Стефан Трендафиловиќ е млад колекционер на олдтајмери, на прагот на своите триесетти, а толкав голем вљубеник со возен парк од шест возила, што е за честитање.
Тој е и претседател на клубот „Олдтајмер витези Куманово“, кој досега има реализирано вкупно пет изложби на стари автомобили, од кои, три во Куманово за 11- ти Октомври и две во Крива Паланка, за Велигден.
Куманово, го има својот Клуб. Кога го формиравте клубот и првите изложби?
– Овој клуб е основан во октомври 2023 година, од страна на пет членови, од кои речиси сите ние и натаму сме константно активни, а бројката од други членови, варира. Јас сум претседател на Клубот и имаме екипа со која заедно одиме на изложби, учествуваме, заедно правиме изложби, се дружиме…
Како се роди Вашиот интерес за овој вид на колекционерство?
– Посетив изложби во 2012 и 2013 година, а во 2016 година почнав да учествувам со мое возило. Првите изложби на кои зедов учество беа во Кавадарци, Велес, Скопје и Охрид, сега веќе одамна нема во Охрид.
Кога Клубот реши да ја организира својата прва изложба?
– Првата изложба е направена со голема помош од други клубови, со скопски клубови конкретно. Се одржа на 11 октомври 2023 година. Ние одиме често на изложби, се дружиме, комуницираме и секогаш било прашање „Зошто нема клуб во Куманово, како втор најголем град во Македонија“. Има тјунинг шоу, но никогаш не за олдтајмери. И како се ближеше празникот и така бидна „Ајде заедно ќе го направиме со наша поддршка, разговарај со луѓето од Општината“ ми рекоа, разговарав, го добивме плоштадот и така почна сѐ.
Каде се одржуваат?
– Во Куманово сите три изложби беа на Градскиот плоштад „Нова Југославија“. Можеше да изложи кој сака. Гостите ни беа од цела Македонија, од Куманово, Струмица, Кавадарци, Кичево, Велес, а имавме и од Србија. На една изложба имавме гости и од Хрватска. На првата беа изложени околу 75 возила, додека во Крива Паланка околу 30.
Распишувате јавен оглас или знаете точно на кого да му се обратите, на сопственици на олдтајмери?
– Првенствено, ние што сме претседатели на клубови низ Македонија, а ги има околу 15- тина, си комуницираме уште пред тоа, а потоа пуштаме најава на фејсбук, инстаграм, тик- ток, на сите социјални мрежи, за народот да биде запознаен, за кој сака да земе учество, а кој сака да дојде како посетител.
Вие, какви олдтајмери поседувате? Тоа се Ваши или наследени?
– Тоа се мои возила, моите родители не се колекционери. Во моментов имам шест, главно мерцедеси. Имав црн, црвен и бел, едниот од 1984, едниот од 1989, а имав и од 1987 година, но го продадов. Имам и крајслер.
Крајслер е помодерно возило, претпоставувам за возење на долги релации?
– Сите се за долги релации.
Е тука сакам да ми ја кажете разликата, велиме дека со возилата може да се патува на подолга релација, но ако треба да се тргне на подолг пат сигурна сум дека крајслерот ќе има поголема предност од стариот мерцедес.
– Крајслерот, во мојот случај, има предност затоа што е кабриолет, а сега е лето, жешко е… Но, неодамна со сопругата и со детето бевме на одмор во Грција со мерцедесот од 1989 година.
Имате доверба во старите возила?
– Во моите да.
Во што е предноста на поновите возила?
– Ново возило мора да има клима, мора да има паркинг сензори, мора да има камери и такви работи.
А во што е важноста да се има олдтајмер?
– Само желба и љубов.
Нема престиж, да Ве видат луѓето и да кажат „вау, погледни мерцедес од таа и таа година“?
– Да има, на пример има мерцедес од педесеттите години кој значи престиж и е доста уникатен. Конкретно за мене мерцедесот нема негативност, единствено само ако е постар модел и нема клима, тоа те ограничува да возиш во густ сообраќај во летни денови, нема да ти е удобно. Неодамна отидовме во Панчево со еден олдтајмер. Тргнуваш рано наутро, како порано што се правело, возиш кога е свежо.
Како ги одржувате олдтајмерите? За некои можеби и нема делови, а помладите мајстори можеби не знаат ни да ги поправат. На кој начин го спроведувате сервисирањето и одржувањето, бидејќи и тие подлежат на технички сервис, мора да биде комплетно исправно.
– Возилото мора технички да е исправно. Има одредени луѓе кои олдтајмерите си ги возат и секојдневно. За одржување голем дел треба сам да правиш, бидејќи мајсторите не се нафаќаат. Мајсторите низ Куманово ни помагаат до одреден степен, но да кажеме поголем дел од поправките остануваат на нас самите.
Во која смисла на вас самите, зарем знаете и да поправате автомобили?
– Па мора. Ако не знаеш, мора да научиш. Сами учиме од јутјуб, таму има видеа. Потоа на социјални мрежи сме во комуникација со луѓе од други градови и од други држави и ќе размениш мислење. За било кој дефект, доколку не е толку проблематичен, има упатство. Сето тоа може да се најде, само ти треба упорност. Исто и за делови, не е невозможно да се најдат. За возило од педесеттите и од шеесеттите е многу тешко, но за возилата кои што ние ги имаме и ги употребуваме, сѐ уште може да се најде и во продажба и на отпад, од стари возила.
Дали еден автомобил колку е постар е поскап, или поевтин? И доколку му ставиме предзнак „олдтајмер“ делува како нешто повредно, од било кој друг стар автомобил?
– Па моментално се става презнак „олдтајмер“ кој според мене не е добар збор, има Закон во Македонија кој вели „возило со историска вредност“ и кој се користи за увоз на постари возила кои треба да надминат старост над 35 години и над 90 отсто да бидат во фабричка состојба. Тоа се смета за историска вредност. Ние народски си велиме олдтајмери. А вредност многу варира, многу фактори играат улога. Самата година на производство не игра толку улога, на пример некои автомобили ќе добијат години, но никогаш нема да се тоа што некој би сакал. Одредени возила секогаш ќе имаат повисока вредност. За пример, БМВ или мерцедес не мора да е многу стар. Има некои возила што се од повисок бренд, лимитирано издание, ретки се и не можеш често да видиш такво возило. Има фактор: „година на производство“, „колку такви возила се произведени“, „колку вредност донело во историјата на возилата“ и според тоа се оценува… На пример некои возила фабрички се со многу иновации и се напредни за тоа време и имаат шанса да имаат повисока вредност. Не може да биде вредно само затоа што е старо и ретко. Баш бидејќи е ретко нема многу делови за него и тоа возило не е од корист за многу луѓе. Но, задолжително мора да биде во идеална состојба и многу одржувано.
На Вашите изложби кое било најстарото изложено возило?
– Тоа е „фиат балила“ произведено во 1932 година, кое било дел од култниот филм „Мирно лето“. Го поседува Стефан Ѓорчев од Свети Николе. Тоа не е најстаро донесено кај нас, туку најстаро регистрирано возило во Македонија. Функционално е и уште вози. Донесено е во 1950 година од Словенија и имало и период кога не се возело, но две години еве како Стефан го реставрира и изложува. На нашите изложби доаѓа со него.
Му се овозможува да го регистрира и да го вози?
– Да, да исправно е тоа возило.
Тоа зборува дека автомобилите и сто години може да тераат ако добро се одржуваат. Дали некогаш навистина ги правеа поквалитетни? Зборуваме за цврстина на материјал, за квалитет, за структура на градба, затоа што сега се оди на визуелно освојување на купувачот, брзински да биде и со подобри услови…
– Новите возила се прават со нови материјали и повеќе пластика се употребува во нив.
За да биде полесно и побрзо да се движи?
– Да, да и заради економичност и за да е полесно, побезбедно, се користат најразлични композити. Старите возила се на некој начин поцврсти, но се правени за друга намена, за возилото да трае. Ќе го купиш еднаш и го имаш. А сега се наменети за почесто да ги менуваш, да не се врзуваш за едно, бидејќи сега возилото не е луксуз, туку е повеќе потреба и на тој метод се произведуваат- брзо, поевтино и во што побрз временски период да ја задоволи потребата да се движиш од точка А до точка Б . Потоа побрзо да оди на рециклирање и побрзо да заврши неговата приказна. Постарите возила некогаш биле како фамилијарен член. Јас имам купено такво возило, цела фамилија го испраќаше на камион.
Со жал?
– Со жал, со плачење …
Што возило беше тоа?
– Мерцедес. Еден од моите.
Сега би ве прашала повторно едно прашање- кога ја правиме таа паралела на стари и нови возила, велат дека старите доста загадуваат бидејќи се на бензин. Точно е тоа околу загадувањето?
– Постарите возила загадуваат затоа што немаат дпф филтри, катализатори, егр системи, сѐ што го намалува загадувањето. Новите возила од салон, да кажеме до 10 година старост, се еколошки безбедни до одреден степен, колку што може да бидат кај нас. Но, кај нас е дискутабилно колку од возилата навистина имаат катализатор, егр системи…Така што, широка тема во тој поглед, кој повеќе загадува.
Која е Вашата желба, каков автомобил сакате да ја дозакити Вашата колекција?
– Тоа е многу тешко прашање. Јас сум од вистинските љубители на возила, немам конкретно определено дека сакам само тоа и тоа, само тој бренд. Имам сменето доста возила и сѐ зависеше како се чувствував во моментот. Денеска можам да кажам „Да, тоа возило сакам да го имам“, а утре ако разговораме ќе биде друго возило, трет ден ќе биде трето. Нема нешто што мора да го имам, има многу што сакам да ги имам.
Каде ги разгледувате возилата?
– На огласи, во посебни групи на фејсбук, не дека секогаш ќе купиш, но си разгледуваш. Некогаш некој ќе ти помогне да си најдеш возило кое го сакаш, или ти ќе му помогнеш некому тој да си го најде возилото кое го сака.
Во однос, еве да речам, на славата на автомобилите, дали се случува едно возило да добие поголема продажна вредност, доколку било возено или поседувано од некоја позната личност? На пример за „бубата“ на Тоше нема кој не слушнал. Како се рангираат тие возила?
– Зависно од купувачот дали нешто му значи, ако е љубител на постари возила и љубител на тој бенд, на тој пејач, на тој глумец, на тој филм, ќе плати екстра за да го има. Некому пак може да не му значи тој филм или не го ни гледал. Сѐ зависи од тоа кој е заинтересираниот купувач.
Што следно ќе организирате, кога и каде?
– На 11- ти Октомври ќе биде традиционалната изложба во Куманово. Рано е сѐ уште, пријавување ќе почне во септември. Секогаш правиме на плоштад, а потоа со возилата заминуваме на разни места во околината, една година бевме во Меморијалниот центар Пелинце на пикник- верзија на изложбата и неформално дружење на учесниците. Во Крива Паланка од изложба редовно се оди на Свети Јоаким Осоговски. Едната нашата изложба ја посети лично и градоначалникот на Крива Паланка.
Ова ви се исплати или троши финансии?
– Троши финансии. Заработка главно нема, сѐ се прави како хоби, од љубов.
Скапо изнесува да се има плус и клуб или може да се поднесе тој трошок?
– Може да се поднесе. Прва изложба беше со целосна поддршка од другите клубови, а другите две изложби со поддршка од Општината и спонзори.
Членарина плаќате?
– Да, членарина се плаќа за одржување на клубот. Покрај изложби има и други трошоци кои што мора да се покријат.
Сопругата како гледа на сево ова?
– Можам да кажам само дека го подржува моето хоби.
И за крај, дали е ова господско хоби?
– Хм. Да. Би рекол дека е господско.
Валентина Ѓоргиевска Парго
Кога ќе се спомне олдтајмер нѐ асоцира на нешто убаво и топло и веднаш низ сеќавањата, ни се враќа слика, најмалку, од саканиот автомобил од детството, кој можеби и не е веќе во семејната гаража или не е ни во употреба, но буди пријатни чувства.
Реалната дефиниција според Светската федерација за историски возила – FIVA, е дека олдтајмер е возило старо најмалку 30 години, кое е сочувано и одржувано во исправна состојба, кое не се користи како секојдневно превозно средство и кое е дел од техничко или културно богатсво.
Во шеесеттите години на минатиот век почнала да расте свеста за олдтајмерите и многу важната задача – за нивно зачувување.
Најскап е Ферари 250 ГТО, продаден за 59,2 милиони. Тоа возило е произведено во 1963 година, ги има само 36 произведени. Но секоја година се менува кој е најскап олдтајмер и може да достигне и повисока цена.