Има ли криминал во работењето на градскиот татко? Граѓаните на Куманово, најмногу се заинтересирани што тој направил во овие изминати 8 години. Според нив, резултатот е ништо. Затоа што и покрај сите преправања и доправања, одиме по улици каде што има доволно дупки за да паднеме во нив. А староновите улици се нечисти – „до коска“. До кумановчани ли е, до градските власти ли е? Урбаниот хаос, кој сѐ повеќе наликува на соседно Скопје е кумановско секојдневие. Градоначалникот не е виновен за ништо, тој „не е од овде“, правно нема докази дека ја злоупотребил власта. А кумановци, коментираат ли, пцујат ли, лажат ли свесно, кому е тоа важно. На актуелната градска структура дефинитивно не, бидејќи, амбиентот е ист, со години. Затоа и самофалбите на целиот градоначалнички тим дека Куманово го развиле во модерен град, не допираат до кумановчани.
По студеново лето, Куманово ќе се соочи со локални избори. Локалните партиски организации се обидуваат да се позиционираат што подобро. Иако не одлучиле како ќе ја играат изборната игра, за секој случај „опипуваат пулс“ кај гласачите. Се прават интерни анкети, засега на „рекла казала“, бидејќи Централите го диктираат темпото и правилата на изборната игра или „игранка“, сеедно.
Сега за сега главна тема е дали кумановскиот градоначалник, кого нагалено го викаат Маки, а ненагалено Максо, ќе го трча третиот круг. Тој, нормално, не се истрчува со никакви евентуални најави за трет мандат, но кумановските кулоари шпекулираат дека веќе е направен „дил“ со вмровците. Допрва Куманово ќе се гради и модернизира, а Максо е проверен кадар за сите шеми и калкулации. Плус, тој е веќе нивен човек. Веруваат дека ќе ги убеди кумановчани дека во овој „треќ круг“ (според името на една позната кафеана во центарот на градот), ќе го испорача ветеното од пред 8 години.
Каква претседателка на Совет како можен претседателски кандидат, „какви бакрачи“. Може таа само да се грижи дека дошол живот за раковите во кумановската река, а не и за животот на кумановчани, е шегата која кружи низ градот. Да потсетиме, идните градоначалници ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ќе ги кандидираат заеднички, додека советничките листи ќе се одвоени.
Отпаѓа од игра и поранешната претседателка на Советот, од сдсмовска провиниенција. Иако е писмена, и „барата“ со факти за „градоначалничките криминали“, реално нема аргументи кои ќе ги понесат кумановчани да не го изберат Максо, а да ја изберат неа. Од проста причина што СДСМ нема новини во своето политичко дејствување и се препишува самиот себе си. Плус, си призна жената дека е лојална на партиските другари, и, по цена и да не се согласува со нив бидејќи се од иста партија, на крајот ќе даде поддршка на договореното (колку и да не е во интерес на Градот и на кумановчани). А и не е првпат нејзините сдсмовци да ја искористат да им го подготви теренот. Навистина „добро и речито збори“, но тоа не е доволно (и претходно ѝ направија така). Ќе си изберат нивен послушен кумановец, кој не е градски човек, што дополнително ќе ги иритира кумановци, и од инает нема да го гласаат.
Се разбира, во игра се и други имиња. За нив подоцна. Да се допрашаме…
Кумановска Левица е ни лево ни десно. Останува на манирот на Че Гевара, но само реторички. Намера им е да се пазарат околу советничката листа. Српската партија, пак, секогаш е добро позиционирана, поради етничката припадност. И нејзе приоритет ќе ѝ биде советничката листа и, се разбира, работните места.
Ах таа советничка листа. Никако да биде отворена, па да видиме „чија мајка црну вуну преде“. Вака, сѐ е во раквици, „земи или остави“. Евентуалните нови советници на малите, а особено на големите партии, нема шанси да се спротивстават на нивната Централа, колку и да станува збор за доброто на Куманово. Прво партиските интереси, па личните, па дури потоа, евентуално, градските.
Албанските партии самоуверено чекаат да поентираат. Размислувањата им се да се доберат до позиции кои ќе им донесат партиски и етникумски бенефит. А дека се еснафи, се. Можеби треба да го водат ЈП „Чистота и зеленило“, да видиме колку навистина се грижат за градот. Поточно (за сите партии важи), треба да победи тој кандидат кој во својата изборна програма ќе вети чист град. За сите други ветувања знаеме дека ќе бидат „пу, пу, не важи“.
За тоа каква кампања ќе се води, ќе „има ли крв до колена“ при што сите ќе се напаѓаат или сите ќе бидат „фини и воспитани“, е релативно. Извесно е дека изборниот „Голем Брат“ кумановчани ќе го гледаат со сеир. И сѐ, буквално сѐ, ќе излезе на виделина.
Некои луѓе не треба да се кандидираат за локална функција, но има и такви кои навистина добро би ја вршеле својата работа. Прашање е кој е тој, во партиските редови или независен, што ќе прави најдобро за својата локална средина? Партиите всушност треба така да размислуваат, а не да доминира кај нив негативната селекција – овој кандидат е непослушен и мора да отпадне.
Што мислите, ќе бидат ли овие локални избори театрални турски серии, или ќе ни бидат понудени советнички листи и кандидати за градоначалници кои ќе нѐ импресионираат?
Р.П.
