Веројатно никогаш не сте се запрашале зошто во минатото (па и денес) во нашиот град постоеле две убави православни цркви, „Свети Никола“ и „Света Троица“, кога тогаш градот бил помал и просторно по површина и по население. Ако некој мисли дека е поради тоа што народот бил многу побожен, се лаже.
До 1902 година, во нашиот град Куманово постоела една црква, црквата „Свети Никола“, која била изградена во 1851 година на место каде што претходно се наоѓала една мала црквичка, вдлабена в земја со 9 скалила, исто така посветена на светителот „Свети Никола“.

Новоизградената црква „Свети Никола“ во 1851 година сѐ почесто станувала предмет за вербални и физички судири на граѓаните, бидејќи втората половина на XIX век кулминирала со поделба на месното население од Куманово на патријаршисти (српско население) и егзархисти (бугарско население), каде во последните децении на XIX век, се случувале познатите црковни борби во нашиот град Куманово.
Исходот на тоа била изградбата на новата црква „Света Троица“ во познатата Карап маала во Куманово.
Високата Порта на 12.05.1898 година донела одлука патријаршистите да изградат нова црква и училиште.
По наредба на скопскиот конзул Куртовиќ, на 23 август 1899 година, во присуство на кајмакамот, полицијата и сите патријаршисти, започнало осветување на местото за изградба на новата црква.

Локацијата на првиот предлог за изградба на новата црква била каде што денес е Основното училиште „Крсте Мисирков“, каде тогаш таму се наоѓале гробиштата, но не бил прифатен од Егзархистите. Кога осветувањето било завршено, на гробиштата пристигнале околу 80 егзархисти, главно бугарски учители и платеници, со намера да демонстрираат.
Јузвашијата, со неколку турски полицајци, успеала да ги растера. Меѓутоа, истиот ден попладне, друга група егзархисти, околу 100 души, тргнале по кумановските улици да демонстрираат. Турските власти и овој пат ги растерале демонстрантите.
На 23 август 1899 година егзархистите испратиле повеќе од 200 жени на гробиштата и тие го исфрлиле крстот поставен од патријаршистите. Донесеното камење го расфрлале и потоа останале на местото цел ден.

Патријаршистите и скопскиот конзул протестирале кај валијата во Скопје. По наредба од валијата, месната власт испратила џандари да ги растераат жените. Меѓутоа, овие биле упорни, поради што биле употребени кундаци од пушките. Многу жени биле раскрвавени, додека ударената со кундак бремена жена на бугарскиот учител Аксентија Иванов, Екатерина Симитчиева, подлегнала од ударот и по два дена починала. Немирите траеле и во деновите што следеле потоа.
Пред валијата се јавувал неколку пати и митрополитот Синеси и инсистирал за измена на местото за црквата, но и тоа не помогнало.
Промената на ставот од валијата во полза на егзархистите, произлегла од наредбата на Високата Порта, која попуштила пред притисокот на бугарската влада.
На 3 септември 1899 година, Високата Порта ги известила патријаршистите дека не може да им се додели определеното место за црква, бидејќи тука биле гробиштата.
На 14 септември пристигнала понуда од Високата Порта да им се додели плац зад еден ан меѓу ромските куќи, што служел за фрлање на маалското ѓубре.

Патријаршистите биле принудени да дадат согласност. Натаму веќе немало никакви пречки да се забрза изградбата на новата црква.
На 12 декември 1899 година архимандритот Фирмилијан ја известил српската влада дека црковното прашање во Куманово е решено.
На својата седница на 15 декември, владата дала согласност и со тоа конечно спорот за црквата Св. Никола во Куманово завршил. Изградбата на новата црква „Св. Троица“ траела скоро 2 години и потоа била осветена од владиката Фирмилијан, кој во меѓувреме станал српски митрополит во Скопје.
Црквата „Света Троица“ која меѓу населението на Куманово уште е позната и како „Нова црква“ била подигната на плацот на Турчинот Муарем, во близина на грчкиот ан, кај ромските куќи.
Комисијата проценила дека плацот вредел 70 лири, но митрополитот Синеси одбил да ја плати таа сума. На 12 декември 1899 година архимандритот Фирмилијан ја известил српската влада дека одлучено било Портата да издвои за плацот 300 турски лири, а егзархистите 20 лири. Плацот бил платен 120 а нивата за гробиштата 80 лири, така што останале уште 250 лири. Бидејќи таа сума не била доволна за изградба на црквата, која чинела околу 30.000 динари, српската влада на 15 декември 1899 година одлучила да обезбеди пари и така спорот околу изградбата бил решен.

Привремено била изградена и барака која служела како место каде патријаршистите се молеле, крштевале, венчале и вршеле погребни обичаи.
Црквата ја изградил Михајло Ѓорѓевиќ од Дебар, кој бил татко на поранешниот градоначалник на Скопје, во меѓувоениот период, Јосиф Михаиловиќ.
Проектот за црквата бил изработен во Русија, а потоа испратен во Цариград на одобрение. Иконостасот бил порачан од Белград (кралица Драга Машин), изработен во Цариград и донесен во Куманово.
На вториот ден на Духовден 1901 година, осветувањето на темелите ги извршил митрополитот Фирмилијан, а присуствувале и валијата на Косовскиот вилает, како и српскиот, рускиот и грчкиот конзул во Скопје, кајмакамот, кадијата и други турски чиновници. Биле присутни сите патријаршисти со семејствата и учениците. Покрај поздравот и говорот, прочитана била и повелба во која се спомнувале султанот Абдул Хамид-Хан III, кралот Александар Обреновиќ, косовскиот валија, митрополитот Фирмилијан, кумановскиот кајмакам Блед и Ремиз, претставници на кумановската општина, српските свештеници, членовите на црквената општина и граѓаните донатори.
Црквата била изградена во 1902 година, а осветена од митрополитот Фирмилијан во 1903 година.
Изградбата на црквата ја помогнале кралот Александар Обреновиќ и кралицата Драга со 1.500 турски лири. Кралицата Драга подарила и иконостас изработен во Цариград. Сопственикот на каменоломот Таса Стањевиќ дал потребен камен, Марија Ѓуровица, моминско Марковиќ, нарекувана „Грнчарка“ дала 1000 турски лири и кафеана со 30 мали дуќани во центарот на градот, митрополит Фирмилијан, книги, Таса Цивковиќ ѕвоно, а семејството Серчевиќ и Дамјановиќ фрески и продолжение на иконостасот.
Во дворот на црквата, во 1911 година, била изградено народно училиште.

За време на бугарската окупација од 1915 година, Бугарите црквата ја претвориле во магацин.
Дури по завршувањето на Првата светска војна, 1918 година, оваа црква престанала да биде симбол на омраза.
Во дворот на оваа црква, исто така се наоѓале повеќе надгробни споменици, меѓу кои повеќе се истакнувале оние на првиот учител во Куманово и еден од градските прваци, Денко Крстиќ, каде што гробот во 1902 година му бил преместен во дворот на црквата „Св. Никола“, како и на Димитрије Николиќ, почитуван и угледен граѓанин на Куманово од втората половина на XIX век, член на градскиот Меџлис и претседател на црквената општина во Куманово после смртта на икономот Димитрије Младеновиќ. Исто така и на Марија Ѓуровица (1841-1903), гробот ѝ се наоѓал во црквениот двор. Потоа на потполковникот Александар Глишиќ, на војводата Јован Довезенски и др.
На 25 октомври 1922 година, црквата „Света Троица“ во Куманово ја има посетено српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ со кралицата Марија, потоа Никола Пашиќ и останатата делегација од Белград.
Протата Стојко Спасовски и свештеникот Чедомир Поповски ја реновирале црквата во 1968 и 1970 година.

Првото склучување на брак во црквата било на внуката на попот Михајло Стојилковиќ.
Денешната статија ја посветуваме на вчерашниот голем христијански празник, „Света Троица“, чие име го носи „Новата црква“ во Куманово.
Користена литература:
Ј.Х. Васиљевић – Јужна Стара Србија (Кумановска Област), Издање задужбине И. М. Коларца, Београд, 1909.
С. Димевски – Црковната борба во Куманово во 90-те години од XIX век, Гласник на институтот за национална историја, Година VIII, Број 2, Скопје, 1964
Ж. Стојковић – Верски живот у Куманову крајем XIX и почетком XX века, Лесковачки зборник XXXVII, 1997.
П. Трајковски – Старо Куманово: луѓе – обичаи – настани, Печатница Просвета, Куманово, 1997
З. Николовски – Црквата „Света Троица“ во Куманово: сто години од нејзиното осветување, Списание Корени, (Год. 2, бр. 6, јуни 2003, стр. 855-859)
З. Николовски – Црквата „Света Троица“ во Куманово – Куманово, Сјајот од минатите времиња. Здружение за наука и култура „Парадигма“ – Куманово, Куманово, 2019.
Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник
