сл. 1. Навко Петковски (десно), на фотографијата регенерирана преку вештачка интелигенција

Кој е Навко Петковски – еден од најдебелите луѓе во меѓувоено Куманово?

Уредник
Се чита за 10 минути

Богатата ризница на стари фотографии за старо Куманово изобилува со интересни приказни за нив. Секоја фотографија си има своја интересна сокриена приказна за себе, која нам малку ни е позната. Ние, во неколку прилики наназад, пишувавме за некои видни и респектабилни луѓе од старо Куманово, кои денеска се впишани во историјата на градот. Нам, во оваа прилика, ни се допадна една стара фотографија од влезот на „Опанчарски сокак“ од 1937 година, на која пред кумановските „Четири бандере“, се фотографирани тројца наши сограѓани, меѓу кои еден од нив е и Навко Петковски – еден од најбогатите, најдебелите и меѓу најпознатите кумановци во кумановската чаршија во меѓувоениот период.

За неговата биографија интересни податоци ни даваат П. Трајковски и Ц. Дртковски во своите книги.

Па, кој е тогаш Навко Петковски од споменатата фотографија?

сл. 1. Навко Петковски (десно), на фотографијата регенерирана преку вештачка интелигенција

Еден од најбогатите луѓе во градот кон крајот на третата деценија на минатиот век бил Навко Петковски. Тој имал најголем капитал, а се занимавал со трговија на големо.

Тој потекнувал од сиромашно семејство од Младо Нагоричане, од маалото Трендафилци. Во неговото време, во периодот помеѓу XIX и XX век, повеќето од тие што живееле на село, биле чивчии – аргати на бегларскиот имот или кај некој побогат соселанец. Поради тоа, Навко побарал егзистенција во град, во Куманово. (Ц. Дртковски, 2000).

Според П. Трајковски (1997), се раскажувала една анегдота: Отишол во една тулана да бара работа, газдата го одбил, велејќи му дека е слаб и дека не може да работи. Тогаш Навко му рекол: „Ќе ме примиш ли на работа, ако го кренам и пренесам ова дрво ене до онаа место таму?“. Газдата се согласил, а Навко тешкото дрво го кренал и го пренел. Бил примен на работа, се истакнувал со својата сила. Со количка секој ден пренесувал кал од која биле изработувани 7.500 тули, тогашни големи и тешки. Подоцна ја напуштил оваа работа, незадоволен од наградата. Се посветил на трговијата и се збогатил, па како мирен и комуникативен човек станал мошне популарен.

Навко бил висок метар и 90 сантиметри, а тежок 199 кг. Во тоа огромно тело чукало благородно срце. Заработените пари ги расфрлал, давал зајмови, подароци, помагал спортски друштва и некои трговци. Тој е еден од основачите и неколкугодишен потпретседател на Кумановскиот спортски клуб – КСК. Бил главен донатор на Клубот. На фудбалерите им купувал дресови, копачки, им плаќал ручеци и вечери, патувања во други градови, а само за учество на еден слет во Белград потрошил 25.000 динари, сума со која, во тоа време, можел да изгради огромна и удобна куќа. А тој живеел под кирија. Поради ваквото широко однесување, неминовно се нашол пред банкрот, па крајот на својот живот Навко го дочекал како уличен продавач на зеленчук.

сл. 2. Навко Петковски (десно) на влезот на „Опанчарскиот сокак“, 1937 година – регенерирана фотографија преку вештачка интелигенција.

Кога бил богат, трговците и занаетчиите го канеле во своите дуќани, велејќи дека им носи среќа и добар пазар. Кога ќе влезел веднаш му подавале столица, порачувале кафе или чај и го честувале. Со еден трговец особено бил близок, па кога го загубил капиталот со кој работел и му се заканувал банкрот, Навко му дал пари, без да го обврзува со меници. Се спасил, парите никогаш не му ги вратил, а го навредил во една прилика. Навко, подоцна осиромашил, работел како ќебапчија, но без успех, зашто и тука давал на вересија. Подоцна работел како пиљар, имал дуќан, но и него го загубил, па лубеници и други земјоделски производи продавал на тезга, најчесто на Пазарот за добиток. Вака осиромашен, еден ден, по навика, наминал во дуќанот на трговецот на кого му позајмил пари. Имало многу муштерии. Трговецот го здогледал Навко и му се обратил: „Ја тргни се малку, видиш дека имаме голема работа“. Ни повели, ни столица, ни кафе за Навко.

И управата на КСК го послужила со „горчливо апче“. Еднаш, откако излегол од управата, отишол на еден фудбалски натпревар. На влезот му рекле да плати карта.

  • Каква карта, се чудел Навко, па јас толку многу жртвував за КСК, а вие ми барате влезница.

Побарал да го викнат претседателот на Клубот, отишол еден од редарите, се вратил и соопштил дека претседателот рекол: „Сите мора да платат влезница, па и Навко“. И не дошол. Навко веќе никогаш не стапнал на фудбалското игралиште.

Овој човек луѓето го паметат кога продавал зеленчук и бостан. Обично набавувал по две-три коли лубеници „слупчанки“, наречени по селото Слупчане, кајшто се произведувале. Кога немало купувачи, Навко организирал игра со лубениците. Ќе се собереле занаетчии и други и играле „црвена-жолта“. „Слупчанките“, најчесто, биле црвени, но имало и жолти. Ако играчот ја погодел бојата на лубеницата, ја добивал, а другиот играч ја плаќал. Тоа било интересно. Понекогаш еден од играчите бил Навко. Ќе добиел повеќе лубеници, ги ставал на еден куп, одделно од другите, за да ги продаде поевтино, зашто биле дупнати во играта. Имало обичај да пресече неколку и да ги раздели меѓу насобраните луѓе. Им давал и на децата, кои гледале, како постарите ја погаѓале бојата.

сл. 3. Некогашниот „Зелен пазар“ во Куманово, во центарот на градот

Некогаш во дворот на сегашното училиште „Крсте Мисирков“ пристигнал странски циркус „Олимпија“. Покрај другите артисти, имало и еден дебел, тежок, мускулест човек, Александар Шулц. Стоел пред циркускиот шатор и, на српски јазик, извикувал:

  • Кој ќе се бори со мене и, ако победи, да ме собори, ќе добие награда од 1.000 динари.

Така тој везден го повторувал тоа, но никој не се јавувал да се бори со него, не поради тоа што граѓаните се плашеле од неговата сила и дека ќе биле победени и посрамотени, туку поради тоа што такво нешто било туѓо на нивното воспитување и менталитет. Меѓутоа, еден ден се појавил Навко Петковски.

  • Господине Шулц, јас ќе се борам со тебе, му рекол, и ги засукал ракавите од кошулата.

Се фатиле, се бореле повеќе од половина час, на општо задоволство на присутните гледачи, кои гласно го бодреле Навко, но победник немало. Борбата била прогласена за нерешена. По ова, во градот се зборувало дека Шулц и Навко се договориле борбата да биде нерешена, што не било вистина, зашто сите што ја гледале борбата, можеле да констатираат, дека и двајцата борачи вложувале максимални усилби и напори да победат.

Во потрага по авантури, сензации, богати трпези, по весело друштво, по забава и разонода, Навко Петковски ја посетувал секоја циркуска претстава, различни акробатски програми, бил љубител на кинопретстави и редовно ги гледал сите премиерни филмови, сакал да чита романи со авантуристичка и фантастична содржина. Еден ден, Стеван Сремац го повикнал Навко и му рекол:

  • Во Скопје има една Швабица потешка од тебе, ако ја подигнеш од земјата, ќе приредам ручек за тебе и за сите наши пријатели.

Речено-сторено. Швабицата била пронајдена, во Куманово била пренесена со автобус на Раде Станковиќ, а во хотел „Сремац“ биле дојдени повеќе чаршлии-трговци, занаетчии, чиновници и други, желни за забава и разонода. Кога Навко ја видел Швабицата, голема како една грамада, малку се подзамислил, но решил да се опита, па што сака нека биде. Со појас и јажиња ја обвиткале жената за да може Навко полесно да ја крене. Тој сторил еден, па друг обид, но жената, тешка над 200 кг. ни да мрднела. Тогаш Навко ги раширил нозете и со голем напор ја кренал колку што требало. Добил аплауз, а потоа гозба. Навко и Швабицата биле на чело на трпезата.

сл. 4. Оригинална фотографија од Навко Петковски (десно) на влезот на „Опанчарскиот сокак“, 1937 година

Имало и друг случај. Навко, пак за награда и опклада, на улица во центарот на градот, со врзани раце на грбот, од земјата со заби подигнал лубеница тешка 7-8 кг. Откако ја дигнал, ја треснал на земјата.

Ова Навко го правел од лично задоволство, но и во потрага по било каква заработувачка, затоа што осиромашил, а имал и семејство.

Користена литература:

П. Трајковски – Старо Куманово: луѓе – обичаи – настани, Печатница Просвета, Куманово, 1997

Ц. Дртковски – Младо Нагоричино, Винсент графика, Скопје : Лист, 2000

 

Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник

 

Споделете ја оваа статија