Сила сме ние кумановчаните, во големата – мала држава!

Уредник
Се чита за 5 минути

„Културниот човек секогаш молчи поради неговото воспитување, додека некултурниот мисли дека тој го замолчил“ – Раде Шербеџија

Полека, но сигурно ја арчиме третата деценија од нашето осамостојување, од одвојувањето од една голема држава на Балканот, но сѐ уште има луѓе кои паметат како беше, па од тој аспект можат да споредат кога беше подобро, всушност тоа и останува и една вечна тема па многумина велат беше подобро, но, многумина пак велат дека сега е далеку подобро од некогаш.

Без да навлегувам во спор со едните или со другите, а би си дозволил да кажам дека ние кумановчани можеби најдобро ќе ја разбереме дилемата од проста причина што сме најекспонирани (географски) со остатокот од големата држава.

Но, идејата не е да ги анализирам состојбите, идејата е низ неколку примери да посочам (некому тоа ќе звучи можеби и саркастично) колку тоа ние во Куманово си ја почитуваме историјата, но и културата и уметноста.

Ееее, имаше еден ресторан „Пчела“, повозрасните се сеќаваат дека таму се јадеа најубавите еклери и тулумби, ние кумановчани си го оставивме негибнат уште од оние времиња да не потсетува на минатото, е сега тоа што се наоѓа во центарот на градот како и хотелот „Кристал“ и секој кој ќе дојде од страна не може а да не го види, тоа е тема за други разговори. На фасадата од „Пчела“, сѐ уште стои натписот дека токму тука се наоѓаат два плоштади, дури и кумановчани да ги прашате каде е едниот, а каде другиот, ќе ги збуните и ќе добиете многу различни одговори.

Но, во едно сум сигурен, не го даваме името и на едниот и на другиот (иако постои само еден). Е дилемата е следна, ако постои само еден, во тој случај зошто две така убави имиња? (убави секако за оние кои сметаат дека порано било подобро).

Поминаа десетина раководства на општината но името на плоштадот – плоштадите не си го даваме. Си ја почитуваме историјата ние кумановчани, нели?

Куманово во минатото (читај во големата држава) имаше еден детски фестивал кој е еден од најстарите кај нас, датира уште од 1976-тата година. Ние кумановчани како големи патриоти, љубители на културата, но и на историјата си го возобновивме и конечно повторно се најдовме на мапата на градови кои си имаат свој фестивал, и гордо ќе ја чекаме наредната 2026 година кога ќе го прославиме неговиот шеесет годишен јубилеј.

Сила сме ние кумановчаните, почитуваме култура, почитуваме историја, ни останува да си се почитуваме самите себеси, и да се почитуваме еден со друг – тука малку заостануваме, но јас сум оптимист. А, зошто? Па затоа што си ја сакаме историјата.

Куманово некогаш и сега …

Некогаш навистина како да беше подобро (не ве убедувам).

Куманово некогаш (читај во големата држава) имаше и еден, по сите аршини единствен и уникатен фестивал каков што нема на земјината топка. Тој фестивал е слика и прилика на уникатноста на нас кумановчаните. Тоа е фестивал кој го негува историското културно наследство. Ете гледате и историја и култура, колку да ве потсетам дека сето ова има смисол. Од каде пак сега фестивал кој ќе негува историско културно наследство – едноставно – „Тумба Фест“, фестивал еден и единствен на светот кој ги негува дијалектите на еден народ како историско и културно наследство. И го направивме порано (во големата држава) и како едвај да чекавме да се растури државата го растуривме и фестивалот небаре не ни е потребен повеќе уникатниот дијалект, но, бидејќи си ја почитуваме и историјата си дојде време си го возобновивме и „Тумба Фест“ и не само што го возобновивме туку го вивнаме во височини и од година во година фестивалот си расте, левел по левел, што би рекле Англичаните.

Денеска е престиж ѕвездите од естрадата да учествуваат токму на овој фестивал.

Ете драги мои, баталете политика, свртете се кон уметноста, културата, а историјата не злоупотребувајте ја за други неважни работи, почитувајте ја и употребувајте ја во интерес на зачувување на нашиот идентитет, само така оваа држава во која сме сега, следните генерации нема да ја нарекуваат голема.

 

Драган Јаким,

професор

 

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија