Почетна Дрим Тим Марјан Стошевски Мако го има фудбалскиот тим од соништата!

Марјан Стошевски Мако го има фудбалскиот тим од соништата!

Во далечната 1994 г., започнува со кариерата на спортски новинар во тогашната КТЛ телевизија. Денеска, освен бројни спортски емисии, горд потписник е и на 197 авторски емисии „За Куманово“. Сепак, најпознат е по љубовта кон Соколана, по своите монографии за неа и за други маркантни личности од нашиот град.

При составувањето на идеалниот тим на поранешна Југославија се трудев да вметнам фудбалери од повеќе генерации, од ослободувањето до денеска. Некои од идеалните сум ги следел, додека за останатите имам сознанија од пишаните документи кои се релевантни и издржани. Затоа сметам дека клучно во целиот мозаик на составувањето на овој тим е нивниот придонес во унапредување на фудбалската игра и постигнатите резултати од оваа временска дистанца.

 

1. Владимир Беара

Luxury Catering Service

Голман на сите времиња. Имаше неколку прекари: големиот Владимир, балерина со челични раце и човек од гума. Во богатата кариера настапувал за Хајдук, Црвена Звезда, Алеманија Ахен и Викторија Келн. За репрезентацијата на Југославија настапувал 60 пати и учествувал на две светски првенства во Бразил (1950) и Швајцарија (1954), како и на олимписките игри 1952г., Хелсинки каде со Југославија го освоил второто место. Имал чест во 1953г. да настапува за селекцијата на Фифа во натпреварот против Англија.

2. Фахрудин Јусуфи

Исклучително борбен фудбалер, кој на секој натпревар го оставал срцето на теренот. Кариерата ја започнал во екипата на Партизан 1957г. и таа траела до 1966г., каде успеал да освои четири титули во југословенскиот шампионат. Како претставник на најдобрата генерација во историјата на Партизан играл во големото финале во лигата на шампиони во 1966 против славниот Реал. За селекцијата на Југославија одиграл 55 натпревари и успеал да освои златен олимписки медал и сребрено одличје истата година на светското првенство во 1962 г.

3. Синиша Михајловиќ

Големиот Синиша останал запаметен по разорниот удар што претставувал страв и трепет за противничките голмани. Кариерата ја започнал во Војводина, а неговиот тандем го препознала Црвена Звезда каде ќе доживее блескави моменти. Во 1991г. со Црвена Звезда станал шампион на Европа во незаборавното финале во Бари против Олимпик Марсеј. За поранешна Југославија и селекцијата на Србија и Црна Гора одиграл 63 натпревари и постигнал 10 голови. По завршувањето на богатата играчка кариера продолжил да работи како тренер во неколку држави во Европа (најмногу во Италија). Неговото прерано заминување од овој свет е голема загуба за фудбалот во целина.

4. Велибор Васовиќ

Популарниот Васке е една од најмаркантните фудбалски имиња од поранешна Југославија. Како многу млад, на 15 годишна возраст, заиграл во екипата на Партизан каде одиграл над 300 натпревари и освоил четири шампионски титули. Како капитен на Партизан имал чест да настапува во големото финале против Реал и бил стрелец на водечкиот гол за својата екипа, но на крајот недоволно за голема победа и пехарот на тогашниот Куп на шампиони. Потоа заминува за славниот Ајакс каде бил капитен на големата екипа предводена од Кројф, Нескенс и другите асови на холандскиот великан. Круна на добрите игри на Васовиќ во Ајакс е пехарот на купот на шампиони во 1971 г. За репрезентацијата на Југославија одиграл 32 натпревари во периодот од 1961 до 1966 при што постигнал два гола.

5. Немања Видиќ

Еден од најдобрите дефанзивци во богата историја на фудбалската игра на овие простори. Видиќ беше фудбалер кој не се плашеше од дуел играта и секогаш каде беше на висината на задачата кога примарна цел е да се сочува голот на својата екипа. Беше извонреден мотиватор во екипата и влеваше голема самодоверба кај своите соиграчи да успеат на теренот. Со фудбалот започнал да се занимава на 15 г во екипата на Јединство Путеви -Ужице, а за кратко време се сели во Црвена Звезда каде го демонстрира својот талент. Потоа како најскап дефанзивец се сели во Спартак Москва каде продолжил со одличните игри. Но, по извесно време го забележува стариот лисец Фергусон кој го доведува во Манчестер Јунајтед каде станува главен играч во одбраната. Со англискиот великан како капитен освоил четири титули во премиер лигата, пехар на лигата на шампиони и светски клубски првак.

6. Драган Холцер

Фудбалер со неверојатна техника и стил на игра кој никого не оставаше рамнодушен на терените на поранешна Југославија. Кариерата ја започнал во Раднички Ниш, а комплетниот напредок во играта го доживеал во Хајдук Сплит, одигрувајќи над 400 натпревари. Тој беше фудбалер од задача и неговите решенија на теренот секогаш беа вистински за екипата. За селекцијата на Југославија настапил 52 пати и играл во големото финале на европското првенство во 1968г., во Италија. Благодарејќи на одличните игри имал чест два пати да настапува за најдобрата селекција на Европа. Бил многу добар човек во приватниот живот и подготвен да помогне на секого во одредена ситуација.

7. Сафет Сушиќ

Најдобриот босански фудбалер на 20 -иот век кој зад себе имал богата кариера на клубски и репрезентативен план. Најблескавите моменти како играч ги остварил во домашното Сарево и ПСЖ, кои останале запишани во аналите на двата клуба. Беше фудбалер со луцидни решенија кои понекогаш противникот го доведувале во безизлесна состојба. Секогаш имаше креативни и непредвидливи решенија во нападот кои на противникот му создаваа главоболки. Популарниот Папе беше магија за публиката која со задоволство ги следеше неговите настапи. Имал успешни настапи и за селекцијата на поранешна Југославија.

8. Лука Модриќ

Фудбалскиот генијалец од Хрватска кој не застанува со блескавите игри што ја креваат публиката на нозе. Фудбалер со перфектна техника и размислувања на секој дел од теренот кога се во прашање проигрувањата на своите соиграчи. Освоил сè што може да се освои во фудбалот, но и понатаму Лука ужива во магијата на фудбалскиот спорт. Да се освојат три титули во Реал во лигата на шампиони доволно зборува за неговите вонсериски фудбалски можности. Со селекцијата на Хрватска исто така има остварени големи резултати.

9. Дарко Панчев

Популарниот кобра имаше роден голгетерски инстикт кој на умешен начин го демонстрирал на фудбалските терени. Неговиот талент бил забележан во Вардар, а нешто подоцна на вистински начин презентира во Црвена Звезда со извонредната генерација. Давал голови од сите позиции бидејќи бил предодреден за такво нешто. Роден голгетер кој останува запишан во аналите на македонскиот и југословенскиот фудбал.

10. Драган Стојковиќ Пикси

Роден лидер во екипите за кои настапувал во минатото. Вонсериски играч со големи решенија од аголот на фудбалската игра. Пикси, едноставно, живееше за секој натпревар без разлика за која екипа настапувал. Преглед на игра на која можеа да позавидат и најголемите звезди на фудбалот, а неговите голови за публиката беа вистинско задоволство. Пикси, фудбалски волшебник од овие простори.

11. Драган Џајиќ

Маркантна фудбалска личност од богатата историја на фудбалот од бившите ју простори. Рекордер по настапите за поранешна Југославија со 85 натпревари и лево крило за секоја почит. Неговите дуели со феноменалниот дефанзивец на Германија, Берти Фогтс, се историја која и денеска се прераскажува. Џајо беше фудбалер со одлична техника како левокрилен играч и неговите центар-шутеви во казнениот шеснаесетник беа одлична прилика за добри голгетери. Во секој случај, неговите безброј настапи во Црвена Звезда и репрезентацијата на Југославија се приказна за фудбалските учебници.