Куманово во минатото бил град кој бил препознатлив по своите маала и сокаци, но исто така и по пространата „Тумба и четирите бандери“. Најпрво да напоменеме и да Ве потсетиме дека веќе пишувавме и објавувавме за некои наши познати сокаци од старо Куманово, кои и денеска претставуваат „крвоток“ на градот. Во денешната статија ќе споделиме некои занимливости за некогашниот „Опанчарски сокак“, кој бил препознатлив во периодот меѓу двете светски војни, а денеска останат во сеќавање на некои стари кумановци.

Во периодот помеѓу двете светски војни во Куманово доминирале производителите на пекарски и млекарски производи, потоа финалните производи на ќурчиите, абаџиите, мутавџиите, опинчарите, јажарите, кондураџиите, терзиите, налбатите, ковачите итн.
По споменатите опинчари, „Опанчарскиот сокак“ го добил и името.
Според (П. Трајковски, 1997), и опинчарите биле бројни и имале многу работа, зашто селското население, кое порано било побројно од градското, носело опинци. Во 1935 година имало 12, во 1945 биле регистрирани 14 опинчарски дуќани, во 1947 имало 16, а 1980 само три. Имало и бесправни мајстори, кои работеле во своите куќи, па не биле регистрирани.

Опинчарите биле сконцентрирани во „Опанчарското сокаче“. Тоа се наоѓало во близина на „Тумба“. Почнувало од Дишковиот дуќан, а завршувало до Серава и куќата на Величко Аџи-Трајков. Тука свои дуќани имале Ангел, Мико, Тоде и Борис Шутевски, Давитко Насевски, Киро Бастра, Ѓорѓи Кипријановски, Ѓоко Станковски – Малјок, Мите Ангеловски, Војо Ранчиќ, Цане Гуше, Михајло Трифуновски, Александар Масевски, Димитар Светиниколац, Димчо и Величко Божиновски, Бранко Марковски, Ѓорѓи Шоп, Трајко Стоилковски, Чедо Малчо, Перо Бауцко, Киро Маневски и други.
Како најстар опинчар бил евидентиран Јован – Ване Кучкаревски. Во прво време опинчарите биле и јажари, а подоцна овие занаети биле разделени. Во 1945 г. имало само 3 мајстори опинчари и јажари, а подоцна 8 самостојни јажари. Меѓу јажарите бил познат Доне, а тука свој дуќан имал и тенекиџијата Ѓоше Велешанац, потоа Јован Јужар, Страшко Таневски – тенекиџија, Димо Нојков кафеџија и анџија, Љубе Цветковски берберин; тука биле и ниски дуќанчиња, сопственост на Јосиф Бајловски, во кои работел ковачот Демир Асановски и албатинот Јунуз Исмаил, потоа млекарот Стојман Митевски – Тесник, шеќерџијата Пенчо Велешанац. Во ова сокаче се наоѓала и двокатната куќа на трговецот Алексо Кокински. Во приземјето тој држел бакалница и продавница на други производи. Тука постоела и Бајловска чешма. Свој дуќан имал и Трајан Стојменовски, качар.

„Опанчарското сокаче“ било близу до центарот на градот, до „Тумба“ каде имало големо движење на луѓето, било до Ат-пазарот, па опинци и јажарски производи се трошеле многу. Во пазарните денови во ова сокаче имало многу луѓе, тешко се разминувале, зашто сокачето било тесно, а луѓето носеле дисаги, вреќи и други кабасти предмети, кои го попречувале и отежнувале движењето. (П. Трајковски, 1997).

Својата физионимија кумановската чаршија ја задржала доста долго време, од своето целосно обликување во средината на XIX век, па се до педесеттите години на XX век, кога била срушена и на нејзино место била изградена сегашната Стоковна куќа – НАМА и дел од Градскиот плоштад.
Кумановската чаршија исчезнала во средината на XX век, кога дел по дел била урната, отсапувајќи го просторот на современиот кумановски Градски плоштад кој е еден од поубавите во Македонија. Со уривањето на чаршијата исчезнала и пространата „Тумба“. (Д. Масевски, 2010).

И на крај да се навратиме на еден фрагмент за старо Куманово од Киро Стојановски Дилиндарац кој вели: „Нема га више старо Куманово, ни калдрма стара, нема гу Тумба ни четири бандере, ни пазари стари, ни Опанчарско сокаче, ни мајстори стари: Стојче Црвеница, Мико, Шуте, Крсто Дилиндарски, Ване Црц…“.
Користена литература:
А. Урошевић – Куманово, Годишен зборник на Филозофскиот факултет; кн.2, Скопје, 1949.
П. Трајковски – Старо Куманово: луѓе – обичаи – настани, стр. 83, Печатница Просвета, Куманово, 1997
Д, Масевски & М. Арсовски – Болто – Куманово : [историја, уметност, традиција, култура], Куманово, 2003.
Д. Масевски – Куманово : време во времињата на Кумановскио крај, 3., дополнето и изменето изд., Куманово : Парадигма, 2010.
К. Стојановски – Дилиндарац – Мое сакано старо Куманово, Списание Корени, (Год. [12], бр. 45/46, септември 2013, стр. 6717-6718)
Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник
