покаже на јавноста што всушност претставува фотографија.
15. Дали интересот кај младите за фотографија расте?
Па, би се осмелил да кажам ДА, но тоа е сѐ на некој левел на социјални мрежи и креативност за поголема виденост, додека, кога станува збор за уметничката фотографија, потребно е уште работа и запознавање на луѓето за неа. Клубот го нуди тоа преку своите бесплатни курсеви.

16. Како денес гледате на улогата на фотографијата — уметност, документ или начин на комуникација?
Сега фотографијата е предостапна, секој од нас има камера во џеб, но сепак, таа можност повеќе се користи за комуникација, обележување на момент и запис кој е за социјални мрежи. Уметничката фотографија е сепак на друго ниво и таа носи свои големини кои треба да се запознаат и да се почувствуваат.
17. Дали современата технологија и мобилната фотографија ја демократизираа уметноста или ја намалија вредноста на професионалната фотографија? Што мислите за улогата на вештачката интелигенција во создавање на една фотографија?
Мобилните телефони ги исполнуваат основните услови за комерцијална употреба на фотографијата, за документирање на момент, комуникација и слично, но сепак, фотоапаратот како техничка можност ги носи сите предности кога е во прашање фотографија на повисоко ниво од Инстаграм пост. Вештачката интелигенција, според мене, ја подигна фотографијата на повисоко ниво, затоа што ни даде повод да размислуваме од поуметнички агли.
18. Што најмногу бара жирито кај една фотографија — техника, емоција или приказна?
Како што кажува самиот збор фотографија (цртање со светлоста) значи дека сите овие параметри кај жирито имаат клучна улога, затоа што без технички добра фотографија нема да се види емоцијата, а со тоа и приказната е невидлива.

19. Какви теми најмногу доминираат кај современите автори?
Секој автор е стручен во една област и поради тоа не би можел да одговорам кој доминира во што.
20. Дали фотографијата денес има доволно простор и почит како уметност кај нас?
За жал треба малку повеќе да се цени, затоа што тоа е еден момент што мора да се забележи и да остане во сеќавање за сите денови кои се после денес.
21. Вие годинава сте избран за претседател на Клубот. Кога првпат сфативте дека фотографијата е повеќе од хоби за Вас и каков предизвик е да се соочите со организацијата на Фестивалот?
Оваа година го преземав раководството на Клубот, што значи дека сега одговорноста е моја и треба да го оставам во најдобро светло. Фотографијата за мене стана повеќе од хоби во моментот кога почнаа да ме препознаваат луѓето на улица по моето дотогашно хоби. Тогаш сфатив дека Куманово има многу фотографи кои само треба малку да покопаат во себе и да го извадат своето најдобро.
22. Која фотографија, Ваша или туѓа, досега најсилно Ве погодила емотивно?
Фотографијата на нашиот директор и член Владимир Јовановски, којашто е фотографирана на градските гробишта во Куманово и на неа има една погребална количка и голема магла од која не може да се види ниту црквата што е таму. Секогаш кога ќе се присетам на некој што не е со нас и кој ми недостига ми се појавува таа слика пред очи.

23. Што би им порачале на младите фотографи кои сакаат интернационална афирмација?
Би ги поканил сите луѓе, не само младите, да дојдат и да го завршат курсот по фотографија во Клубот и да ги добијат сите звања и одлики кои ги заслужуваат, а верувајте ќе ги добијат поради тоа што таква е околината фотографска.
24. Дали фотографијата денес премногу се сведува на „лајкови“, а помалку на уметност?
Да.
25. Може ли една фотографија денес да го промени начинот на кој луѓето гледаат на светот?
Можно е поради тоа што емоцијата која се доловува преку бои на фотографијата или црно-бела, во секој од нас буди емпатија, радост, среќа, задоволство, мир и други емоции кои сакаме и ние да ги покажеме пред другите. Токму тоа го прави уметничката фотографија.

Р.П.
