Ѓаволски тешка работа е човек да биде хроничар на политичките настани во Куманово. Особено во предизборието.
Многу интереси, локални, државни и регионални јавни и тајни сојузи. Кај нас, секоја јавна критика се доживува премногу лично, често зачинета со наивно прашање, што имаш ти против мене. Предвидувањето на изборниот резултат се темели на лични релации, симпатии и антипатии, до ниво на навивачки пристап како да се следи фудбалски натпревар, а не дуел на политички субјекти. Во оваа колумна ќе напишам како гледам на состојбите на политичката сцена во Куманово.
Не навивачки, туку со реално согледување на состојбите. А теренот покажува дека не е тешко да се предвиди изборниот резултат. Дуелот помеѓу партнерите во владината коалиција и најголемата опозициска партија (СДСМ) не е дуел на рамноправни противници. Првите се јаки, другите слаби и секој ден се послаби. Ова е дуел помеѓу фаворит и аутсајдер.
Нешто како натпреварот минатиот вторник помеѓу Англија и Србија. Емоциите зборуваа едно, а составот на играчите нешто друго.
Конечниот резултат покажа.
Што вели теренот?
Фаталните борби за власт и превласт во некогаш моќната СДСМ направија од таа партија клуб на обожаватели на ликот и делото на Мартин Костовски и неговиот ментор Зоран Дамјановски – Циц. Само тоа и ништо повеќе.
Партијата ја водат Мартин и Циц, а сите други се маргинализирани. Со формирањето на советничката листа, тој внатрешен раскол доби уште поголема тежина. Во тимот повторно сериозна улога има Валентина Алексовска.
Да се потсетиме дека Валентина Алексовска е поранешен секретар во општина Куманово во времето на третиот мандат на Дамјановски.
СДСМ – Цицовистичка е нерамноправен противник на владината коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Колку тоа да му се допаѓа на некој, или не, не е мој проблем. Теренот зборува така!
А што имаме од друга страна? Што е ВМРО-ДПМНЕ?
Со еден збор, машина.
Со малку повеќе зборови, силна организација којашто на овие избори ќе освои доволно советници да биде главен играч во Советот. Дали на некого тоа му се допаѓа, пак ќе кажам, е негов личен проблем.
Дали се фаворити? Да, сигурно.
Дали советничката листа е формирана без внатрешни поделби и неединство? Да, сигурно.
Дали има поддршка од членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ? Да, има.
Советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди нови лица и нова енергија – луѓе кои ќе се фокусираат на вистинските проблеми.
Носител ќе биде Владимир Михајловски, ново име на кумановската политичка сцена.
Успешен адвокат, почитуван од фелата и од своите сограѓани. Млад, реализиран семеен човек. Љубител на природата, ловец и рибар. Позитивен, скромен и добронамерен. Почнал од нула, со позајмена столица за својата канцеларија, но успеал со посветеност и чесност.
Другите имиња кои се вртат за советничката листа во оваа прилика само ќе ги набројам.
- Христина Божиновска, правник со долгогодишно искуство во Министерството за правда.
- Ирена Лазаревска, социјален работник.
- Анастасија Гроздановска, која е активно вклучена во развивањето на семејниот бизнис.
- Тони Димитриевски – Шеик. Повеќе од 24 години во угостителство, кој направи бренд не само во Македонија туку и пошироко.
- Сашо Томиќ, дипломиран социјален работник. Градски лик, вработен во ЈП „Чистота и зеленило“, поранешен спортист. Дел од првиот тим на КК „Искра“, далечната 1982 година.
Оваа екипа, што е само дел од советничката екипа поддржана од моќната машинерија на владината коалиција, е фаворит на овие избори. Бројот на освоените советнички места ќе се движи помеѓу 10–12 советници, наспроти 4–5 на СДСМ. А најважно од сѐ е – интересот на граѓаните. Промените се неопходни. Малку да се измеша крв.
Со децении Куманово е заробено од поединци кои ги држат клучните места во свои раце. И сите со сдсмовски background. Некои од нив, ЗНАМ, знаете дека се СДСМ light варијанта, но со иста ДНК структура. Онаа што е вградена во пропаста на Куманово. Безобразно збогатени поединци, осиромашен народ и уништен град е наследството што го оставија.
Треба нова енергија, нови луѓе. Промената и новиот почеток се на повидок. Куманово одамна е изморено од истите ликови што со години ја цедат секоја институција за лична корист. Веќе е јасно: тие немаат визија, немаат идеи, и единствената цел им е да опстанат на функциите. Но Куманово не смее да биде заложник на нивните интереси. Куманово одамна ја заслужува таа промена. Премногу години се потрошени во место, со истите луѓе кои постојано се вртат околу клучните позиции и не дозволуваат градот да дише. Сите го гледаме резултатот: млади кои заминуваат во странство, институции што не нудат решенија, улици и маала кои со години чекаат внимание. А додека реалните проблеми растат, се повторуваат истите празни ветувања.
Време е тоа да се прекине. Куманово заслужува нова енергија, нови луѓе со идеи, со визија и со храброст да носат одлуки за доброто на сите. Градот заслужува чесни и храбри луѓе кои ќе му го вратат достоинството. Промената не е само избор – таа е неопходност ако сакаме градот да има иднина.
Сега е моментот – или ќе ги отфрлиме старите структури и ќе тргнеме напред, или засекогаш ќе останеме заглавени во нивното мрачно минато. Одлуката е во рацете на граѓаните. Изборот е, или нов почеток или стагнација. Или радикални промени со нови луѓе или тонење со стари и потрошени кадри.
Или ВМРО-ДПМНЕ победничка или СДСМ потрошена?
Сигурен сум дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја докаже својата фаворитска улога. ВМРО-ДПМНЕ ќе добие доминантна улога во Советот на општина Куманово, а СДСМ ќе заврши онаму каде што одамна требаше да биде – на депонијата за потрошени и поразени политички субјекти.
Куманово повторно ќе сонува само ако се разбуди.
Марјан Петрушевски
