Избори се ближат

Уредник
Се чита за 5 минути

Кога ќе почнат да ви зборуваат за граѓанска должност и гласање, присетете се дека и Хитлер беше избран на слободни, демократски избори.

Џорџ Карлин

Американски артист и забавувач

 

Во секој случај и претстојните избори каде што ќе имаме можност да ги избереме советите и градоначалниците на општините ќе бидат историски, како што впрочем беа сите досегашни од осамостојувањето до сега. И ако се замислиме како тоа сите избори се историски, веројатно ќе најдеме повеќе одговори, но секако една од причините зошто секои избори ги нарекуваат историски лежи во единката, во оној кој е претендент да биде избран. Можеби е така, но што потоа? Гледајќи наназад низ историјата на изборите, особено во периодот на предизборните кампањи и понудата која ја нудеа претендентите, требаше да дојдеме до фаза кога нема да им се посветува толку многу внимание, но нашето општество сѐ уште не може да се деполитизира, можеби затоа што сѐ уште политиката е најпрофитабилното занимање кај нас.

А кога најмногу се лаже? Уххх, кога најмногу не се зборува вистината, подобро звучи нели?!. Во одговорот на ова прашање во целост ќе се сложам со големиот Черчил кој вели – „Најмногу се лаже во љубовта, во ловот и во предизборните кампањи”. Така што, не треба да очајуваме од лагите во претходните изборни кампањи, а ги имаше охо хо многу. Одамна ќе бевме поврзани со најблиската околина преку модерна пруга кон сите насоки источно, западно, северно јужно, одамна ќе бевме центар на Балканот, бидејќи, токму овде, ќе беа поврзани коридорите осум и десет, ќе имавме чиста и здрава еколошка средина…

Некако и јас наседнав на актуелната увертира за претстојната кампања, на комбинаториките кои секако не изостануваат и сега, кој, со кого, за што итн, итн. Како да се ослободиме од сето ова? Мораме самите да се ослободиме, нема друг начин. Ослободители не постојат, луѓето сами треба да се ослободат.

Првото ослободување нека ни биде свртување кон културата и тоа во секој сегмент на нејзиното постоење. Барем во извесна мерка да ги поддржиме уметниците кои творат и оставаат трајни вредности, а ги има, и тоа како ги има. Еве за два дена во Куманово ќе се одржи промоција на филм од наш сограѓанин „Уметноста никогаш не умира”, храбар исчекор на автор кој сака да се промовира пред јавноста, за многумина непознат, но уметничкото во него го тера да покаже што знае. Ослободете се од политика, посетете го овој настан, секако дека ќе имате поголем раат на душата. Ослободувањето од политика мора да биде личен чин. Не велам дека не треба да се излезе на избори, да не бидам погрешно протолкуван, сепак тоа е и граѓанска должност, но ослободувањето на човекот е поважно од сѐ. Изборот е она што те чини личност. Избери сам, избери го најдоброто за тебе, за жал на изборите не победува најдобриот, од проста причина што најдобриот не се кандидира.

Како поинаку можеме да се ослободиме, како поинаку можеме да бидеме слободни личности а не личности кои ќе се задоволат ако победи мојата или твојата опција? Е на ова прашање нема одговор. А зошто нема, повторно се враќаме на веќе кажаното, ослободители не постојат, човекот е тој самиот кој треба да се ослободи, да се ослободи од стегите кои го мачат, од сервираното од медиумите, од чаршиските муабети …

Изборот а не некаква случајност ја одредуваат нашата судбина (ако ја има), одлуката која ќе ја донесеме ќе ја дефинира нашата личност, но одлуката мора да ја донесеме сами, од таа одлука директно ќе зависи и нашиот пат дали ќе биде трнлив или ќе биде релаксирачки за нас самите. Одлучете се, тоа е ваше право но и обврска, вашата одлука нека биде одлука која ќе ве направи слободен, за да биде така треба да се знае да се избере затоа што од изборот кој ќе го направите ќе зависи дали утре ќе си послободен од денеска.

 

Драган Јаким

Професор

Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија