Здружението за култура и заштита и унапредување на животната средина „Натуро“, на 23 април 2025 година во ООУ „11 Октомври“ – Куманово, по трет пат ја организираше детската ликовна колонија „Фрагменти од мојата фантазија“.
Оваа детската ликовна колонија се одржа на тема „Шарено Велигденско јајце“ и на неа учествуваа 12 ученици од шест кумановски основни училишта, ООУ „11 Октомври“ (училиштето – домаќин), ООУ „Кирил и Методиј“ – Романовце , ООУ „Кочо Рацин“, ООУ „Магдалена Антова“, ООУ „Толи Зордумис“ и ООУ „Христијан Карпош“.
Мисијата на „Натуро“ продолжи со активностите во кои најмладите практично покажаа на кој начин може да се сочува и негува животната средина, низ изработка на уметнички дела од комплетно еколошки материјали.
– Беа изработени 12 ликовни творби на бел акварелен картон со техниката колаж. Целта да се изработуваат уметнички дела со комплетно еколошки материјали, ни покажаа дека природата може да се користи и да ни служи за задоволување на нашите потреби, без при тоа да го нарушуваме нејзиниот совршен баланс, гласи толкувањето на идејата и организирањето на една ваква манифестација.
Стручна комисија составена од три члена: Марина Милосављевиќ – наставник по математика, Дејана Алексовска – наставник по одделенска настава и Кристина Јовановска Петковиќ – дефектолог, ги прогласи најдобрите дела (со евровизиски систем на гласање). Првонаграденото дело, изработено од Нина Крстевска од деветто одделение од ООУ „Кочо Рацин“ и заедничката творба на „Големо шарено јајце“ традиционално ќе останат да го красат училиштето – домаќин на колонијата.
Организаторот упати благодарност:
– Следната детска ликовна колонија ќе се организира во училиштето победник, а тоа е ООУ „Кочо Рацин“. Колонијата е дел од програмата на културни активности на Општина Куманово за 2025 година под покровителство на градоначалникот, Советот и Секторот за култура. Истата имавме чест да ја проследат Ивана Ѓорѓиевска – претседател на Советот и Александар Крстевски – раководител на Секторот за култура во Општина Куманово. Голема благодарност до ООУ „11 Октомври“ – училиштето домаќин и директорката Драгица Спасиќ.
Светот останува на децата, иднината е во нивни раце, беше главната мисла – водилка за организирање на овој настан.
Р.П.