Во последниве денови јавноста повторно слуша за банкрот и сомнителни практики на компании кои со години се рекламираа како „програми за лојалност“ или „cashback клубови“. Најпознат пример е Lyoness, денес позната како myWorld, која во голем број европски држави е прогласена за пирамидална шема.
A што значи „пирамидална шема“? Пирамидалните шеми функционираат едноставно: Новите членови плаќаат влезни такси или вложуваат средства, а старите членови добиваат пари токму од тие уплати. Заработката не доаѓа од реална трговија или услуга, туку од континуирано привлекување нови учесници. На крајот, пирамидата колабира – најмногу губат токму оние „најдолу“, обичните граѓани.
Но, според европските искуства во Италија, Норвешка, Полска и Турција, државните органи формално прогласија дека Lyoness/ myWorld е пирамидална организација и им наложија забрани и глоби од милиони евра. Судовите заклучија дека станува збор за модел кој повеќе личи на „пресипување од шупљо во празно“ отколку на вистински бизнис.
За жал, кај нас е молк и правен вакуум, односно, во Македонија нема јасни информации дека институциите некогаш отвориле постапка против вакви компании. Законите за заштита на потрошувачи формално забрануваат пирамидални шеми, но недостигаат јасни дефиниции и активна контрола.
Во пракса, институциите реагираат само откако граѓаните веќе ќе бидат измамени. Превентивниот механизам е слаб или целосно отсуствува.
Токму овој правен и институционален вакуум им оди во корист на луѓето кои сакаат „брзо и лесно збогатување“. Зад звучни имиња и добро осмислен маркетинг, тие ја префрлаат штетата на најранливите – обичните граѓани кои веруваат во илузијата на лесната заработка. Последиците ги чувствуваат граѓаните.
Што би требало да се промени за да се елиминираат негативните ефекти од вакви појави?
– Усогласување на нашето законодавство со ЕУ директивите за нефер трговски практики, кои јасно ги дефинираат пирамидалните шеми. Активен инспекциски надзор – подобро е да се спречи, отколку да се лекува.
– Јавна едукација – граѓаните треба да знаат дека ако некој бизнис се темели на постојано внесување нови луѓе, а не на реална работа или производ, речиси сигурно се работи за измама.
– Транспарентна листа на сомнителни компании, како што тоа го прават регулаторите во многу европски земји.
И да завршам со заклучок дека пирамидалните шеми не се нова појава, тие се само ново пакување на старата илузија – „брзо збогатување без труд“. Задача на државата е да ја заштити јавноста, а задача на секој од нас е да биде внимателен и да не дозволи да биде дел од „шупљо во празно“.
Куманово 22.08.2025
Авторот е познат на Редакцијата.
