Со приближувањето на локалните избори во Македонија закажани за крајот на октомври, почна и неформалната кампања, која во Куманово секогаш се манифестирала во вид на чаршиски муабети.
Не можам да се отргнам од впечатокотот дека несомнено овој период го одбележа одлуката на ДПСМ да настапи самостојно, со своја советничка листа во Куманово.
Додека кај нашите членови, симпатизери, подржувачи па и сите добронамерни граѓани оваа одлука е примена со чувство на гордост, а знаејќи го потенцијалот на партијата што секако ќе биде видливо со квалитетот на луѓето кои ќе се најдат на листата ќе покаже дека на нашиот град може да му испорача квалитетни решенија за многу проблеми во градот. Нашата политика на градење братски односи меѓу македонскиот и српскиот народ, но и меѓу Србија и Македонија воопшто, како низ лични и неформални акции пред се во вид на обезбедување поддршка на граѓаните и државата во тешките ситуации, како преку своите професионални ангажмани, така и преку своите конекции во регионот говорат сами за себе.
Од друга страна кај политичките противници научени на привилегирани позиции во градот се чувствува одреден степен на вознемиреност, која се манифестира во вид на омаловажување и дискредитација, но тоа повеќе зборува за нив и јас во оваа прилика нема да се осврнувам на тоа. Едноставно тоа не е наше ниво.
Она на што сакам да ставам акцент, а што мене ми е најбитно како млад човек, а впрочем затоа и сум подржувач и дел од оваа приказна е политиката на ДПСМ кон генерациите кои доаѓаат и кои се иднината на нашиот град.
Она што е најсвежо секако е ангажманот на партијата и претседателот Иван Стоилковиќ во испраќањето на стотици наши млади сограѓани на разни кампови од спортски, преку културно-образовни до еколошки во соседна Србија, каде нашите млади сограѓани имаа можност да ги надградуваат своите вештини. Но воедно и да запознаваат и воспоставуваат линкови со многу луѓе од регионот и светот кои секако ќе им бидат од огромна корист во понатамошниот нивен професионален развој.

Тука секако не може да се изостави подршката на Културно-уметничкото друштво „Српски Вез“ кое со години, преку сега веќе илјадниците младинци кои поминаа низ оваа културна установа, достоинствено го презентираат Куманово, ширум Балканот и Европа, репрезентирајќи ја нашата заедничка кумановска етно култура, како српската, така и македонската.
Она на што посебно сум лично горд е што како младина на ДПСМ на Куманово и оваа година на терените крај симболот на нашиот град, нашата Соколана му го подаривме турнирот во мал фудбал Видовдан. На истиот продефилираа стотина мајстори на оваа игра, проследени од илјадници наши сограѓани кои во деновите на одржувањето дојдоа да уживаат во дружењето и братството кое овој турнир го промовира повеќе од две децении.

Но, она што секако носи најголема сатисфакција е фактот дека гимназијата „Гоце Делчев“, по четири децении, произведе генерација матуранти која целокупното четиригодишно образование го следеше на српски јазик.
Овој процес беше поддржан преку ангажман на нашите членови во рамките на СЗМ, со што овие ученици добиваа пристојна месечна стипендија, обезбедена од српскиот претседател.
Дел од нив, кои изразија желба, со наша помош ќе можат да студираат на Белградскиот универзитет.
Наредната учебна година, пак, ќе има најголем број запишани ученици во паралелката во која наставата се изведува на српски јазик.
Со тоа, образовниот мозаик на Куманово доби уште едно делче што му недостасуваше.

Целиот повеќегодишен стратешки ангажман за инвестирање во младите беше заокружен по формирањето на новата Влада минатата година. Тогаш ДПСМ им даде шанса на многу млади луѓе, пред сè од Куманово, да преземат релативно високи државни функции, што се покажа како полн погодок. Дополнително, многу млади кадри денес се ангажирани во државните органи на највисоко ниво.
Убеден сум дека граѓаните на Куманово, а особено младите, во октомври ќе ги препознаат и наградат овие активности. Верувам дека ќе дадат поддршка оваа политика да се преслика и во политиките на Општина Куманово.
Мартин Величковиќ, ДПСМ
Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.
