Во работните денови станувам рано наутро поради подготовка за работа и за училиште на моето дете. Денот задолжително го започнувам со конзумирање на гел од алое вера од „Форевер“ или како што милуваме да кажеме „жолт гел“. Тоа време го користиме со мојата сопруга Милена, да договориме план на активности за тековниот ден и заминувам на работа. На работа сум секогаш во 7.30 часот и работата ја започнувам со топол чај, притоа ги планирам работните задачи предвидени согласно календарот и процедурите за работа на Секторот за образование.
Со пристигнување на поштата за тој ден, веќе стартуваат и административните обврски за мене и за вработените во секторот. Секое утро по прием на поштата имам координативен состанок со раководителите на одделенијата за основно и средно образование, за распределување на работните задачи и договор за тековните активности за тој ден. Задолжително секој ден имам контакт со директорите на општинските основни и средни училишта и во најголем дел ме контактираат за разрешување на проблеми во функционирање на воспитно – образовниот процес, но и надвор од него и мојата надлежност, а се однесуваат на училиштата. Доколку има потреба одам и директно на терен во посета на училиштата, со единствена цел, непречено одвивање на наставниот процес. Дополнително, согласно пристигнатите дописи од училиштата, другите сектори, МОН и слично, работиме на: собирање, обработка, анализа, проследување, како и изготвување на акти. Редовно организирам состаноци со директорите на училиштата, потоа интерсекторски, како и со здруженија и други, околу реализација на проектите во делот на образованието во кои носител е или партиципира Општина Куманово.
По доаѓање од работа, немам пракса за пладневен одмор, туку се релаксирам на прошетка со мојата ќерка Матеа. Секогаш одиме зад нашата станбена зграда во која живееме и ги храниме мачињата кои се некаде околу 20 на број. Предвечерните часови ги користиме со мојата сопруга за активностите околу предавањата, претставувањата и дистрибуцијата на производите од алое вера. Потоа, го водам на тренинг мојот син Давид, кој не ги пропушта тренинзите во ФК „Биџо“ и со нетрпение го очекува секој следен натпревар. Додека тој е на тренинг, тоа време јас го користам за себе, за пешачење или џогинг, во зависност од временските услови.
Најубавото време е времето поминато со семејството. Омилен дел од денот ми се вечерните часови кога сите сме собрани во домот и со домашните активности, кои ги делиме со сопругата. Еден од нас помага на Давид околу домашните задачи доколку има потреба, бидејќи е самостоен во тој дел и ретко бара помош од нас, додека другиот за тоа време реди коцки, играчки или ползи со Матеа. Не сум филмоман, но затоа со задоволство и редовно заедно со Давид гледаме фудбалски натпревари.