Во последната статија објавена на нашиот портал на 4 мај, 2025, пред читателите на „Плоштад“ споделивме занимливости за тоа како вештачката интелигенција во „нејзини очи“ ја гледа старата градска архитектура во градот.
Претходната статија се однесуваше за некои стари приватни куќи во Куманово со интересни архитектонски белези (некои денес и урнати), реставрирани од вештачката интелигенција. Резултатите беа зачудувачки. Поради тоа, во денешната статија се одлучивме да споделиме и за некои други објекти во градот, гледани во очите на вештачката интелигенција, како продолжение и серијал од претходната статија. Фотографиите во продолжението се изберени по желба на авторот на статијата, за кои смета дека се интересни за реставрација и регенерирање.

Првата фотографија се однесува за познатиот Занаетчиски дом во Куманово, на еден начин и симбол на градот, лоциран во строгиот центар, изграден на местото на некогашните „Јашар-бегови анови“, а објектот уште е нарекуван и кумановски „Нотр Дам“. И Занаетчискиот дом е ремек дело на рускиот инженер Владимир Антонов. Бил изграден во 1930 година, за релативно кратко време, за шест месеци. Вака вештачката интелигенција го гледа објектот во „нејзините очи“ и плоштадот околу него.

Втората фотографија се однесува за далеку познатиот Соколски дом во Куманово, или меѓу кумановците уште нарекувана и Соколана. Изградбата на Соколана траела неколку години, а свечено била осветена и пуштена во употреба во 1931 година. Овој објект е ремек дело и спој на двајца експерти од областа на инженерството и архитектурата, и тоа: Момир Коруновиќ кој ја проектирал Соколана до висина на кровната конструкција и Владимир Антонов кој го проектирал кровот на Соколскиот дом. Да напоменеме дека првоспоменатиот Момир Коруновиќ во нашиот кумановски крај ја има проектирано Спомен-костурницата на ридот „Зебрњак“.
Денес Соколскиот дом се наоѓа во жалосна состојба и неколку децении е оставен на забот на времето, но поминувајќи покрај него, забележуваме дека некаква реставрација веќе започнала, па се надеваме дека Соколана ќе го врати својот полн сјај како некогаш и ќе блеска како најсветлата ѕвезда на ноќното небо, Сириус.
Во очите на вештачката интелигенција, вака е замислена Соколана и просторот пред неа. Фасцинантно, зар не ?

Третата фотографија се однесува за некогашниот хотел „Гранд“ на денешната улица Ленинова. Хотелот „Гранд“ бил изграден уште за време на Османлиското владеење од некој си Нејат бег. Низ своето долгогодишно опстојување, кое за жал во 2015 година горниот кат на објектот се урна, хотелот повеќе пати ги менувал своите сопственици и својата намена. Од 1919 до 1927 година како сопственици на хотелот се споменуваат: Љатиф бег Џавидбеговиќ, па потоа на Али Јашар Беговиќ, па Јусни Беговиќ и по 1934 година Благоја Тасевски – Пушкар. Во 2015 година, како што напоменавме, горниот кат на објектот се урна.
Вака вештачката интелигенција го реставрира еден од најстарите хотели во градот.

Малку погоре од претходно споменатиот хотел „Гранд“, исто така на денешната улица „Ленинова“, во близина на куќата на семејството Хаџипоповиќи, која денес е урната, а на нејзино место е изградена станбена зграда, се наоѓала гостилницата на Климентије Џартиќ со преноќување. Интересна слика што вредеше да биде реставрирана од страна на вештачката интелигенција.

Хотелот „Солун“, покрај претходно споменатиот хотел „Гранд“ исто така има долга традиција. И овој објект бил изграден за време на турското владеење во првата деценија на 20 век. Бил во сопственост на богатиот тетовски кафеџија, Премџе Пандуловиќ. По 1903 година, хотелот „Солун“ го преземале со работа познатите браќа Тома, Власи од Крушево. По Првата светска војна, во 1918 година, хотелот бил преименуван во хотел „Србија“. Подетално за овој хотел, во некоја наредна прилика. Објектот во 2021 година беше завршен и реставриран, кога му се врати автентичниот сјај од минатото. Ние, преку вештачката интелигенција, го реставриравме на „наш“ начин.

Веројатно го препознавате овој реставриран објект на сликава, дел од комплексот „Касапски круг“, кој се наоѓа на аголот меѓу улиците „11 Октомври“ и „Доне Божинов“, спроти некогашниот супермаркет „Виктор“. Целиот тој комплекс бил проектиран од рускиот инженер Владимир Антонов. Бидејќи, овој агол од објектот има интересни архитектонски белези, а денес е оставен на забот на времето, ние се одлучивме да го реставрираме и резултатот на сликава е овој.

Црквата „Св.Троица“ заедно со црквата „Св. Никола“ се едни од најпознатите цркви во градот. Црквата „Св.Троица“, која се наоѓа во познатото Карап маало, била изградена во 1902 и свечено осветена во 1903 година.
Црквата ја изградил Михајло Ѓорѓевиќ од Дебар.
Изградбата на црквата ја помогнале кралот Александар Обреновиќ и кралицата Драга со 1.500 турски лири. Кралицата Драга подарила и иконостас изработен во Цариград. Сопственикот на каменоломот Таса Стањевиќ дал потребен камен, Марија Ѓуровица, нарекувана „Грнчарка“ дала 400 турски лири и кафана со 30 мали дуќани во центарот на градот, митрополит Фирмилијан – книги, Таса Цивковиќ – ѕвоно, а семејството Серчевиќ и Дамјановиќ – фрески и продолжение на иконостасот.
Вештачката интелигенција вака ја колоризира една интересна стара фотографија од црквата од најраните години, веднаш бргу по изградбата.

Следната интересна стара фотографија која ја обновивме е Романовскиот сокак.
Не знаеме точно која година е направена сликата, но со сигурност знаеме дека е пред 1909 година.
Од десната страна се гледа куќата на Мане С. Чевробенски, која постои и денес, право го забележуваме објектот на денешен ,,фото Томе ”, којшто исто така постои и денес (половина урнат), а од левата страна – објектот на просторот на денешен ,,Гарнизон”, кој исто така е урнат. Интересна фотографија, зар не ?

Последната фотографија, од овој втор дел од серијалот реставрирани фотографии преку вештачка интелигенција, е од поново време. Не се однесува за старата градска архитектура. Фотографијата е од строгиот центар на градот и го претставува просторот на кој денеска се наоѓа катната гаража во градот. Во далечината јасно се гледа Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ и зградата „Сума“ – највисоката зграда во градот. Мислите ли дека со ваков изглед градот бил поубав ? Пишете ни во коментар.
Од претходните издвоени фотографии по желба на авторот, како интересни Ви претставивме неколку реставрирани објекти и обновени фотографии.
Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник
Фотографиите ги изработи: Ф. Ѓошевски