Мартинијан Кириловски продолжува да го освојува регионот

Уредник
Се чита за 2 минути

Нашиот поп-пејач Мартинијан Кириловски ова лето ќе настапи на годинашното издание на еден од најпознатите музички фестивали во регионот – „Бисер Јадрана“, кој ќе се одржи на 18 јули во Тиват, Црна Гора, со директен пренос од 21:00 часот на Македонската Радио Телевизија.

По едногодишна пауза, Кириловски повторно се враќа на фестивалската сцена на „Бисер Јадрана“ со нова песна која уште на прво слушање освојува со својата емоција, мелодија и современ звук.

Новата композиција го носи насловот „Сирена“, а зад неа стои истиот авторски тим кој ја потпишува и веќе хит-песната „Сеќање на април“. Автор на музиката и текстот е Митко Чешларов, додека аранжманот е дело на Анѓел Ќосев.

Песната е снимена во студиото „Подрумот“.

Инспирацијата за „Сирена“ доаѓа од старогрчкиот мит за сирените – мистични суштества чиј заносен глас ги заведувал морнарите и ги привлекувал кон себе. Во современа музичка приказна, песната зборува за привлечноста, искушението и чувствата на кои тешко може да им се одолее.

Доколку некогаш сирените ги заведувале морнарите со својот заносен глас, оваа година публиката на „Бисер Јадрана“ ќе ја освои „Сирена“ – песна која освојува уште на прво слушање, надополнета со препознатливата и емотивна интерпретација на Мартинијан Кириловски.

Настапот во Тиват е уште еден значаен чекор во кариерата на Кириловски, кој во изминатите години успешно го гради своето име и надвор од границите на Македонија. Публиката со нетрпение го очекува неговото враќање на фестивалот и премиерата на песната која има сè што е потребно да стане едно од најпријатните музички изненадувања ова лето.

Р.П.

Споделете ја оваа статија