Мисија на науката е да „доминира над природата и да ја контролира“
Francis Бacon
Ваквата „мисија“ на науката нѐ води во лудило и консеквентно во деструкција на природата. Очигледно е дека Фrancis Бacon, следејќи ги своите потреби, не успеал да ја пронајде душата.
На овој текст ме поттикнаа изјавите на нашите почитувани лидери, водачи на најмоќните партии во Македонија. Едниот – страствен, емотивен, донесувач на животот, бара од неговиот противник или партнер како милувате – да постапува разумно. Другиот -рационален, исплашен, донесувач на математиката во животот, чувствува дека заедно ќе седнале во парламентот.
Интересно, кога првиот постапува емотивно, другиот е математички разумен. Кога првиот бара разумност, другиот чувствува. Мислата и чувството – вечно спротивставените функции. Во истовреме тие се и дуализам врз кој се темели изворот на животот.
Се добива перцепција (впечаток) дека и едниот и другиот еволуираат, созреваат. Но, за наша жал, тоа е само лажен впечаток. Нема свесност во нивните постапки. Спротивностите само се допираат, но не се спојуваат. Затоа нема да се случи никаква темелна преобразба.
На прашање на новинар, како почувствувал и дали само чувството го водело во донесувањето на математичките одлуки, лидерот одговара: со вклучување на разумни факти и со лична антиципација ги носел одлуките.
Антиципацијата (Карл Густав Јунг) значи дека сте способни да ја предвидите иднината. Тоа значи дека математичките одлуки новиот водач ги носи интуитивно. Се востановува нова формула на Универзумот произведена од ПР – тимовите: како партиски лидер да стане пророк. Но шегата настрана. Оваа ја покажува немоќта, неспособноста и незнаењето на ПР – тимовите како се развива човековата психа.
Антиципацијата е спонтан феномен кој се должи на интуитивна перцепција. За тоа е неопходно да имате профилирано чувство (а како се доаѓа до него, во некоја друга прилика). Тоа го согледува проблемот од сите агли и нуди не едно туку повеќе решенија. Ви тврдам дека лидерот ги нема тие способности. Но што се обидува да направи: „ги вклучува разумните факти и антиципира“. Со ова се враќа во реалноста која ја создава разумот. Прави „рационализација на фактите“ и „интелектуализација на емоциите“ односно создава одбрамбен механизам на разумот за да се заштити од болка. Стравот е причина за тоа.
Волјата за моќ го убива чувството. Се создава потреба за владеење. Разумот робува на навиката која ја создал и која се претвора во зависност. Нашите зависности (навики) го одредуваат и насочуваат нашиот живот. Авторитетот е бесчувствителен, ладен како сечиво. Огромниот страв му ја убива чувственоста. Единствен начин да се осети жив е да си го покачи адреналинот. Тоа е многу тешко. Поради ова е принуден да се изложува на опасни и ризични ситуации. Се создава потреба да ја демонстрира (покаже) својата моќ. Бара идолопоклоници. Моќта бара храна. Се храни со стравот. Затоа бара и создава пространство на страв. Создава етер. Стравот станува етер.
ПР (односи со јавноста) – тимовите зарибаа во жив песок. Се забележува длабок очај во нивните постапки. „Перачите на мозоци“ создаваат лидери „камикази (самоубијци)“. „Жртвената љубов“ станува смисла на животот на земјата. „Камикази спасители“. Разумот, користејќи го стравот, ја засилува контролата. Контролата или потребата за владеење (доминација) создава зависност и кај оној кој контролира (моќ) и кај оној кој е контролиран (немоќ). Се создава авторитет – жртва (болен) однос. Но сепак продолжуваат да ги учат „камиказите“ да оперираат со разумни факти и „да чувствуваат“.
Како се намалува стравот кај ваквите ликови? Им се гарантира безбедноста, како и на нивните семејства. Друг е потребно да се жртвува за да се остварат нивните цели. Зборот (во случајов „камикази“) ја изгуби својата смисла, го изгуби своето значење (суштина). Што е суштина на зборот? Вистината. Разумноста на разумот станува смисла на нашата реалност.
Увид број 1: Кога разумноста станува смисла на нашата реалност? Кога владее невистината. Кога владее лагата. Тогаш се држиме за разумноста како пијан за стап.
Увид број 2: Нивната разумност (на камиказите) е правопропорционална со покорноста кон авторитетот. Или поинаку кажано, колку се поразумни (спасителите) толку нивната покорност кон авторитетот е поголема.
Епидемија на спасители ја нападна Македонија. Триесет (30) години нѐ водат, ама сега решија да нѐ спасат (од нас самите, секако).
П. С. Не се виновни елитите. Не се виновни лидерите. Виновна е матрицата која ги управува. Таа вели: ќе преземам одговорност за сигурноста и стабилноста „на граѓаните на Македонија“. На коцкарска маса се ставени „нашите животи“. Матрицата додава: оваа „храброст и грижата за друг“ треба да си ја (на)платиш.
Увид број 3: Несвесноста на „разумните слепци“ е виновна за оваа состојба.
Увид број 4: „Разумните слепци и нивните советници“ не знаат дека со преземањето на одговорноста за друг (жртвата за друг), поради личен интерес, сами се откажуваат од својата душа. Стануваат мртви души.
Горан Стевчевски – Џина
М-р по психолошки науки – клиничка и советодавна психологија
Сертифициран обучувач на возрасни
Основач на S. A. V. E. (Спонтано свесно визуелно искуство) – методот на Имагинативна терапија и центар за визиологија и имагинативна терапија
Автор на 12 книги од психолошка и духовна област
