Сл. 1. Некогашната семејна куќа и кафеаната ,,Крчма'' на Јован Манушевиќ на Нагорички сокак

Како вештачката интелигенција ја реставрира старата градска архитектура во Куманово – прв дел

Уредник
Се чита за 9 минути

Денеска, движејќи се по нашиот град Куманово,  во делот на старото градско јадро и по познатите кумановски сокаци, сведоци сме и забележуваме голем број на објекти со интересна стара градска архитектура. Сите тие објекти со интересни архитектонски белези, главно биле градени во дваесеттите и триесеттите години на минатиот век. Голема заслуга за такво убаво архитектонско обликување на градот, со „начичкување“ на тие убави објекти по старите кумановски сокаци имал рускиот инженер Владимир Антонов. Инженерот Антонов во кумановската Општина како инженер се вработил во 1925 година и оттогаш за градот Куманово започнува едно ново поглавје во архитектонското обликување.

Тогаш биле изградени многу објекти во градот, коишто и денес опстојуваат и на некој начин се и негов симбол, како Занаетчискиот дом, Соколана и т.н. Тогаш биле изградени и некои приватни куќи, некои од нив биле проектирани баш од инженерот Антонов. Некои од тие објекти, за жал, се срушени, за да се изградат на нивно место некои други објекти, а некои од нив сѐ уште опстојуваат, но за жал се оставени на забот на времето и секоја година се повеќе и повеќе пропаѓаат.

Ние, благодарени на вештачката интелигенција, се заинтересиравме и сакавме да видиме, како таа ќе ги реставрира тие објекти со убави архитектонски белези, денеска оставени на забот на времето, кои жалосно стојат покрај кумановските сокаци и се сеќаваат на едно поинакво време кога блескале во полн сјај. Во продолжението ги издвојуваме најинтересните приватни куќи во градот реставрирани со вештачка интелигенција, некои сѐ уште постојат, некои се срушени, некои се проектирани од инженерот Антонов, а некои од други архитекти.

Сл. 1. Некогашната семејна куќа и кафеаната ,,Крчма” на Јован Манушевиќ на Нагорички сокак

Оваа куќа со вакви убави архитектонски белези ја има проектирано рускиот инженер Владимир Антонов, а е изградена во 1929 година. Денеска пропаѓа и е оставена на забот на времето. Родените браќа Манушеви, Јован и Васил, биле мошне имотни луѓе во Куманово за време на Кралството Југославија. Во градот се доселиле од Башино село (велешко). Јован Манушевиќ, со сопругата Маца и ќерките Гена и Јулијана, живееле на стариот Нагорички сокак во оваа куќа.

Сл. 2. Винарско-ракиџиски подрум на Ѓорѓе Тасковиќ на Нагорички сокак

И оваа куќа на Нагорички сокак е дело на рускиот инженер Владимир Антонов.

Куќата, каде голем број на луѓето секојдневно поминуваат покрај неа, забележана е на неколку стари разгледници за градот од меѓу воениот период. Денеска е оставена  на забот на времето со одронат малтер и уништена архитектура.

Сл. 3. Куќата на Трајко Малински, изградена во 1921 година

Оваа куќа исто така се наоѓа на Нагорички сокак, веднаш до куќата на семејството Секирарски. Вештачката интелигенција ја има видно изменето од оригиналот во бројот на прозорците од левата и десната страна од терасата. Денеска оваа куќа е реставрирана со нова модерна фасада од 21 век, каде ѝ е уништен стариот дух од дваесеттите години на минатиот век.

Сл. 4. Куќата на Кирил Златановски на почетокот на Проевски сокак

Оваа куќа која се наоѓа на почетокот на Проевскиот сокак, денешна ул. „Моша Пијаде“ бр. 1, исто така била проектирана од рускиот инженер Владимир Антонов. Била изградена во 1928 година и денеска е доказ за архитектонските аспирации на тоа време.

Сл. 5. Куќата на Тома Глигоријевиќ во строгиот центар на градот

Оваа куќа била сопственост на поранешниот градоначалник на Куманово, Тома Глигоријевиќ (1883 – 1949). Куќата се наоѓала на тогашната ул. „Шумадиска“ и била проектирана од рускиот инженер Владимир Антонов. Била изградена во 1926 година и денеска сѐ уште постои. Во неа денеска се наоѓа познатата менувачница „Берза“.

Сл. 6. Куќата на семејството Хаџипоповиќи

Оваа куќа постоеше до пред десеттина години, а се наоѓаше на улицата „Ленинова“, во некогашното Ендек маало. Куќата исто така била проектирана од рускиот инженер Владимир Антонов. До неа, во минатото се наоѓала познатата гостилница „Караѓорѓе“ на Климентије Џартиќ. Куќата беше урната за на нејзиното место да се изгради станбена зграда.

Сл. 7. Семејната куќа на Лазар Пешев (Чауш) лево

Малку подолу од куќата на Хаџипоповиќи, од спротивната страна на ул. „Ленинова“ и денеска се наоѓа некогашната семејна куќа на Лазар Пешев (Чауш).

Лазо Пешев – Чауш, роден башиноселец, бил една од најмаркантните личности во тогашниот кумановски еснаф, уважен во градот, посебно во чаршијата, сопственик на магаза за жито, семејна куќа и продавница на денешна ул. „Ленинова“.

Сл. 8. Некогашната стара куќа на семејството Лопарци

Уште една во низата куќи во Куманово со интересни архитектонски белези ни претставува семејната куќа на поранешниот градоначалник на Куманово, кумановскиот боем Трајко Лопарски (1898-1977).

Оваа некогашна куќа на семејството Лопарци се наоѓа на денешната ул. „Партизанска“ веднаш до кафеаната „Баба Цана“.

Сл. 9. Некогашната куќа на семејството Владиќ

Оваа куќа денеска не постои, урната е за да се прошири градскиот плоштад и на нејзино место се изгради Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

Куќата на кат во центарот на градот долги години егзистирала во Куманово. Таа на времето била раскошна, градена во нов, модерен стил, со балкон и лоџи, а во приземјето имало и продавница и кафеана.

Сл. 10. Некогашната куќа на Јордан Атанасов, денес урната

Оваа куќа до 2006 година се наоѓаше на ул. „Народна револуција“, каде тогаш беше урната и на нејзино место се изгради станбена зграда.  Куќата повеќе пати менувала сопственици. Најпрво била во сопственост на велешанецот Јордан Атанасов (башиноселец), потоа ја купил Петар Перо – Поте. После тоа куќата била во сопственост на тројца браќа Албанци од тетовскиот крај, кога од нив ја купил М. Петковски. Во неа се наоѓаше познатото Арт-кафе „Цариград“.

Сл. 11. Куќата на Сифрид Трајковски, денешен кафе бар „Јард“

Денеска најпознатото место за дневно и ноќно излегување на кумановци е дворот на некогшната куќа на познатиот кумановски фотограф, Сифрид Трајковски.

Сифридовата семејна куќа во Куманово на Велешкиот сокак, тогашна ул. „Караѓорѓева“ (денес ул. „Народна Револуција“), изградена во третата деценија на XX век, според современиците на тоа време, претставувала вистинска палата и со извонредни архитектонски белези била една од најубавите во градот. Со железна ограда и широк двор, со цветни алеи и разнобојни кугли, цементирани патеки, а првиот кат бил во вид на голема тераса со архитектонски украси.

И оваа куќа ја проектирал рускиот инженер Владимир Антонов.

Сл. 12. Куќата на Пано Џимрев, на некогашната пространа Тумба

Оваа куќа денеска не постои и е урната, а се наоѓала на пространата Тумба, на некогашниот Житен пазар, во редот на денешните „Скопски дуќани“.

Од претходното, сметаме дека преку направената реконструкција со вештачка интелигенција, имате претстава како би требало да изгледаат денеска овие напуштени објекти оставени на забот на времето, бар овие што уште останаа.

Да се надеваме дека некогаш можеби некој од надлежните ќе се сети на нив и ќе бидат реставрирани.

 

Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник

Фотографиите ги изработи: проф. Филип Ѓошевски

Споделете ја оваа статија