Каков свет оставаме на младите генерации?

Уредник
Се чита за 5 минути

Точно е дека светот останува на младите. А каков свет им оставаме ние возрасните?

Веројатно  свет во кој има безброј проблеми и во кој е потребно мудрост за справување  со  истите.

Дали доволно веруваме и им даваме шанса на младите? Дали сме подготвени да им покажеме како да го фатат моментот и како на тој пат да направат промени во општеството?

Членовите на медиумскиот клуб со своите ментори во ООУ „Толи Зордумис“ решија да го слушнат гласот на нивните другари, со цел да се слушне гласот за нивните потреби и желби.

Ги запрашавме деветтоодделенците дали имаат самодоверба, како таа влијае на нивниот избор на средно училиште и дали размислуваат за својата идна професија?

Нашите ученици се свесни за своите јаки или слаби страни. Нивната самодовербата е на сосема високо ниво. Повеќето од нив сѐ уште не размислиле за избор на идната професија Тоа секако е разбирливо, со оглед на возраста на учениците.

Конкретно ги прашавме дали некогаш имаат размислувано да бидат новинари? Што мислат за оваа професија? Дали знаат што е медиум?

Според нив, новинарската професија е интересна и го прави светот поубаво место за живеење. Учениците знаат дека мора да се заврши факултет за да ја работиш новинарската професија, но не со сигурност кој факултет. Слушнале за истражувачкото новинарство и  го објаснуваат како одење на терен, правење интервјуа и пишување вести. Доколку би се занимавале со новинарство, најмногу од нив ќе снимаат видеа, а многу мал број ќе пишуваат статии. Младите како публика, сакаат да гледаат видеа, но не сакаат да читаат новинарски статии.

За себе мислат дека имаат познавања од повеќе медиуми. Знаат што се медиуми и дека се делат: на печатени и електронски. Од медиумите мислат дека најмногу се гледа ТВ која е електронски медиум и тоа: вести, спорт, турски серии, а најмалку образовна програма или квизови. Гледаат филмови и серии и прават разлика помеѓу игран филм и документарен филм. Повеќето се запознаени или слушнале што е репортажа. Скоро сите знаат што е поткаст и дека може да се гледа и слуша. Мал број од нив не погледнале/слушнале ниту еден поткаст. Оние што гледаат поткасти тоа го прават на youtube.

Во однос на тоа дали и колку користат социјални мрежи, учениците се изјаснија дека поминуваат на социјалните мрежи повеќе од 4 часа дневно. Најмногу се на ТикТок, а потоа на Инстаграм. Од Фејсбук користат само месинџер. Родителите им поставуваат ограничувања, ама ретко каде има резултат. Во текот на целиот ден се приклучени на омилените социјални мрежи, најчесто поради забава (гледање смешни видеа на ТикТок или стори/рилс на Инстаграм) или комуникација со пријателите. За комуникација се користат скратеници и тоа на англиски јазик. Емотиконите се исто така составен дел на нивната комуникација. Ако немаат пристап на омилените социјални мрежи, се чувствуваат празно, не знаат што да прават, здодевно им е. Искрено признаваат дека долгочасовното користење на социјалните мрежи им ја намалува концентрацијата, времето за час им летнува и немаат време за учење и домашна работа.

Не е тешко да се заклучи  дека децата и покрај тоа што се длабоко навлезени  во виртуелниот свет, сепак имаат голем потенцијал за креативна работа. Нивниот светоглед е сосема различен од оној на наставниците и родителите и повторно се покажува неодминливиот „генерациски јаз“. Информации имаат на претек, па затоа немаат потреба од долготрајно меморирање. Свесноста за сопствените квалитети е на завидно ниво и допрва ќе постигнуваат успеси. Имаат интерес за учење нови работи.

Општ заклучок е дека задачата на образованието треба да биде насочување на оваа дигитална генерација деца за усвојување на знаења на нов и соодветен начин за нив. Тоа се постигнува со интеракција меѓу ученик – наставник – родител. Сите треба да учиме едни од други, а пред сѐ ние возрасните од децата. Оти децата не учат од вербални предавања, туку од примерот како го живеат возрасните она што го бараат од нив самите.

Затоа родители најдете време и разговарајте со вашите деца! Слушнете ги нивните потреби. Искажете го, но не им го наметнувајте вашето мислење. Верувајте во нив, но  оставете простор и тие да веруваат во вас. Покажете им го патот кон успехот, но не водете ги по патот до него.

На сите идни средношколци, колективот при ООУ „Толи Зордумис“, им посакува избор на училиште по нивна мерка, постигање квалитетно образование и многу лични успеси во средношколскиот живот.

Р.П.

 

Споделете ја оваа статија