Мартин Костовски ќе биде нов градоначелник на Куманово

Уредник
Се чита за 5 минути
Почитувани пријатели на Плоштад,
продолжуваме со рубриката „Едно прашање – еден одговор“.
Во октомври ќе имаме локални избори и околу изборниот резултат ќе има жестока битка на поединци со различни политички ставови. Со различни мислења и фаворити. Во оваа рубрика ќе дадеме можност свој став да кажат и оние кои не се директно вклучени како кандидати. Ќе дадеме простор на обичните граѓани, но и на оние кои порано имале партиски функции.
Почнуваме со Виктор Божиновски, поранешен претседател на ОО СДСМ Куманово.

Плоштад: Господине Божиновски, долго време бевте активни во политиката како претседател на ОО СДСМ Куманово, бевте дел од тимот на поранешниот градоначалник Дамјановски, како негов близок соработник и дел од неговиот од изборниот штаб во сите изборни победи. Сега работите како адвокат, но редовно ги следите случувањата на политичката сцена. Дали може за читателите на Плоштад да ни ја кажете Вашата прогноза околу победниот во битката за најважната функција во градот и каков исход очекувате во битката за Советот на Општина Куманово?

Да, точно е дека бев дел од тимот на поранешниот Градоначалник Дамјановски, меѓутоа моето учество во изборните штабови на СДСМ потекнува многу поодамна. Имено, јас бев учесник во сите изборни процеси како дел од изборните штабови, на еден или друг начин, почнувајки од 1996 година па заклучно со последната кампања на господинот Дамјановски во 2013 година, во сите локални, парламентарни и претседателски избори.

Во врска со вашето прашање околу прогнозите за изборниот процес кој не очекува, односно за претстојните локални избори, врз основа на она што секојдневно можам да го насетам од огромниот број на луѓе со кои секојдневно се среќавам по различни основи, што во врска со мојата професија, што на обично кафе-пиење, два заклучока се многу јасни.

Прво, незадоволството на граѓаните на Куманово од работата на актуелниот градоначалник Максим Димитриевски е огромно, меѓутоа со оглед на фактот дека ВМРО-ДПМНЕ сеуште нема, и најверојатно, за жал, нема ни да има свој кандидат за градоначалник, сосема јасно е дека во вториот круг ќе се одлучува помеѓу Мартин Костовски и Максим Димитриевски. Единствениот независен кандидат досега, Горан Стојковски, според мене, а и според анкетите до кои имам увид, далеку заостанува зад првите двајца кандидати, исто како и можниот кандидат на Левица, кој може да добие дел од гласачите незадоволни од ДПМНЕ и СДСМ, меѓутоа далеку од доволно да може да се замеша во сериозна трка за градоначалничкото место. Исто така, факторот на албанските гласачи можеби ќе биде пресуден во вториот круг, па оној кандидат кој ќе успее да ги придобие веројатно ќе биде новиот градоначалник на Куманово. Земајки ги предвид сите наведени фактори, моето мислење е дека Куманово ќе има нов Градоначалник и тоа ќе биде Мартин Костовски.

По однос на прашањето за советничките листи јасно е дека главната битка ќе се води помеѓу листите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, и тука треба да се бара победникот на изборите во делот на советничките места. Листата на ДПМНЕ која веќе е објавена не содржи нови имиња за кои не се знаело дека и досега се дел од таа структура, па доколку СДСМ успее да направи листа комбинирана од нови, досега не толку истакнати кандидати и со дел од досегашните советници, многу малку луѓе можат да претпостават каков би бил исходот во оваа битка помеѓу двете најмоќни партии.

Во однос на останатите кандидатски листи, сметам дека листата на ЗНАМ ќе доживее сериозен дебакл, особено што информациите упатуваат на фактот дека нема да има посериозни измени од онаа листа што ја видовме пред 4 години, па во тој случај не им давам повеќе од 3-4 советнички места. Листата на Левица секако ќе има 2 советнички места, листата на независниот кандидат Горан Стојковски би имала 1-2 места во советот, додека најавите за посебна листа на ДПСМ и составот на истата, не гарантира повеќе од 1-2 советнички места. Во делот на албанските партии очекувам убедлива победа на листата на ДУИ над листата на ВРЕДИ, можеби и во некој посериозен сооднос кој досега се нема случено во овој дел од електоратот. Се на се, сметам дека не очекуваат многу интересни избори кои се од суштинско, би рекол референдумско значење, затоа што ќе се одлучува дали кумановци се задоволни од владеењето на Димитриевски во изминатите 8 години или не.

Р.П.

Споделете ја оваа статија