„Братска Листа“ е ново продолжение на политиката која го изградила Куманово 

Уредник
Се чита за 5 минути

Многумина овие денови го поставуваат прашањето зошто „Братска Листа“ и што таа ново може да му понуди на Куманово.

Општо е познато, и покрај сите кампањи и фрлени пари кои сѐ уште се фрлаат тие да се нарушат, дека односите меѓу двата народа се на највисоко можно ниво. Секое истражување на јавното мислење во Македонија покажува дека Македонците убедливо ги сметаат Србите и Србија за најблизок народ и држава и обратно истражувањата во Србија го покажуваат истото кога се во прашање Македонија и Македонците.

Но сето тоа не е паднато од небо, туку е плод на стратешката програмска определба на ДПСМ сите свои капацитети да ги стави во функција на јакнење на овие односи, проследено со многугодишната макотрпна работа, па некогаш и на штета на краткорочните партиски интереси.

Не треба да се заборави дека единствен пратеник кој не е Македонец, а кој се спротистави и не гласаше за одлуките кои изминатите години беа носени против вољата на македонскиот народ, од промената на името на државата, преку претварањето на Македонија во де факто јазична федерација, до усвојувањето на штетниот предлог за решавање на споровите со Бугарија, беше тогашниот наш пратеник, претседателот на партијата Иван Стоилковиќ.

Исто така треба да се каже дека во сите кризни моменти за државата, кога беше најтешко, на иницијатива на ДПСМ, Србија праќаше огромна помош во вид на хеликоптери и противпожарни единици кога државата беше во пламен, во хаотичните моменти на светскиот економски пазар, брашно и прехрамбени продукти од државните резерви, кога сите држави гледаа само за себе и своите интереси, вакцини во веројатно најдраматичниот период на Ковид пандемијата, кога губевме десетици луѓе дневно и во многу други случаи.

За улогата во решавањето на деценискиот црковен спор и затварањето на единственото отворено прашање меѓу двата народа, нема ние да зборуваме, ќе кажат други.

Не случајно постои слоганот „кога треба нешто корисно да се направи за државата тука е – ДПСМ“!

И затоа, крајно е време оваа политика да добие соодветно место и на општинско ниво во Куманово. Ако погледнете низ историјата тоа не е ништо ново. Заедно ги имаме изградено скоро сите симболи на Куманово, од Соколана, Занаетчиски дом, Касапски круг, зградата на Општината, Монополот, касарната „Боро Менков“, како и главните артерии на градот, улици, патишта и мостови…

Заедно сме и во НОБ, заедно сме во ослободувањето од бугарскиот фашистички окупатор, но заедно сме и во повоената изградба на најголемите индустриски капацитети на градот.

Секогаш имајте на ум дека сѐ е уништено во времето на транзицијата кога српскиот народ беше изоставен од Уставот, а ДПСМ ставена на маргините на одлучувањето во градот и државата. За споредба, најкомплементарниот град на Куманово во Србија, кој и не е некој економски гигант, градот Врање, ги задржа сите овие капацитети во функција, од Јумко, Тутунскиот комбинат, Симпо, Алфа Плам, Коштана и други…

Законот за локална самоуправа дава многу можности за реализација на оваа наша платформа кои детално ќе ги прикажеме во изборната програма, но можности дава и прекуграничната соработка на која, и тоа како, можеме да влијаеме.

„Братската Листа“ на советници ќе биде составена не само со луѓе  од партиската структура, туку и од лица кои се лично и професионално докажани, лица од познати семејства кои ја обележиле на свој начин историјата на градот, а кои се надвор од партиската инфраструктура.

Затоа како одговор на прашањето кое го напишав на почетокот – ние нема да измислуваме топла вода, ние, ако добиеме доверба на претстојните избори ќе го вратиме докажаниот принцип на функцинирање кој донел толку много добро за нашата Општина.

 

Д-р Бобан Јаќимовиќ

Претседател на Извршниот одбор на ДПСМ

Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија