СУМА и ЛА ВИТА – центар во центарот
Во самиот центар на Куманово, успешно функционира Трговскиот центар СУМА. Центар си е центар, што би се рекло, и кумановци милуваат, мини замини, да навратат во “нивна“ СУМА.И, кога надвор се “студој големи“, или “нехумани горештини“, во овој трговски центар, на раат и спокојно, секој посетител “натенане“ ке си испазари во над 15 брендирани продавници, и ќе си поседи на пијачка, во реномираната ЛА ВИТА.
Да потсетиме, Трговскиот центар СУМА беше отворен на 10 октомври 2009 година. Toj е лоциран во центарот на градот и се наоѓа во просториите на поранешната фирма Текстил промет. Објектот е со два влеза и со голем паркинг простор, а во негов состав, поточно, во долниот дел на Центарот, се наоѓа познатиот КАМ маркет. Исто така, во негов состав функционира и ШПАРКАСЕ банка.
Желбата да проговориме за овој трговски центар ни’ ја пробуди убавата атмосфера во пицеријата ЛА ВИТА сместена во центарот на овој Центар. Во убав и топол амбиент, посетителот може да се одмори, да си поприкаже, или да си организира и деловна средба, без да му биде загрозена приватноста на разговорот.
Како што ни рече нејзиниот сопственик Моме Костадиновски – Феликс, ЛА ВИТА е во овој Центар од 2013 година. Со неговите косопственици, одлучиле да го заживеат овој простор кој, во тој период бил пуст и неатрактивен. Лично тој, како менаџер со над 31 година искуство во угостителство, верувал дека овој простор може да се претвори во атрактивно место.
-Имаме одлична соработка со сопствениците и со вработените во ТЦ СУМА, особено со менаџерката на компанијата која стопанисува со него, МГ Проперти, Олгица Крстевска, вели Костадиновски. Нашите идеи за оживување на овој простор наидуваат на разбирање и поддршка од нејзина страна, бидејќи ние сме сопственици и на игротеката, простор кој е неопходен за еден ваков објект. Овде е безбедно, спокојно, топло, комфорно и пријатно. Доаѓаат гости кои не сакаат бесмислени турканици, гости кои преферираат неофицијални деловни средби, дури 70 проценти ни се тој тип на гости. Баби, дедовци, мајки, татковци, тетки… со нивните најмили, и ги уживаат содржините што ги нудиме. Службата за обезбедување максимално ги исполнува своите задачи, така што сите сме безбедни, згрижени и без инциденти, додава тој.
Интересно за него, е што кумановчани повеќе го знаат како Феликс отколку како Моме. Тој исто така е пример дека партнерството во бизнисот може да носи успех. Доказ за тоа е познатото КОРЗО, кое од 2000 до 2018 година беше брендирано место, во кое, ако не се поминеше барем на кафе, не си кумановец, како и сегашната пицерија ЛА ВИТА, во која исто така има повеќе партнери, со кои одлично се согласува. Според него, нема проблем во партнерско сопствеништво, кога работите се поставени на здрава, чесна, фер и професионална основа. И, полесно е кога се растоваруваат и прераспоредуваат товарот и одговорноста во борбата да се остане на врвот, особено во угостителството. Како што вели, за жал, се’ уште се чувствуваат последиците од Ковид, што како бизнис угостителството го прави уште потешко.
Феликс потенцира дека голем проблем за кризата во угостителството е и иселувањето на младите и немањето на стручни вработени, поради што се погодени сите угостители во целата држава. Тој укажа и на проблемот со набавка, поради секојдневното поскапување на артиклите што доведува до нереални цени и народот е доведен во заблуда, што се афектира на адреса на угостителите, а не на креаторите на оваа политика на цени. Но, пицерија ЛА ВИТА, подвлекува Феликс, одлучила да остане речиси со истите цени од пред три години.
-Ја препорачувам нашата пастрмалија и нашите пици, без лажна скромност. Овде има дел и за пушачи и за непушачи. А и кафето ни е по бадијална цена, низ насмевка додава Феликс.
Како и да е, кој еднаш го доживеал овој простор, ќе дојде уште еднаш, и уште еднаш… Модата е минлива категорија а стилот е вечен, вели нашиот домаќин, со кого се договоривме за уште еден муабет, токму на темата – стил.
Редакција