Како што се приближуваат локалните избори во Куманово, сè поочигледно е зголемувањето на бројот на колумните, ПР-текстовите и другите натписи во локалните портали. По својата суштина тоа не е нешто лошо. Во тоа е убавината на демократијата, секој да има право да го изнесе своето мислење. Но секое истапување во јавност подразбира и истото да биде подложено на критика.
Така што, кога внимателно ќе се анализираат овие текстови, се забележува нивната идејна површност и крутост. Наместо аргументирана расправа за досега сработеното и нови идеи, тие најчесто се ефтини панегирици посветени на веќе истрошени личности и партии од естаблишментот. Главната цел е создавање квази-триумфализам за внатрешна мобилизација во самите партии и т.н. „вагон ефект“, насочен кон неопределените и неодлучните гласачи, со надеж дека и тие ќе се приклучат кон „победничкиот воз“.
Во ниту една од овие колумни не се поаѓа од реалната состојба во која се наоѓа нашето општество и град денес, состојба на општествена аномија. Станува збор за општество во кое евидентно владее распад на вредностите, правилата и нормите. Но, зошто некој би зборувал за сопствените грешки, кога токму истите тие луѓе и истата таа политичка свест управуваат со Куманово веќе три децении?
Неодамна во раце ми падна книгата „Зошто народите пропаѓаат“ на Асемоглу и Робинсон, добитници на Нобеловата награда за економија во 2024 година. Книгата ја развива тезата дека клучот за успех или пропаѓање на една држава, општество или град не лежи во културата, географијата или менталитетот, туку во функционирањето на институциите. Таму каде што институциите се инклузивни, каде што се обезбедува еднаквост, почитување на правилата и можност за развој за сите, општеството напредува. Таму каде што институциите се екстрактивни, односно кога се во служба на малкумина кои извлекуваат корист на штета на мнозинството, тоа пропаѓа.
Куманово е локален пример што совршено го илустрира овој концепт. Во текот на транзицијата од самоуправен социјализам кон пазарна економија, градот ја изгуби својата индустриска основа. Фабриките што некогаш обезбедуваа илјадници работни места беа затворени или приватизирани на начин кој не создаде нови можности, туку само нови центри на моќ. Наместо инклузивни институции кои би ги штителе интересите на сите граѓани, се создадоа екстрактивни економски структури кои ги фаворизираат повластените групи и ја бетонираат нивната доминација.
Последиците од тоа се видливи во секојдневниот живот. Квалитетот на живеењето во Куманово е значително опаднат во скоро сите димензии. Целокупната безбедност е на ниско ниво, образованието е во постојана криза, сообраќајот е неорганизиран, а културниот живот е сведeн на маргинални активности. Анализата на урбаниот развој дополнително ја потврдува оваа слика. Куманово денес изгледа како пример за хаотичен развој без план и визија. Не се почитуваат најосновните урбанистички правила, комуналната инфраструктура е недоволна, а новите населби и згради растат без никаква стратегија. Наместо град со јасни симболи и идентитет, Куманово полека се претвора во „сива зона“, простор без значење и без чувство за заеднички живот. Граѓаните постепено го губат чувството на припадност и довербата дека животот може да се подобри преку колективно делување. Наместо тоа, се шири апатија и индивидуализам, секој се снаоѓа сам за себе, а јавниот простор и заедничките добра остануваат запоставени.
Затоа, потребни се нови луѓе со свежи идеи и еден нов оптимизам. Системот не е апстракција, тој е составен од конкретни поединци чија одговорност и визија ја одредуваат иднината на градот. Куманово не може да се промени само со зборови, потребно е воспоставување на ред во сите сфери на општествениот живот.
Стефан Илиевски
Магистер по историски науки
Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.
