Онаа бајка за Црвенкапа може слободно да се примени на нашиот граѓанин во шумата од цени, импулси, киловати, такси и… Сами во шумата, а околу нас само ѕверови, очите им светкаат, режи касата, грмат сметките… Ние преплашени и збунети се предаваме без голем отпор.
Основна анксиозност подразбира доживување на беспомошен и изолиран човек во потенцијално непријателски свет.
Ваква несигурност можат да предизвикаат многу фактори кои делуваат во средината: директна или индиректна доминација, погрешно однесување, индиферентност, недостаток на смисол за управување, понижувачки ставови, преголема или премала одговорност, неправедност, неисполнети ветувања, изолација, непријателска атмосфера и друго.
Човекот збунет од ваквата пореметена состојба, талка во потрага на патишта по кои би тргнал и по начините како да се снајде во непријатниот свет.
Покрај сопствените слабости и стравови, тој несвесно ја вообличува својата тактика за да излезе на крај со силите кои делуваат во неговата околина.
Правејќи го ова, тој не само што „адхок“ разработува стратегија, туку и создава карактерни црти кои стануваат дел од неговата личност, а тоа се невротичните црти.
И затоа нашата граѓанка Црвенкапа цврсто ја држи потрошувачката кошничка и се пробива низ шумата на злите волци, надевајќи се во среќа која ја нема, или во Бог, кој постојано ни го покажуваат како наш. Или можеби во некаков ловџија кој ќе не спаси од крволочните зверови.
Но, по се изгледа дека е прогласена трајна забрана за лов.
Јасминка Наумовска
Гешталт психотерапевт
автор на 12 книги од областа на психологија
