Панихида во чест на Драган Богдановски

Уредник
Се чита за 3 минути

Денеска се навршуваат 28 години од погребението на Драган Богдановски во Куманово, кој починал на 31 мај 1998 година во Данска.

Тој е еден од најпознатите македонски политички емигранти по 1945 година, еден од основачите и идеолог на ВМРО-ДПМНЕ. Богдановски повеќе од 30 години беше дел од македонската патриотска емиграција.

Животот на Драган Богдановски беше посветен на идејата за самостојна, слободна и независна Македонија. Неговите зборови се завет кој треба да го следи секој Македонец.

Зборовите на Драган Богдановски звучат како да се кажани вчера и се потврда за тоа колку беше голем визионер. Не само патриот.

Тој велеше:

„На Македонија не ѝ требаат луѓе што ќе зборуваат колку ја сакаат, туку луѓе што ќе живеат и ќе се жртвуваат за неа.“

„Борбата за Македонија не е должност само на една генерација, туку аманет за сите што доаѓаат по нас.“

„Македонија е вечна онолку колку што е вечна љубовта на нејзините синови и ќерки кон неа.“

Во чест на неговото дело, по повод 28 години од упокојувањето, денеска делегација на ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово го посети неговото вечно почивалиште и положи свежо цвеќе.

Пред присутните членови на семејството на Драган Богдановски и делегацијата на ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово се обратија неговиот брат Раде Станковски и Филип Филиповски, претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово.

Раде Станковски зборуваше за животниот пат на својот брат. Пред присутните тој повтори дека животот на Драган Богдановски беше посветен на идејата за слободна Македонија.

Филип Филиповски, во име на ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово, пред присутните потенцираше дека улогата на Драган Богдановски станува сè појасна и посуштинска за разбирањето на патот на македонската државност.

Во своето обраќање, Филип Филиповски истакна дека Драган Богдановски имаше храброст да зборува гласно и да делува решително во време кога македонското национално прашање беше ограничувано, маргинализирано и третирано низ призма на туѓи интереси.

Филиповски истакна дека животот на Драган Богдановски сведочи за човек со јасна визија и непоколеблива верба во правото на македонскиот народ на сопствена држава.

Пред сè, Драган Богдановски беше човек со силен карактер. Човек кој знаеше што значи да се биде сам во своите убедувања, но и доволно храбар да остане доследен. Во време кога компромисите често се сметаат за нужност, неговиот живот нè потсетува дека постојат вредности кои не смеат да се релативизираат, истакна Филип Филиповски пред присутните.

Нека неговото име остане запаметено како симбол на истрајност и визија. Неговото дело нека биде потсетник дека историјата не ја создаваат оние што се прилагодуваат, туку оние што имаат храброст да ја менуваат.

Вечна му слава.

Марјан Петрушевски

 

Споделете ја оваа статија