Кој е Георги Малински – прв есперантист на Балканот од Куманово?

Уредник
Се чита за 8 минути

Дали сте знаеле дека еден наш виден сограѓанин бил првиот есперантист на Балканот во тогашната Европска Турција,  а бил заведен во адресарот на творецот на овој јазик, д-р Лудвик Лазар Заменхоф во 1902 година?

Како и самиот наслов што ни вели, тоа е личноста Георги Малински, по сè изгледа и најстариот кумановски фотограф во нашиот град.

сл. 1. Георги Малински, регенерирана фотографија преку вештачка интелигенција

Најпрво, што ни претставува есперанто јазикот?

Есперанто јазикот е најпознатиот и најраспространетиот вештачки меѓународен јазик во светот, составен од полскиот очен лекар Лудвик Лазар Заменхоф (1859-1917), кој некогаш бил познат и по псевдонимот Д-р Есперанто.  Есперанто јазикот бил развиен во 1870-тите и 1880-тите години.  Во 1897 година, есперанто јазикот започнал да го проучува и го научил и нашиот кумановец Георги Малински, кој подоцна се смета и за основач на есперанто јазикот во Македонија, а воедно и првиот познавач и есперантист на Балканот.

Во својот дневник Георги Малински еднаш запишал: „Стапив во контакт и наскоро станав член на есперанто. Набавив речник и граматика и почнав да кореспондирам со луѓе од целиот свет. Бев првиот есперантист во Европска Турција. Тоа беше во 1897 година“.

Кој е всушност Георги Малински ?

Георги Малински (1878-1952), по сè изгледа е најстариот фотограф во Куманово и меѓу првите во Македонија. Уште бил и новинар и фоторепортер. Неговото семејство во Куманово се населиле и дошле од селото Малино (Светиниколско).

сл. 2. Нагорички сокак во минатото, фото: Георги Малински

По завршувањето на првиот клас Прогимназија во Куманово и вториот клас во Скопската прогимназија, Георги Малински го прекинал започнатото успешно школување и почнал да работи во бакалницата на татко му Коле.

Имале бакалница, некаде кај Старата црква (Св. Никола). Таа била селска, неуредена, со малку стоки. Откако го прекинал своето школување во Скопје, Георги се зафатил со преуредување на семејната бакалница. На негова иницијатива ја прошириле, модернизирале и ја снабдиле со доволно стоки.

Набргу станал прочуен трговец и еден од најписмените луѓе во развиената кумановска чаршија.

Георги бил човек со немирен дух, љубопитен, иницијативен, па не се задоволувал со работата во татковата бакалница. Во 1898 г. формирал бакалска задруга „Единство“, прва во нашиот град.

Биле зачленети 40 ситни бакали: Ангел Георгиевски, Андреја Џимрев, Андреја Чавдаров, Арсо Џартов, Браќа Миткови, Ване Младенов, Ѓорѓи Караманов, Тошо Темелков, Давитко Аксев, Денко Златанов, Димитрија Лозанов, Димо Нојков, Димо Сопоќанец, Доце Бабамов, Џон Латинин, Злате Крстев, Иван Гарев, Јосиф Калајџиев, Коле Миленков, Коле Малински, Манас Конев, Мијалче Бајловски, Милан Големеов, Миле Четирски, Петар Индов, Ничо Георгиевски, Орде Иванов, Пано Џимрев, Петко Чолопечки, Петруш Стојанов, Стојан Мушев, Стојан Пешев, Стојан Шутев, Стоилко Стојанов, Трајко Мишев, Трипко Арсов и други.

Во тоа време Малински бил иницијатор за да се формира градски хор. Одобрени биле 40 талентирани за музика луѓе, а диригент бил Тодор Павловски, познат музичар и педагог во тоа време. Хорот имал повеќе јавни настапи.

Георги Малински е еден од челниците на Илинденското движење во Куманово.

Меѓутоа, првите години на 20 век, претставувале пресвртница во неговиот бурен животен и работен век. Малински ја напуштил задругата и трговијата и во Скопје започнал да го изучува фотографскиот занает и со време израснал во модерен мајстор на фотографијата.

Така, пред Првата светска војна, по женидбата со учителката Персида, во 1913 г. тој со семејството се сели во Виена, таму работел, а потоа отишол во Париз, кајшто останал и како фотограф работел неколку години, каде уште повеќе ја усовршил фотографската дејност.

Поради војната, се вратил во татковината, повторно е фотограф, но полицијата го прогонувала како познат и истакнат македонски патриот и активист, па бил принуден да се пресели во Тетово. Во 1919 година отворил фотографско атеље во Тетово, родниот град на неговата сопруга Персида, потоа во Дебар, а некаде по 1922 година дефинитивно се вратил во Куманово.

Според неговиот помлад син, примариус доктор Бранко Малински, неговиот татко сликал познати личности и настани од секојдневието, особено свадби бидејќи, покрај тоа што бил одличен мајстор, имал и салонска камера и уредена барака во која можел во група да фотографира и по педесетина луѓе. Салонската камера ја набавил во Виена.

Тој бил фотограф, но и фоторепортер и новинар. За белградскиот „Илустрован лист“, печатен во Белград и за некои други весници, праќал занимливи и ретки фото-репортажи со пригоден кус текст. Тие биле објавувани и оценувани со највисока оценка од тамошните редакции. Тој од својата репортерска и фотографска работа на градот му оставил ретки фотографии и фотографски плочи на кои се овековечени некои луѓе, настани, стари згради и делови од градот.

сл. 3. Кумановската стара Гимназија, фото: Георги Малински

Една од подобрите негови фоторепортажи претставува фотографијата со интересен текст за месноста „Студена вода“ кај селото Доброшане, омилено излетничко место на кумановците. Карактеристична е и фоторепортажата на која се прикажани остатоците од амамот и џамијата во селото Табановце.

Исто така, постариот син на Георги Малински бил Стојан Малински, кој целиот работен век професионално го поминал во атељето во кумановската чаршија. Стојан Малински бил и еден од сопствениците на киното „Уранија“ сместено во салата на тогаш познатиот ресторан „Палас“, кој се наоѓал на почетокот на Велешкиот сокак.

Есперантскиот сојуз на СФР Југославија го потврдил и признал Георги Малински како прв есперантист во Југославија и Европска Турција. И неговата сопруга Персида го знаела овој јазик, па заедно се допишувале со повеќемина есперантисти од целиот свет.

сл. 4. Георги Малински (1878-1952), оргинална фотографија

Георги Малински за есперанто јазикот имал и свои следбеници. Во Куманово тоа бил книжарот Ѓорѓе Сопотски, кој учествувал на Светскиот конгрес на есперантисти, позната како Универзална унија, 1914 година.

Прв напредок есперанто доживува во времето на НОБ, а кумановците го изучуваат после ослободувањето.

 

Користена литература:

П. Трајковски – Старо Куманово: луѓе – обичаи – настани, стр. 83, Печатница Просвета, Куманово, 1997

Д, Масевски & М. Арсовски – Болто  – Куманово : [историја, уметност, традиција, култура], Куманово, 2003.

М. Арсовски – Болто – Стари кумановски фотографски мајстори, Списание Корени

 

Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник.

Споделете ја оваа статија