РЕОБЈАВА
Добитник на Ноемвриска Награда на градот Куманово во 1983 година, за улогата во претставата „Гама зраци“, Ноемвриска награда за животно дело во 2005 година, награда за животно дело 2008 година на театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Актерка која со децении беше носител на репертоарот во Кумановскиот народен театар. Ќерка на покојниот доајен на театарот – Ѓоко Николовски, вистинска дама, богата и продуховена личност.
Ако поминете два часа во пријателски разговор со Љубица – Буба Гојковиќ, не можете да се отргнете од чувството дека сте со миленик на небото, еден од оние ретки луѓе на кои природата штедро им подарила од своите богатства — талент, љубезност, среќа, убавина, култура и емотивност, незаборавен глас и однесување на вистинска дама од главата до петиците, дама на сцената, на улицата, во својот удобен и мирен дом, во кој ве пречекува со штотуку испечена „проја” и мајсторска слатка пита, и се чувствувате драги и добредојдени.
Ретко кој во Куманово ќе ги заборави спонтаните овации со кои публиката во Центарот за култура стоејќи и аплаудирајќи ја испрати актерката во пензија, заедно со нејзиниот колега Илија Струмениковски, 2005 година, на деновите на комедијата. Актерка која беше „родена“ бароница Кастели — Глембај, која ни самата не знае колку главни улоги има одглумено во театарот, драмска, трагична хероина, но и одлична комичарка, која оние што никогаш не биле в театар ја знаат како Ленче-кумановче, и како дел од триото „Тумбарии”, најгледаната емисија на кумановската радио – телевизија.
„Родена сум во центарот на Куманово на „Проевски сокак“, таму и денес стои мојата родна куќа, бројот 52, потсетник на моето преубаво детство, скромно и радосно, како и сите детствo во тоа мирно и спокојно време. Од времето на детството, кое до крајот на животот ќе ми ја топли душата, ми останаа двајца најверни, најдобри другари, кои многу ги сакам: Боре Банев, и Ацо „Мечка“. Да имав браќа, немаше да бидам толку приврзана кон нив, тие ме штитеа, ме чуваа како своја сестричка. И денеска, кога ќе се сретнеме, не можам да се израдувам на другарството кое уште стои во нежната обвивка на моите најубави млади спомени.
Се сеќавам, како многу малечка, знаев да направам „театарска“ завеса во дворот, од старо ќебе префрлено на жицата за алишта, смислував мали приказни и „претстави“. (Имав и верна публика која плаќаше со половина динарче, копче, оревче или јаболко, за да ме гледа во „претставата“).“
Во тоа време, театарот во Куманово се наоѓал на местото на денешен хотел „Кристал“, и бил, како што се сеќава Буба, преубав, вистински театар што дишел и мирисал како театар.
Таму, како актер работел нејзиниот татко, доајенот на театарската сцена, сега покојниот Ѓоко Николовски. Додека актерите биле на сцена, таа со часови седела во гримиорната, таму ги пишувала и домашните задачи. „Се сеќавам на огромното огледало пред кое сакав да стојам, облечена во костум од некоја претстава, и со малку „украдена“ шминка на лицето. Можев да стојам така со часови, вдишувајќи ја миризбата на мастикс (лепило за вештачки бради, бакенбарди…) и на театарската пудра, миризби кои се вовлекоа во секоја пора од мојата душа и од кои за мене не постојат поубави на светот.”
Живот на сцена од раната младост
„На 15-годишна возраст, успеав да добијам улога во претставата „Младоста пред суд“(и покрај противењето на мојот татко), улога за која почувствував дека е како напишана за мене. И не се измамив. Немав трема, за мене актерството отсекогаш беше игра, љубов и најголема желба.“
Се смее кога раскажува дека скоро секојдневно бегала од часови во Гимназијата, заради претстава или проба, зашто како што вели – била обземена од магијата на драмската уметност и освен тоа не постоело ништо друго во нејзиниот живот. По Гимназијата, добива стипендија за Правен факултет во Белград, таму студира и се враќа по само две години: „Сето тоа беше туѓо и страно за мене, не можев никако да се замислам во правната струка, зашто — искрено — освен театарот, не ме интересираше ништо друго, на друго место не можев да се пронајдам себеси.“
Во Куманово, како што вели Љубица, и направиле аудиција „за мајтап“, се наредиле сите колеги во првиот ред како комисија, а таа сосема сериозно подготвила монолог, рецитирање, песна…
„Се вработив во 1965 го- дина, не бев повеќе „хонорарец-актер“, тогаш театарот веќе беше преселен во новата зграда, во која се наоѓа и денес. Актерска екипа – составена од луѓе без Академија, но многу талентирани и посветени, од различни генерации, но сите стопроцентно предадени на театарот. Имаше вистинско дружење, без суети и егоизам — затоа и излегуваа одлични претстави: Театарот е колективна работа! Ако го нема тој дух – нема резултати.
Одењето в театар во тоа време беше доживување за секој граѓанин, на премиерите публиката беше свечено дотерана, во вечерни тоалети, тоа беше празник за градот. Народот го почитуваше театарот и актерите.
Тогашен директор бил Драги – Шетко, извонреден човек — посветен на театарот и актерите, кој ја знаел и ја сакал својата работа. „По него, директор бил Томислав Спасовски, кој овозможувал одлични претстави, убав репертоар. Плоден период, многу актерски остварувања, турнеи по цела бивша Југославија.
„Денес е многу тешко време за театарот, не ми е јасно зошто театрите ги „осакатија“ со припојување на Домовите на култура, несфатливо ми е тоа : Театарот е институција која постои од античко време, и ќе постои засекогаш!
На 23-годишна возраст има извонредно тешка драмска улога на старица, во претставата „Печалбари“, улога за која вели дека и била најтешка — поради навлегување во еден таков лик, толку далеку од нејзината возраст и животно искуство. Прави извонредно добро остварувањеr за кој вели дека и денес го чувствува внатре во своето битие, толку емоцијата длабоко легнала во неа. Најемотивна улога која ја има одиграно, е улогата на млада руска девојка во „Сочувај ја мојата тајна“, потресна приказна од војната, претстава во која плачеле сите, публиката, актерите, техничката екипа на пробите – вели актерката и просолзува сеќавајќи се на таа улога.
„Мојот најдобар другар, советник, мојот татко со срце големо колку планина, ме оставаше сама да го најдам патот до сржта и на најтешката ролја. Од него учев, со него најубаво работев, гледав во неговите очи полни со доверба – знаеше дека никогаш нема да го изневерам на сцената. И тој, како и јас целиот свој живот го помина во театарот. Можеби тој макотрпен уметнички живот не го посакувал на почетокот за мене, но гените се гени нели?
Мојот град многу ме испочитува, моето Куманово и моите кумановци кои многу ги сакам навистина ми се оддолжија. Ги сакам и почитувам сите актери со кои работев, посебно Ѓорѓи Андов, еден извонреден човек и другар кој ми е пријател засекогаш.”
Актерката во неа не мирува ни во пензионерските денови, ужива во читање поезија на промоциите на збирки од различни автори, ужива во своите пет внучиња и двете ќерки, чита — сето она што и е интересно во мигот. „Го слушам Шопен, музика која ме исполнува, се дружам со одбрани пријатели, се сеќавам… Имам многу преубави нешта за кои се сеќавам, и благодарна сум и на судбината за тоа .
Објавено 15 Ноември 2013