Луѓето последни ја сфаќаат драмата на сопствениот живот. Се восхитуваат на авантурите на другите, не се свртуваат кон себе си да видат како и нивните животи имаат исто толку можности.
Без оглед, дали ќе сфатиме во даден момент или не, секоја личност е повторно и повторно учесник во мистерија, насилство, воздржување, амбиции и неизвесност меѓу човечките односи.
И конечно, тука е смртта за сите. Како планински поток кој го длаби речното корито, вакви и многу други искуства се вдлабуваат во човечките животи, исцртувајќи го карактерот.
Никој не може да побегне од тоа да биде интересен. Луѓето можат да ги игнорираат многубројните влијанија, секако, многумина тоа го прават особено талентирано.
Животот преставува серија од емоционално набиени епизоди кои се поврзани со линија на помнење.
За да го интензивира својот живот човекот треба не само да го препознае и прифати секој негов момент како епизода преполна со драмски случки, туку, покрај друго, да се набљудува себе си како главен протагонист.
Луѓето често непромислено се откажуваат од своето авторство. На сопствените животни искуства не придаваат иста важност како на доживувањата на ликовите од некој роман или популарните телевизиски љубовни серии.
Наместо тоа, поставуваат високи стандарди за занимливост на доживувањето, зафаќајќи ја водата на животот со крупна мрежа, така што, многу од тоа истекува.
За да бидат интересни за другите, неопходно е да бидат друштвени, речити или познати. Ако се тивки и повлечени, или имаат наивни политички ставови, сметаат дека другите ќе ги избегнуваат.
Тие, исто така, свесно ги насочуваат мислите од работите за кои сметаат дека им се недостижни, избегнувајќи сѐ што може да ги налути, возбуди, збуни или уплаши.
Многу е полесно да се доживее драма читајќи роман, во кои случките се често поедноставени, можат безбедно да се проживеат и имаат јасен почеток и крај.
Само понекогаш, читателите таквата драма ја користат како потпора и прв чекор на својот пат, согледувајќи дека ликовите (со неколку лични измени) можат да бидат тие самите, протагонисти на сопствените, отколку воајери на фиктивните животи.
Она, кое често останува незабележано се малите случувања кои на животот му даваат содржина и континуитет.
Разработката на некои тешки повреди, некоја загуба, било да е создадена по пат на природна катастрофа, несреќа, човечко насилство или ненадејно потешко заболување, нѐ става пред тежок испит, можеби најважен во целиот живот.
Што е тоа што се развива по едно трауматско искуство, какви психички, психосоматски, семејни и социјални последици носи тоа, одлучуваат процесите на разработка непосредно по трауматското доживување.
На ова може да се влијае со сопствена, внатрешна сила и со гешталт психотераписка помош.
Јасминка Наумовска
Гешталт психотерапевт
автор на 12 книги од областа на психологија
