„ПЛОШТАД“ ВО АТИНА: Градот кој е симбол за најубавите нешта – бајка, возбуда, историја, митологија, монденска престолнина и гиро!

Уредник
Се чита за 11 минути

Специјално од Атина, Валентина Ѓоргиевска Парго, 21 јуни 2025

 

Од кога постои поимот туризам два града се оние кои „мора да се видат пред да го напуштиш земниот живот“ Атина и Рим, особено што Атина секогаш била и останала на прво место. Нема кој не сака да ја посети и види славната грчка престолнина, а оној кој ќе ја види, особено воден низ градот од оригинални атињани е навистина среќлија.

Атина е како бајка, со сите стари симболи кои те прават да се чувствуваш дека си и ти дел од неа, а митолошки божества кои често се споменуваат како да се живи и ден денес …

Но, таа сега толку се гради модерно што би можела да ја редефинира Европа на урбано ниво.

Кога луѓето ќе го слушнат зборот „Атина“, тие помислуваат на руини, распаднат мермер, прашливи музеи и одгласи на антички филозофи. Но, таа слика не е целосна, мозаикот сега се пополнува и со новите модерни градби…

Елиникон е новиот град во град, кој се издига на темелите на стариот аеродром и напуштена писта и има за цел да стане новото Монако.

Се наоѓа веднаш покрај брегот, на само неколку минути од срцето на градот. Сега тука се гради комерцијален центар „Елиникон“, домови, паркови, канцеларии, трговски центри, највисокиот облакодери во земјата, казино и одморалиште вредно милијарда долари. Но бетонот нема да ги уништи зелените површини – се садат над 31.000 дрвја и еден милион автохтони растенија, за споредба дури и со Централ Парк, кој има само 18.000 дрвја.

Повеќе од половина најавени купувачи во овој дел се од странство, особено откако Грција ги отвори своите граници за луѓе кои сакаат таму да купат живеалиште, без оглед од каде доаѓаат.

Акрополис, симбол на светот!

Акрополис или Акропол, најпрепознатливиот симбол на Атина, а и на светот, дневно прима илјадници туристи. Музејот таму е отворен од 9 наутро до 8 навечер. Најевтиниот билет чини 25 евра. Иако е можеби најславниот храм и археолошко светилиште, нема да ви се верува но самите оригинални Атињани го имаат посетено можеби и помалку од вас. Еднаш или максимум двапати, како ученици на екскурзија. Но, затоа гордо го гледаат од некој луксузен ресторан сместен на покривот на некој хотел или зграда, каде се закажува многу однапред за вечера или пијалок.

Археолошкиот локалитет на Акропол е значително проширен со неодамнешното отворањето на неколку нови и обновени области и новопристапните патеки.

Се реновира и се гради и околу центарот на градот, во славната сообраќајна артерија во Омонија.

Ако сте во Атина навистина не можете да се одлучите каде попрво, но ако сте таму посетете ги и археолошки локалитети во Сунио – храмот на Посејдон на ’ртот Сунио е еден од многуте неверојатни археолошки локалитети лоцирани веднаш надвор од Атина. Грција е полна со некои од најпознатите археолошки локалитети во светот, како што се Акропол, Микена и Кносос. Има толку многу локалитети низ целата земја, кои сè уште остануваат релативно непознати дури и за самите староседелци.

Но, таксистите велат дека годинава има малку помалку туристи од обично.

А улиците на Атина, за разлика од претходно се многу почисти. По нив ќе забележите многу бегалци кои спијат под отворено небо. Грците примија многу бегалци од блискиот Исток. Деновиве дојде и поддршка за „заробените“ израелски туристи од хотелите. Повеќе Израелци кои се сместени подолго време од очекуваното во атинските хотели, бидејќи нема достапни повратни летови, додека безбедносните услови не дозволуваат директно патување до Израел, ќе останат во хотелите.

Според податоците од Атинската хотелиерска асоцијација, во одредени периоди од годината, до 80% од пополнетоста во централните хотели може да се припише на посетители од Израел, затоа и е донесена оваа одлука.

Гирото – кралот на грчките специјалитети 

Атина е крунисана за втор најдобар град за храна во светот, по Париз, на новата глобална ранг-листа 9 јуни 2025 година, прогласен за најдобар град за храна според обемното истражување за идентификување на водечките градови за храна во светот.

Градот е познат по своите вкоренети традиционални вкусови и современиот угостителски пејзаж кој нуди сè, од автентични таверни до софистицирани гастрономски искуства, со безбедноста на храната и прифатливоста на цените.

И, иако грчката кујна е мејнстрим во целиот свет, гирото сепак е она кое владее како специјалитет и најевтино кое може да го најдете е од 4 евра нагоре.

Секаде се прави, но никаде не е повкусно отколку таму.

Бесплатно „Лето во Атина“

„Лето во Атина“ е многу возбудливо. Но, сѐ додека не почнат пеколните горештини, во средина на јули и август.

Јуни е уште пријатен и знае и ветерче да дувне.

А, Атињаните имаат и таков фестивал „Лето во Атина“, со бесплатни музички, театарски и танцови настани, кој по неколкугодишна пауза се враќа вечерва (на 21 јуни), славејќи го музичкото наследство и уметничката креативност на Грција и ќе биде сочинето од 57 бесплатни настани.

Концерти што ја спојуваат грчката музика со меѓународни звуци, танцови претстави, куклени претстави и театарски настани, филмови во 41 атинска населба, од Керамеикос и Петралона, до Сеполија, Ризополи, Патисија и Паграти.

– Секој агол на Атина ќе биде исполнет со светлина, звук и живот, најави градоначалникот на Атина, Харис Дукас.

Совпаѓајќи се со Европскиот ден на музиката, фестивалот ќе се отвори со два концерта: Атинскиот биг бенд ќе ја поведе публиката на патување од свинг до модерен џез… Фестивалот ќе заврши на 21 јули со концерт на грчкиот бенд Chainides на плоштадот Сантароза, со фузија на грчка народна и традиционална музика.

Инаку, и реномираниот британски композитор Макс Рихтер, кој ги спојува електронските елементи со класичната музика, ќе настапи на сцената во Одеонот на Херодес Атик на 1 јули. Неговите саундтраци, од „Arrival“ до „The Leftovers“ на HBO, станаа дел од популарната култура, резонирајќи и кај критичарите и кај јавноста. Билетите почнуваат од 38 евра нагоре.

Божицата Атена победила и го крстила градот 

А сега малку за името…

Приказната за тоа како Атина, еден од најстарите градови во светот, го добила своето сегашно име е основен грчки мит. Градот всушност имал неколку имиња во текот на своите 3.400 години запишана историја. Првичното име на Атина било „Брег“ или „Актики“, а било земено од првиот крал на земјата, кралот Актајо. Потоа, како што градот продолжил да расте, наследникот на Актајо, кралот Кекропс, го именувал градот по себе.

Но, кога боговите на Олимп погледнале надолу кон прекрасниот Кекропс решиле да го направат свој, што предизвикало името на Атина да биде променето уште еднаш. Настанал добој помеѓу античките богови на Олимп за да се утврди кој ќе му го даде името на градот и ќе стане негов патрон.

Се вели дека богот на морето, Посејдон, и божицата на мудроста, Атена, стигнале до финалето, за со добој да го освојат градот.

Потоа Зевс интервенирал и рекол дека двајцата богови мора да му подадат подарок на градскиот крал, Кекропс, кој бил суштество получовек, полузмија; кој било подарок што ќе го прифатат граѓаните ќе го одреди новото име на градот. Легендата вели дека сите граѓани се искачиле високо на Акропол за да ги видат жртвите на Атена и Посејдон.

Прв се качил Посејдон, кој ја удрил карпата на Акропол, отворајќи извор на вода и нудејќи му на новиот град успех во војната и на море. Сепак, луѓето ја вкусиле водата и не биле воодушевени, бидејќи имала солен вкус како морињата над кои владеел богот. Кога дошол редот на Атена, таа зачекорила напред и посадила семе во земјата кое веднаш изникнало во прекрасна маслинка.

Ова бил гест на божицата со кој им ги дала и симболичните плодови на мирот и мудроста на Атињаните, како и садење дрво кое им обезбедува масло, храна и дрва за горење и изработка на алатки. Според едно толкување, мажите го поддржувале Посејдон, додека жените, кои гласале повеќе од мажите, биле во корист на Атена. Од тој ден, градот го усвоил името на божицата, станувајќи познат како Атина.

Бувот, кој означува мудрост и бил поврзан со Атена, почнал да го претставува градот во антиката. Божицата Атена била прикажана на едната страна од грчката драхма, додека бувот на другата.

Граѓаните на Атина граделе храмови и статуи и одржувале фестивали посветени на нивната заштитничка, Атена, како што е величествениот Партенон на Акрополис…

Има многу да се каже за градот кој е симбол за најубавите нешта на човештвото – бајка, возбуда, историја, митологија, монденска престолнина и гиро…

Но, по не знам кој пат, да го сведеме на најголемата дефиниција:

Атина е реалност, бајка и фантазија, сѐ во едно!

Фан-та-зи-ја!

Фотографии: copyright

Споделете ја оваа статија