Куманово, вториот најнаселен град во државата, влезе во завршницата на мандатот на актуелниот градоначалник со повеќе прашања отколку одговори. Податоците и изјавите од граѓани и експерти укажуваат на сериозен јаз меѓу ветеното и реализираното.
Четири, поточно, осум години по преземањето на функцијата, актуелниот градоначалник на Куманово се соочува со жестоки критики од јавноста за, како што велат граѓаните, „недовршена работа и нереализирани проекти“. Граѓанските активисти предупредуваат дека транспарентноста на општината е на историски ниско ниво. Дел од тендерите, велат тие, се доделуваат во „тесен круг“, без доволна јавна контрола.
„Ветувањата за модерно и развиено Куманово останаа само на хартија. Време е граѓаните да побараат отчет и резултати, а не изговори“, коментираат граѓани на социјалните мрежи.
Со приближувањето на новите избори, јавноста сè повеќе се прашува дали Куманово може да си дозволи уште четири години под истото раководство, или конечно е време за промена која ќе донесе работа, а не само зборови. Куманово, како еден од најголемите градови во Македонија, се соочува со многу предизвици кои влијаат на секојдневниот живот на неговите жители. Во време кога граѓаните бараат промени и подобрувања, прашањето „Каков градоначалник сакаат кумановчани?“ е повеќе од актуелно.
Според анкетата што ја направи ПЛОШТАД, кумановци сакаат:
- Одговорен и транспарентен лидер
Кумановчани сакаат градоначалник кој ќе биде одговорен за своите одлуки и постапки. Лидер кој ќе го отвори процесот на донесување одлуки и ќе им обезбеди на граѓаните увид во трошењето на јавните пари. Транспарентноста и отчетноста се клучни за враќање на довербата во локалната власт.
- Практичен менаџер со јасна визија
Жителите на Куманово очекуваат лидер кој не само што ветува, туку и реализира проекти. Градоначалник кој има јасна стратегија за развој на инфраструктурата, подобрување на јавните услуги и креирање услови за економски раст и нови работни места.
- Пристапен и блиску до граѓаните
Градоначалник кој е секојдневно достапен за разговор и слушањето на проблемите на граѓаните. Човек кој не се крие зад бирократски процедури, туку е дел од заедницата, кој ги познава потребите и реалноста на луѓето од сите делови на градот.
- Одлучен и непоколеблив
Потребен е лидер кој ќе преземе одговорност и ќе донесе тешки, но неопходни одлуки, без да потклекнува на партиски или приватни интереси. Куманово треба градоначалник кој ќе се бори за јавниот интерес, дури и кога тоа не е популарно.
- Визионер кој гледа во иднината
Кумановчани сакаат лидер кој ќе работи на долгорочни решенија и стратегии – од еколошка политика, преку модернизација на јавниот превоз, до унапредување на образованието и културата. Градоначалник што ќе гледа напред и ќе го носи Куманово кон модерна и одржлива иднина. Заклучокот кој се наметнува е дека Куманово заслужува градоначалник кој ќе биде повеќе од политичар – човек со јасна визија, одговорност и љубов кон својот град. Лидер кој ќе ја врати довербата на граѓаните и ќе го води градот кон вистински развој.
За сегашниот градоначалник Максим Димитриевски може да се каже дека е човекот што ја победи бившата партијата, но не и сомнежите. Тој влезе во политичката историја како човек кој двапати ја освои градоначалничката функција, но зад оваа приказна за политички успех се крие сенка од сомнежи што ја следи неговата кариера.
Најголемата контроверза му останува аферата со ДУП-от за ЛИДЛ, станот од 97 квадрати купен за само 2.500 евра. Според обвинувањата напоранешни сопартијци од СДСМ, Димитриевски преку шема со блиски луѓе добил имот по цена што е смешна во споредба со реалната вредност од над 70.000 евра. Државната комисија за спречување на корупција го затвори предметот поради „недостиг на докази“.
Критичарите тврдат дека ова не е изолиран инцидент. Во јавноста кружат обвинувања за спорни урбанистички планови кои на блиски компании донеле приватни профити од стотици илјади евра. Димитриевски, пак, сè нарекува „политички напади“ и тврди дека работи исклучиво во интерес награѓаните.
И додека дел од кумановчани го гледаат како „човек од народот“ кој ги победи големите партии, другите го гледаат како политичар кој умее да преживее во калливи политички води – дури и кога околу него врие од сомнежи.
Изборите ќе покажат што повеќе тежи кај кумановчани – харизмата и локалната популарност, или потребата за чиста и одговорна власт. Куманово се наоѓа на раскрсница – за противниците на Димитриевски, кумановчани треба да се одлучат за промена или за уште четири години стагнација.
Според нив, Куманово се соочува со клучен момент. По години на ветувања и половични решенија, граѓаните ќе одлучат дали ќе продолжат по истата патека или ќе изберат ново раководство со јасна визија и одговорност. Дел од жителите, со кои ПЛОШТАД разговараше, видно разочарани од актуелната состојба, велат дека сакаат да гласаат за „работа, а не за празни зборови“.
Мислењата се поделени – едни сакаат ново лице кое ќе донесе свежа енергија, други сметаат дека искуството е најважно. Сепак, сите се согласуваат дека Куманово има потреба од стабилно и одговорно раководство. Но да бидеме чесни во анализата, за многу кумановчани Максим е човекот кому сепак му веруваат и ќе му дадат доверба. Трета среќа, велат.
Изборите се тука пред нас. Изборната трка ќе биде интересна.
Р.П.
