Зошто на Куманово не му треба излетничко место?

Уредник
Се чита за 5 минути

Фигуративно и иронично прашање, секако. Затоа што цело Куманово е излетничко место — од реката Кумановка и нејзиниот кеј, бањата и изворите, Матејче и манастирот, паркот кај автобуската станица, спортската сала и нејзината околина, Студена вода и околината, па сè до Пелинце и Менкова колиба.

Но, да почнеме од почеток.

Куманово – некогаш град на фабрики и чадници

Имаше време кога Куманово не го славеше 1 мај со пикници, туку со маршеви, транспаренти и свирежи на фабричките сирени. Работнички град, вистински. Фабрики со по 5.000 вработени — „ЧИК“, „Тутунски комбинат“, „Житомел“, „Киро Фетак“, „ФЗЦ 11 Октомври“, „Искра“, „Полет“, „Кожара“, „Амбалажа“ и други. Женски и машки раце – вешти, цврсти и вредни – ги носеа на своите плеќи семејствата, генерации, целиот град.

Куманово беше живо — не само по кафаните, туку по смените, по автобусите што ги собираа работниците од сите маала и села. Денот започнуваше со кафе од термос и леб со паштета, а завршуваше со умор кој мирисаше на пот, но и на гордост.

Доаѓа транзицијата – и ја зема машината од раката

А потоа дојде транзицијата. Таа магична (и маглива) епоха што за некои значеше „приватизација“, а за повеќето — приватизирана сиромаштија.

Одеднаш, фабриките не беа „исплатливи“. Одеднаш, комбинатите со илјадници вработени беа продадени за „1 евро“, како да се тенџериња со флека, а не генерациски труд. Работниците станаа „технолошки вишок“ — нов термин за „врати се дома и снајди се“.

Истовремено, се појавија транзициски бизнисмени — од никој-ништо, преку ноќ, станаа сопственици на она што го градеа цели генерации со дланките. Купуваа фабрики за да ги распарчат и продадат како старо железо. За профит, без срам.

Работникот – извозна сила на Македонија

Што прави кумановецот кога ќе му ја земеш работата? Заминува. Но не со раце в џеб.

Почна ерата на Ирак и Авганистан, на обезбедувачи, готвачи, возачи и мајстори што работеа во воени бази, на +50 степени, под странски знамиња и бомби над глава. Таму, далеку, за 1.000–2.000 евра месечно- некои и многу повеќе, со договори од 6 месеци до 2 години. Не затоа што сакаа – туку затоа што тука немаше што да се сака.

Потоа следуваа сезонските работи низ Хрватска, Германија, Австрија, Шведска… во кујни, градежништво, болници и домови за стари лица. Некои се враќаа, некои остануваа. А оние што останаа – чекаат роднините да ги видат за Божиќ или на свадба.

Новата фабрика – интернетот

И додека некои плетат мрежи со железо и бетон, други почнаа да ги плетат дигитално. Интернетот стана новата фабрика. Некој продава маици на Etsy, друг заработува од YouTube-клипови, трет – од фриленс-проекти. Куманово се снајде и тука. Секогаш се снаоѓа.

Сега работниот ден не почнува со смена, туку со логирање. Нема кафе од термос, туку Zoom-состанок со клиент од Холандија. Се смени работата, ама не и менталитетот – вредниот, издржлив кумановец секогаш бара и наоѓа начин.

И оние што останаа

И додека некои заминаа, има и такви што останаа. Вработени во јавна администрација, трговија, градежништво, угостителство… Работници што не ги видовме на билборди, но секој ден ги гледаме во автобус, на улица, во продавница. Работници што не се предадоа. Ни на државата, ни на судбината.

И тие се вредни. И тие се тука. Заради нив, Куманово не е само спомен од индустриско време, туку жив, тврдоглав и горд град.

Честит 1 мај на сите работници

На оние што работеа, што работат и што ќе работат.
На оние што се дома, и на оние што се на печалба.
На оние што си ја бараат правдата, и на оние што ја создаваат.
На сите кумановци што, и покрај сè, не се откажуваат.

Затоа – можеби навистина не ни треба излетничко место.

Кога цел живот ти е излет низ историјата, економијата, светот и интернетот — каде ќе побегнеш за 1 мај?

 

Р. П.

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија