Три музики свиреа за 16. роденден на „Етно село Тимчевски“

Уредник
Се чита за 16 минути

На 29.07.2025 година, по повод 16. роденден, се организираше голема роденденска веселба на комплексот „Етно село Тимчевски“ и сопственикот Горан имаше чест и задоволство во чест на спомените и во чест на среќна иднина, да наздрави со најблиските пријатели и соработници. 

Не се штедеше на музика и на добра храна, по што е познат овој национален ресторан, кој стана и првиот етно симбол во современото кулинарство и угостителство во земјава, бренд чие име одекнува како едно од најголемите и најпрепознатливите.

Изградено на дедовина, на дваесеттина километри од градот, на простран ранч на кој има и супер среден рустикален ресторан во кој доминира дрво и камен, делукс варијанта, а толку пристапни цени, свеж воздух, ледина и хиподром за коњи, апартмани и црква Мала Богородица.

Етно село е комплекс во кој секој може да го доживее допирот со традицијата и место кое на природен начин го врзува времето некогаш и сега (особено на Куманово).

 

Богатата роденденска музичка ноќ ја надополнија и Етно бенд, Боби „Амадеус“ и Елена Велевска која специјално ја запеа „Наздрави за љубов“, додека во улога на ВИП гости беа Адријана Алачки, Нино Величковски, актерите Кети Дончева Илиќ и Горан Илиќ Гиле и други …

Музичарот Миле Стојановски од „Етно бенд“ ни  претставува што значи Етно село за него.

– Седум години сум тука и луѓе кои ме знаат од Куманово се разочарани од мене. Зошто? Затоа што во младоста им бев рок идол, како што мене ми беа идоли Шајто, Шојиќ, Тоскиќ и да не набројувам, може некого нема да спомнам. Оној идол на чии игранки со групата им свиревме на 2.000 млади во салата во гимназија, зошто самото толку собираше, повеќе не можеше, а имаше потреба. Но, мојата трансформација во етно изведувач, која првенствено во принцип беше заради егзистенција, сепак е логична. Ќе ви кажам и зошто. Сега ќе дојде некој од наша генерација со семејството, од она наше време има повеќе догодовштини и ќе ми каже – „Знаеш многу бракови направивте вие на тие игранки“. Нели свириме рок, ама на крај една сентиш и сите едвај ја чекаат таа една за да се стиснат со девојката и на крај ќе ја испрати до дома и веднаш земање, нема многу ваму- таму, ха ха. Интересно време, Куманово беше мал град од  50.000, сега е со над 100.000 жители…

Ни ја објаснува и убавината на Етно село како објект кој во сегашноста со раширени раце го пречекува минатото.

– Етно село комплет е идеално, ние тука со рокерот Јовица Милановски Џинкс ќе почнеме да го свириме тоа што го свиревме пред 40 години на игранките, за своја душа ќе направиме увертира со рок репертоар, а потоа одиме на народна музика, но не турбо фолк туку изворни песни. Одговара секаква музика овде.

Во мозаик, ако една коцка не споиш како што треба, готово. А овде е баш сѐ добро споено и цела екипа е фантастична. Етно село има сила, има енергија, тоа не е едноставна работа. Цело време е забавно, не би бил седум години да не е така, да не би било интересно, вели Миле.

За него денските свирки се поубави од ноќните. Најмногу оние во сабота и недела.

– Инаку секогаш е полно, „крцато“, собира 300 луѓе и дневните свирки реков се нешто посебно мераклиски…

Од гостите остава да запее само некој ако навистина добро пее, а сопственикот Горан ужива кога ќе му ја запеат „Јесење лисче“, „Ветрови ме ломе“ и „Успео сам у животу“.

– Но, и тој посебно ужива во рок, растеше со нас. Во тоа време јас имав 25, Џинкс 20, тој 15 години кога беше покрај нас, неверојатно пргаво дете кое како сунѓер впиваше сѐ. Сѐ скенираше, што е многу битна карактеристика, која покрај смислата за креативност, му помогна да стане успешен, ни раскажа музичарот Миле.

 

***

Кумановскста легенда Нино Величковски се меракоса со новата песна „Дај још једну туру“ што наскоро ќе ја испее на „Тумба фест“, а во која се опејува и Етно село.

– Кумановци да очекуваат узбуѓење. Ја сам од оснивање на „Тумба фест“ како фестивал, присутан, с’с „Октет Куманово“ поемо едну песму многу убаву и после солистички се направива хитови како што су „Стар беќар“, како што су „Много тешко да си зет“… они су безвременски, народ ги е прифатија, туја не сам крив. Нормално, на кумановски отпојено. И соработка ми е била с’с повише автори и с’с повише автори на стихови. Овај пут е Бобан Петковски, он работеше у радио Куманово, одамна се знаемо, ја му верују много. И овој текст е много податлив, добар и мислу дека една од моји подобри песме генерално, куде што има све оној што сам ја. Можда е малко автобиографска, боемска песна. Гиле ми е колега глумац, он ќе рецитира, ја ќе поју и најверојатно ќе га повторимо песму и на тамбурашки фестивал кој е следен д’н, на 21 август е „Тумба фест“, на 22. е „Меѓународан тамбурашки фестивал“. Па ве кану специјално. Песна ми много значи. Песна ми е како нова рожба, како ново бебенце. Многу се радују к’д ќе сниму нову песму. За тој живимо. Онолко колко ќе те прифати публика, толко си успешан…

***

Актерот Горан Илиќ Гиле во таа песна рецитира многу трогателен текст. Но, пред да се осврне на песната неочекувано ни раскажа легенда, која мора да се запамети и нотира. Ајде друштво, слушајте внимателно:

– Јас добар дел од мојата рана младост поминав токму овде, кога немаше ништо, ова беа ниви. Таму долу на 50 метра е Пчиња и тука поставував шатор и доаѓав со некои пријателки, а потоа кога се оженив доаѓав со мојата фамилија. Кампувањето траеше по 10-15 дена. Бев многу изненаден кога слушнав дека овде се прави Етно комплекс и исто бев многу љубоморен што ми го открија моето место. Е, сега, зошто е битно ова место? Се претпоставува дека една од последните битки помеѓу македонската и римската војска се случила на еден километар од овде, каде се влева реката Крива во Пчиња. Ова се вика Средорек, а цел овој простор Жеглигово и во овој округ спаѓаат преку 30 села. Во неолитско време тука се живеело многу мирно. Претпоставка е дека преку илјада години имало мир овде. Тоа се чувствува дури и сега. Овде е блага природа, нема некои остри врвови, нема карпи и сѐ е така благо. Последната битка кога ја губат Македонците не се враќаат назад на југ туку, јас верувам дека е така и ова е повеќе мит, заминуваат на Север за да одат некаде во Украина зад Карпатите, бидејќи таму имало руда на плитко железо, за да се вооружаат, да направат мечеви, штитови и да се вратат назад. Тие се враќаат кога ќе дојдат големите преселби на народите и овде се случува битката меѓу Македонците и Римјаните некаде меѓу 140-160 година. И тогаш тие нашите амфитеатри ги преобразуваат во нивни гладијаторски амфитеатри, земете го Стоби каде што се играл Аристотел, тие таму донеле лавови и гладијатори, со страст зборува Гиле.

Во непосредна близина на овој простор, на два километри, тој вели, има еден антички град Визија, кој за жал не е ископан.

–  Ова е неолитска населба. На секоја педа мора да има керамика. Било населено и живееле луѓе. И таа енергија еве на некој начин излегува и ден денес од самата земја. Јас секогаш тоа го врзувам тоа со Геја, божицата на Земјата, на земјоделството, кога вели дека силата на луѓето доаѓа од земјата, од тие минерали. Така што, овде ако уште од пред 4.000 години битисувале луѓе, значи земјата е испоснета, многу од тие минерали се употребени и треба едно ново освежување да го вратиме и возобновиме тоа, ни раскажа славниот кумановски актер.

Овие негови посебно чувства ќе ги има во песната за Етно село. Таа го потсетува на дедо му Стојан кој свирел на ќемане, несуден поп, кого гром го осакатил и го спречил да оди во Сремски Карловци да изучува за поп.

– Ние сме по потекло од Шупли Камен, ама кога било турско ги преселиле во Студена бара, исто една античка населба, каде скопскиот бег, како мирни и вредни луѓе, ги одвлекол таму за да работаат за него. Тоа што сега аранжерот Слаѓан Станишковски го направи маестрално со оваа песна навистина ме врати во едно време на носталгија. Има една тага во таа песна, една поетика, боемштина, ние тоа го доживеавме со Нино, бидејќи со Нино сме другари веќе 50 години. Јас отидов во театар да играм во 1976 година, а Нино две години пред тоа беше и успешен низ цела Југославија со своја претстава. Јас тогаш почнував, земајќи сила од него, од мојата роднина – актерка Љупка Варџиска, а потоа и од Колозови кои живееја кај нас и се ородија со дедо Стојан и со мојот татко, голем филантроп. Ех, тоа ќемане ме посети на некоја бомештина и на некоја тага што ја носи младоста кога сонуваме, и животот кога го живееме, со воздишка се потсетува Гиле.

***

Адриана Алачка како пејачка е заштитен знак на Етно село, а преку нејзините емисии „Вкусот на традицијата“  (и она најпрезнатливо „мх мх мх“) кои со години се снимаат овде, цела држава ги доживува атмосферата и амбиентот на ова уникатно место.

Таа, ќе даде една целосна слика откриената од душа и вградена во секој доживеан здив овде, велејќи:

– Овде! Гости иселеници, кои со душа го чекаа моментот да си дојдат во својата татковина. Вистина е, ќе запеам песна „Мајко една си на светот“, ќе го допре до срцето и ќе заплаче, ќе го изгори и потсети на изгубената мајка, татко, уффф. Ќе ми се стегне нешто во грлото и јас по него солза, по солза не можам се соземам. Ги тешам, во истиот миг се вртам, на другата маса на истата песна играат и пеат, наздравуваат и благословуваат, за да само истиот тој миг од солзи преминуваш во друга состојба – се радуваш за нивниот повод за кој се собрани. Веќе понатаму роденденска забава, „Happy birthday“ и по некоја свеќичка, се танцува во ритамот на среќата – дали за постарите што дочекале толку години или за некое детенце, сеедно, пак ти трепери душата. Или, подолу собрани во чест на светото крштевање, честитки упатуваш за вечно да е името и бебето. Го опејуваме да е здраво и живо, ја споделуваш радоста со родителите, со погледот ги следиш сите гости, но ти се запира здивот. Следува разделба. Заминува тој на печалба, а таа го испраќа. Сака да ги сокрие солзите, но безуспешно. Кога ќе ја запееш „Туѓината пуста да остане“ настанува состојба на емоционално расоблекување и јас и тие како едно стануваме. „Уффф, како ќе се разделат“, ги мислам и дома кога ќе појдам. Потоа, подзастануваш и се насмевнуваш на другата маса кога ќе забележиш додворување, сведок стануваш на една нова љубов, одбираш љубовна песна, ќе биде или нема да биде, ќе рече ли „ДА“? Уффф ќе биде ли работата. Момчето ми се насмевнува и ми вели „Многу ја сакам!“. Дај Боже да се среќни довека. Кај некого ќе забележите и мала расправија, се трудите од дното на душата да се смират. Доаѓаат дечиња кои сакаат да се фотографираат, слатки мали невини, ги земаш во прегратка и ги милуваш како да се твои чиниш. Сите мислиш дека дишат заедно. Јубилеи, годишници на бракови, сребрени и златни свадби, свршувачки, романтични вечери… Колегите музичари, со нив веќе со поглед се разбираш, толку години заедно. Персоналот и тие со насмевка ги послужат гостите, брзаат, брзаат, мудри, вредни и итри. Го носат пијалокот без да им нарачаш, веќе знаат што пиеш, кујната, „мх мх мх“, само убавини од таму излегуваат да ги насладат сите. Шанкерите како балерини што прават по стотина кругови на иста сцена. Го забележувам дворот, сега дрвјата со големите крошни беа фиданки кога дојдов прв пат, или некои не беа ни насадени, а сега и сенка ми држат. Посакувам да растат уште долго, долго и така заврши и овој работен ден. Колку настани, колку судбини, сѐ ова во само еден ден и си заминувам дома. По пат ги мислам сите, истите што плачеа, што се смееа, што играа, разделуваа, не заспивам полна со емоции и си велам „Колкава ли е душата да го збере сето ова?“. Етно село Тимчевски, нека ти е среќен роденденот и да останеш вечно под сенките на бившите фиданки, за сето ова денес да биде дел од твојата историја за следните генерации…

***

А во нашето Етно село, сите овие 16 години, секој гостин-своја приказна, секоја испеана песна-свој спомен, секој вкусен залак-мелем на душа, и затоа сопственикот Горан Тимчевски вети дека своето ќе го стори преку една пригодна монографија во која од свој агол ќе ја раскаже долови и приказна за ова неповторливо и единствено место, кое чиниш е свет за себе, подеднакво поддаден кон сите, Планета за себе-ама толку убава и прекрасна!

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

Споделете ја оваа статија