Пензиски маки големи

Уредник
Се чита за 10 минути

Деновиве повторно се отвори дебата дека линеарното покачување на пензиите е неуставно и дека Законот за пензиско осигурување јасно го дефинира тоа. Но, се отвори и прашањето колку Законот реално ги штити интересите на пензионерите и дали е потребно негово редефинирање. Факт е дека процентуалното зголемување, наспроти линеарното, изгледа лесно и брзо, но е неправедно. Тоа не го следи реалниот живот, туку само математиката. А математиката може да создаде бројки – но не и достоинствен живот. Ако Македонија сака вистинска пензиска реформа, таа мора да се води од реалноста: трошоците растат исто за сите, затоа и покачувањата мора да бидат праведни за сите. Прашањето како да се зголемат пензиите без истовремено да се продлабочи јазот меѓу најниските и највисоките примања станува сè поактуелно.

Наместо да се потпалуваат полемики меѓу пензионерите, одговорните за оваа проблематика би требало сериозно да им појаснат на граѓаните зошто уште не го расчистиле ова болно прашање. Дали Владата ќе остане на линеарните покачувања, дали размислува за измени на Законот за пензиско, што за тоа мислат одговорните во Пензискиот фонд, дали ќе се отвори јавна дебата, дали ќе се примени комбиниран модел, дали ќе победи Уставниот суд кој вага дека линеарното покачување било неуставно, дали Владата ќе плаќа пенали за своите одлуки, и секако дека – дали пензионерите ќе имаат шанса да си ги уживаат пензионерските денови, со достоинствени пензии и без љубомора во нивниот пензионерски еснаф од типот кој тоа има (не)оправдано поголеми корекции во пензиите.

Пензиите отсекогаш биле мерка за тоа како државата се однесува кон оние што го изградиле општеството пред нас. Нивното процентуалното зголемување, коешто најчесто се продава како „фер“ и „економски оправдано“, отвара низа прашања и создава една тивка, а многу опасна неправда. Зошто?
Затоа што трошоците за живот не растат во проценти. Пензионерот не купува, на пример, 6% леб, ниту плаќа 8% струја. Плаќа реални сметки, со реални пари. А кога државата дава ист процент на сите, најбогатите добиваат најмногу, а најсиромашните – едвај нешто.

Бидејќи разликата меѓу пензионерите стануваше сè поголема со секое ново покачување, Владата одлучи (привремено) да се посвети на линеарно зголемување на пензиите. Затоа што, со процентуалното, некој добива, на пример, 700 денари, а друг 3.500. Еден ќе може да си дозволи нормален живот, друг ќе брои денови до следната уплата за да купи лекови. Заклучокот е дека ова не е пензиски систем — ова е репродукција на социјална нееднаквост.

Се отворија прашања врз основа на што процентуалното, а не линеарно, зголемување на пензиите е пореално, кога веќе не се уплаќаат придонеси за нив. Или пак, тоа се должи токму на нивниот минат труд и согласно висината на тогашните плати – уплатите за пензиско осигурување, што дава за право пензиите да раснат со ист процент како и животните трошоци. Се наметна полемика дека разликата во висината на пензиите е веќе одредена според работниот стаж и висината на платата, а понатаму, по пензионирањето, треба да се третира правото на рамноправност во покачувањето – по линеарен принцип.

Како и да е, во пензија веќе нема стаж. Има само трошоци. И тие трошоци се исти за сите: домаќинството, сметките, лековите, храната. Оние со најниски пензии имаат подеднакви здравствени потреби, но процентуалниот модел им дава помалку. Тоа е апсурд со кој живееме триесет години.

Токму затоа се појавија предлози за пофер модел на усогласување кој има цел да обезбеди социјална еднаквост без да се наруши принципот на придонеси. Еден таков модел комбинира процентуално зголемување со фиксни додатоци, што дозволува ниските пензии да растат побрзо, а високите да не „бегаат“ премногу.

 

Комбиниран модел, да или не?

Паметните држави одамна преминаа на комбинирани модели – процент плус фиксна сума. Така се штити достоинството на сите, а не само на привилегираните. Ова не е само економска формула. Ова е прашање на етика. Затоа процентуалното зголемување не само што е погрешно – туку е и штетно. И ако сакаме фер систем, мора да почнеме од елементарната вистина: сите пензионери живеат во исто општество, со исти трошоци. Па така, и покачувањата треба да бидат праведни за сите.

Како функционира комбинираниот модел? Предлогот предвидува три чекори: Основно зголемување, на пример, од 5% за сите пензии – за да се задржи врската со платените придонеси; Фиксен додаток за ниските и средните пензии, со што се дава реална поддршка за најранливите категории; Плафон на зголемување за највисоките пензии, со што се спречува преголем скок и дополнително ширење на јазот.

Со овој пристап, некој што зема минимална пензија добива реално поголемо зголемување во денари, а некој со висока пензија и понатаму има корекција, но ограничена.

 

Дали процентуалното зголемување е во ред?

Ова е многу оправдано прашање и токму за тоа се водат жестоки дебати во речиси сите западни земји.

Аргументи дека НЕ е во ред и зошто создава неправда:

  1. Ги прави богатите пензионери уште побогати, а сиромашните остануваат сиромашни.
    – Ако некој има, на пример 1000 € пензија и зголемувањето е 10%, добива +100 €.
    – Ако некој има 400 € пензија, добива само +40 €.
    Разликата станува сè поголема со тек на време.
  2. Го продлабочува класниот јаз.
    – Во многу земји веќе се појавуваат критики дека „пензискиот систем ги наградува богатите“.
  3. Не ги заштитува луѓето со најниски примања.
    – Најниските пензии се најчувствителни на инфлација, но растат најмалку.
  4. Со тек на години создава генерации со огромни разлики.
    – Во некои држави највисоките пензии стануваат 5–6 пати поголеми од најниските.

Аргументи дека Е во ред и зошто институциите го бранат системот:

  1. Правило на придонеси – кој плаќал повеќе, добива повеќе.
    – Пензијата се третира како „инвестиција” во која повисоките придонеси треба да донесат повисок „поврат“.
  2. Одржливост на системот.
    – Процентуалното зголемување е административно најлесно и предвидливо.
    – Не бара нови даноци.
  3. Се смета за „фер“ според формулата на осигурувањето.
    – Слично како плата: ако имаш поголема плата, зголемувањето ти е поголемо.

 

Како го решаваат овој проблем западните земји?

Повеќето земји сфаќаат дека чисто процентуалното зголемување создава неправда.
Затоа прават комбинации:

Комбиниран модел (микс)

– Се зголемуваат пензиите процентуално, но најниските добиваат дополнително фиксно зголемување. На пример: +5% за сите + 40 € фиксно за ниските пензии.

Минимална загарантирана пензија

– Многу земји воведуваат минимална пензија под која никој не смее да падне.
– Секое покачување прво се користи за да се подигне дното.

Повисоки зголемувања за ниските пензии (progressive indexation)

– САД, Канада, Нов Зеланд го имаат ова за дел од системот.
– Поевтино е, а ги штити сиромашните.

Данок на високите пензии

– Некои земји од високите пензии земаат повисок данок, па разликата се ублажува.

 

Кој модел е најфер според експертите?

Според експертите, Холандски модел е најфер, со рамномерна основна пензија: Секој граѓанин добива иста државна пензија; Разликите постојат само во приватните пензии, не во државната.

Шведски модел е оценет како најстабилен: Има автоматски механизми кои не дозволуваат пензиите да паднат или да експлодираат; Ниските се заштитени со гарантна пензија.

Германски модел е најбалансиран: Го признава трудот и стажот, но не дозволува сиромаштија кај старите лица.

Најправичен модел за Македонија (или за Балкан) би бил комбинираниот модел, кој веќе го применуваат многу западни земји: Процентуално зголемување за сите (за стабилност и предвидливост); Фиксна сума само за најниските пензии (за да не расте јазот); Минимална државна загарантирана пензија (како во Шведска, Канада, Франција); Посебен додаток за долг стаж со ниска пензија (како германскиот Grundrente).

Како и да е, досегашното искуство покажа дека не е доволно само процентуално зголемување. Западот одамна сфати дека тоа е неправедно. Затоа сите имаат: фиксен додаток за ниските пензии, минимални загарантирани износи, прогресивни формули. Изминатиов краток период во Македонија пензионерите се помагаа со линеарни покачувања, од кои се незадоволни тие со повисоки пензии и сметаат дека се оштетени. Ова само покажува дека под итно се потребни реформи во оваа сфера, како што впрочем се потребни реформи и во низа други сфери. Но реални и издржани реформи, а не фингирани, кои ќе направат само поголем хаос и неправда.

Р.П.

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија