Денешниот датум 6 септември може да кажеме дека е значаен датум за историјата на градот Куманово. На денешен ден, 6 септември 2025 година, се навршуваат 94 години од осветувањето на Соколскиот дом во Куманово, или меѓу кумановчаните уште попозната и како „Соколана“. Официјално, на денешен ден, Соколскиот дом во Куманово бил пуштен во употреба.

Сите знаеме дека периодот што следи во Македонија оваа година, е период на одржување на локалните избори за избор на градоначалници и советници, па како и обично, секој градоначалник кој му бил доверен некој мандат претходно и управувал со општината, дава отчет за сработеното.
Но, дали некогаш сте се запрашале, кој градоначалник во историјата на Куманово сработил најповеќе за градот? На тоа прашање тешко може да одговориме и да дадеме некој заклучок. Но ние во тој поглед, на прво место на таа листа може да го ставиме некогашниот градоначалник Ќира Маневиќ, кој управувал со градот во три мандати. За време на неговите мандати, во Куманово биле изградени Занаетчискиот дом, Градската болница, зградата на Општината, Соколана, со работа започнал Државниот монопол и т.н. Импозантни градби за градот и денеска.
Што се однесува до Соколското друштво во Куманово, тоа датира од 1908 година, каде ја започнала својата тешка работа, борејќи се со големи тешкотии, но не запирајќи, друштвото под водство на војводата Довезенски – напредувало. Друштвото го основале: војводата Јован Довезенски, аптекарот Илија Вукотиќ, книжарот Тома Глигоријевиќ и други видни луѓе. Во 1910 година, Соколското друштво организирало дури и своја музика. На почетокот на Балканските војни и Првата светска војна, Соколското друштво во Куманово морало да престане со работа, па потоа во 1922 година со новите сили, започнал нов период на работата на друштвото.

Прв старешина пак бил војводата Довезенски.
Работата на Соколското друштво во Куманово била крунисана со видлив успех, бидејќи преку неуморни напори успеале да го изградат Соколскиот дом во Куманово.
Што се однесува до историјата на Соколскиот дом во Куманово, а кој на денешен ден бил свечено осветен – изградбата траела неколку години.
Кумановската општина на Соколското друштвото му поклонила земјиште за изградба на Домот. Дваесет и втори пешадиски полк помогнал во ѕидањето, нудејќи и давајќи работна сила на војниците.

Камен темелникот бил удрен на Видовден на 28. 6. 1923 година и изградбата започнала.
Проектот за изградбата на Соколскиот дом во Куманово, бесплатно го изработил архитектот Момир Коруновиќ, тогашен министер за градежништво и урбанизам во Кралството Југославија.
Во 1926 година бележиме упад од непознати лица и уништување на дел од опремата на Домот, а во меѓувреме поради незавршените работи кровната конструкција попуштила и објектот почнал да се уништува. Поради ова општинскиот инженер Владимир Антонов конструирал нова кровна конструкција која заедно со внатрешниот ентериер била завршена во 1928 година.
Со повремени прекини, изградбата на Соколана траела до 1930 година, при што биле потрошени околу 1.200.000 динари. Најголем дел од средствата биле од доброволни прилози на населението и од приходите од сопствените активности. Од надлежните министерства и Дворот на кралот, добиена била помош од 40.000, од Општината 30.000 , од Скопска Жупа 7.000, а земен бил и заем 150.000 динари од Народната хипотекарна банка, којшто бил исплатен до 1941 година. (Д. Станимировиќ, 2006).
Соколскиот дом во Куманово официјално бил осветен и свеченостите биле одржани за време на роденденот на престолонаследникот Петар II Kараѓорѓевиќ – од 5 до 7. 9. 1931 година.
Главниот ден на свеченостите и осветувањето се случило на 6 септември.

Најпрво, свеченоста започнала во црквата Света Троица со молитва во чест на роденденот на престолонаследникот Петар II Караѓорѓевиќ, кој бил роден на тој ден, 6 септември.
На таа церемонија во црквата присуствувале пратеникот на кралот, санитетскиот генерал Мило Иличковиќ, бан на Вардарска бановина, Жика Лазиќ, пратеникот на патријархот Варнава, Пешиќ – претседател на Духовниот суд во Скопје, пратеникот на Третата армиска област, Полковникот Марко Гризолд, старешината на Соколската жупа во Скопје, инженерот Раде Убавиќ, Управата на Соколското друштво во Куманово и други истакнати поединци.
Точно во 9 часот пред Соколскиот дом, била извршена смотра на сите припадници на соколските друштва и чети од Жупата и на војниците од 22. пешадискиот полк во Куманово. На церемонијата присуствувале претставниците од Жеглиговскиот срез, претставници од Општината и голем број на луѓе од околината. Имало повеќе од 6.000, меѓу кои имало и голем број на муслимани, како и соколските трупи на коњи.
Осветувањето на домот и знамињата започнало во 10 часот, а го извршил свештеникот г. Јордан Поповиќ со свештениците од Куманово и околината.
После осветувањето се создала голема соколска поворка на чело со гостите. Поворката ја предводеле шест музики, и сите соколски друштва од овие краеви и целата држава. По осветувањето на домот, претседателката на ,,Коло српских сестара”, г-ѓа Јула Глигоријевиќ на кумановското соколско друштво му предала убава „соколска застава“.
Потоа се обратил пратеникот на Неговата Светост Патријархот, свештеникот г. Поповиќ, па старешината на Кумановското соколско друштво, г. Тришиќ, кој им се заблагодарил на присутните, раскажувајќи им ја историјата за работата на Кумановското соколско друштво од основањето до тогаш. После него зборувал пратеникот на Неговото Кралско Височество, генералот Мило Иличковиќ. Потао говор држеле г. Ѓура Паунковиќ, кој бил внимателно слушан од присутните, потоа Банот на Вардарска бановина г. Живојин Лазиќ, во долг говор се осврнал на успехот на Кумановското соколско друштво, нагласувајќи дека нивното друштво било најагилно во овие краишта. После говорите и осветувањето, се пристапило на доделување на наградите.
После тоа, тогашниот градоначалник на Куманово, г. Ќира Маневиќ, одржал многу убав патриотски говор.

Во еден час попладне во Соколскиот дом бил приреден банкет, на кој присуствувале голем број на гости, на кое имало големо наздравување.
Истиот ден во попладневните часови биле изведени слетски вежби на слетиштето што било изградено на влезот во Куманово со трибина за голем број гледачи.
Утредента, сите присутни на свеченостите, заминале за Младо Нагоричане, каде се одржал помен за загинатите борци.

Денеска, Соколскиот дом во Куманово, долги години наназад е оставен на забот на времето и е во распаѓање и претставува грда слика на градот во тој дел, што никако не сме смееле да дозволиме да дојде до таква состојба. Се надеваме дека веќе започнатата реконструкција и реставрација за брзо време ќе му го врати полниот сјај, и Соколана пак ќе блеска како што блескала на денешен ден пред 94 години!

Користена литература:
Политика: Понедељак 13 октобар 1930, Број 8059 – Година XXVII
Политика: Недеља 30 август 1931, Број 8371 – Година XXVIII
Политика: Понедељак 7 септембар 1931 – Број 8379 – Година XXVIII
Правда: Недеља 30 август 1931 – Број 241 – Година XXVII
Правда: Недеља 6 септембар 1931 – Број 248 – Година XXVII
Време: Недеља 6 септември 1931 – Број 3471 – Година XI
Време: Понедељак 7 септембар 1931 – Број 3478 – Година XI
Д. Станимировиќ – Изградба на Соколскиот дом во Куманово, Списание Корени, (Год. 5, бр. 17, март 2006, стр. 2821-2834).
Д. Масевски – Сите први луѓе на Куманово: во пресрет на мартовските локални избори, 2005, Списание Корени, (Год. 4, бр. 13, март 2005, стр. 2013-2024).
Подговил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник
