Срамот, чувството на дефектност и вината: товарот на туѓите очекувања

Уредник
Се чита за 8 минути

Многу млади луѓе носат длабок срам и вина затоа што чувствуваат дека ги разочаруваат своите родители и дека не ги исполнуваат очекувањата на блиските. Се плашат дека ќе бидат осудени и отфрлени ако ја покажат својата вистинска природа.

Овој товар е особено тежок за младите со поинаква сексуална ориентација , тие не можат да бидат „добрите“ ќерки или синови какви што родителите посакувале.

Стравот дека најблиските би можеле да ги отфрлат создава интензивен срам и уверување дека навистина „нешто не е во ред“ со нив.

Срам и вина: во што е разликата?

Вината се јавува кога сметаме дека сме сториле нешто погрешно – фокусот е на конкретната постапка. Наспроти тоа, срамот значи уверување дека ние самите сме лоши или „дефектни“ како личности.

Според Брене Браун: „Вината вели: ‘Направив грешка’, а срамот вели: ‘Јас сум грешка’ “. Вината може да поттикне каење и обид за поправка, додека срамот нè парализира со убедување дека кај/во нас не може да се поправи ништо. Такви сме – дефектни.

Во контекст на семејните очекувања, овие емоции најчесто одат рака под рака. Кога една млада личност не може да ги исполни очекувањата на родителите, на пример поради својата различна сексуална ориентација или други животни избори – најпрво чувствува вина затоа што ги повредува и разочарува најблиските. Потоа, оваа вина лесно прераснува во срам: убедување дека „јас сум лош/а“ или „не сум доволно добар/добра“, бидејќи не сум онаков/а каков/а што тие посакуваат.

Стручњаците забележуваат дека луѓето кои ги следат своите потреби, се сметаат себеси за „себични“ и веруваат дека се лоши личности. Овие ирационални убедувања ги попречуваат да се развиваат како независни личности.

На тој начин, постојаната вина за тоа што сме различни лесно прераснува во длабок срам и несигурност во сопствената вредност.

Шемата на дефектност: „Со мене нешто не е во ред“

Во психологијата постои концепт наречен шема на дефектност/срам – длабоко вкоренето верување дека „јас, како личност, сум неисправен, лош, недоволен“. Индивидуата со ваква шема чувствува дека има некаков голем недостаток, во својот карактер, изглед или способности и дека поради тоа би била одбиена /отфрлена / напуштена  од другите ако тие ја откријат вистината (кога вистински ќе ме запознаат, ќе видат каква сум/каков сум и ќе побегнат).

Срамот е централна емоција на оваа шема, бидејќи убедувањето во сопствената „мана“ носи чувство на длабока засраменост и пониженост.

Оваа шема најчесто се развива во детството, особено ако детето расте со постојани критики, условена љубов („Ќе те сакам ако ___“) или со засрамување во однос на неговите особини и интереси. Во такви околности детето неизбежно ќе поверува дека суштински нешто не е во ред со него.

Не е ретко детето да заклучи дека „не е во ред да бидам јас“ ако види дека неговата автентичност предизвикува неприфаќање и разочараност кај родителите. Плашејќи се да не ја изгуби љубовта на своите родители почнува по секоја цена да се прилагодува и да ги исполнува туѓите очекувања и по цена на сопствената автентичност, уверено дека љубовта мора да се заслужи, бидејќи „таков/ва каков/ва што сум не сум доволен/на и не заслужувам љубов“.

Лица кои ја развиле оваа маладаптивна шема сттануваат исклучително чувствителни на отфрлање, критика и споредби со другите. Тие стануваат престроги кон себе, се споредуваат со околината и ги обезвреднуваат сопствените успеси. Често имаат ниска самодоверба и веруваат дека не заслужуваат љубов и почит, проследено со постојан срам и страв дека нивните „недостатоци“ еден ден ќе бидат разоткриени. За да се заштитат, некои избегнуваат блискост и се повлекуваат, а други се обидуваат да се докажуваат преку перфекционизам, исполнителност и успех, но внатрешното чувство на безвредност останува.

Последици од срамот и отфрлањето

Хроничниот срам сериозно го нарушува менталното здравје. Постојаното чувство дека сме „погрешни“ доведува до хроничен стрес, анксиозност и депресивност. Истражувањата покажуваат дека лицата од ЛГБТ заедницата поради стигматизацијата  искусуваат повисоко ниво на срам (свесен и несвесен), што делумно ги објаснува повисоките стапки на депресија, социјална анксиозност и суицидални мисли кај оваа популација.

Ако притоа младата личност била изложена на одбивање или малтретирање поради својата различност, со време може да развие негативни мисловни образци и постојано чувство на безвредност, што дополнително го поткопува нејзиното ментално здравје.

Особено трауматично е кога семејството целосно ќе го отфрли младиот човек поради неговиот идентитет. Да се биде отфрлен од тие што треба безусловно да те сакаат е разорно искуство што нанесува тежок удар врз самопочитта, ја разнишува довербата и остава длабоки емоционални рани.

Многумина во такви околности се повлекуваат во изолација убедени дека никогаш нема да бидат „доволно добри“ за да бидат сакани. Така, срамот може да се претвори во безнадежност и чувство на целосна отфрленост.

Надминување на срамот и прифаќање на себе

Иако, овие емоции се длабоко вкоренети, можно е да се излезе од нивната сенка. Никој од нас не е навистина „дефектен“ ,  тоа е лажна приказна научена од болни искуства, а не фактичка вистина. Со соодветна поддршка може да се смени стариот образец кој го одржува чувството на срам и да се изгради поздраво чувство и свесност за сопствената вредност.

  • Вежбајте самосочувство: Однесувајте се кон себе како кон близок пријател, со добрина и разбирање. Потсетете се дека секој човек заслужува љубов и почит, без оглед на своите несовршености. Чувството дека „не сте доволно добри“ најчесто потекнува од минатото и не е објективна вистина. Кога ќе се појави гласот на срамот, обидете се да си упатите зборови на поддршка, исто како што би утешиле некој што го сакате.
  • Окружете се со поддржувачки луѓе: Поминувајте време со оние кои ве прифаќаат и ценат такви какви што сте. Ако се чувствувате осамени, приклучете се во некоја група или активност каде што можете да сретнете луѓе со слични вредности, чувството на заедништво и разбирање може многу да помогне во залекувањето на срамот.
  • Побарајте стручна помош: Психотерапијата може да биде безбедно место каде што ќе ги истражите корените на вашиот срам и вина и ќе започнете да ги менувате тие штетни убедувања. Со водство од стручно лице постепено ќе изградите посилно чувство на вредност и поздрави односи. Запомнете, барањето помош не е знак на слабост, напротив, тоа е храбар чекор кон заздравување и личен напредок.

На крај, запомнете дека не мора да исполнувате ничии очекувања за да заслужите љубов. Вашата сексуална ориентација или која било друга ваша особина, не ве прави „помалку вредни“ како човек. Секој човек заслужува да биде сакан и прифатен онаков каков што е. Кога навистина ќе поверуваме во оваа вистина, товарот на срамот почнува да се топи, а на негово место се раѓа слободата да бидеме тоа што сме.

 

Драгица Стаменковиќ

Лиценциран психолог, европски сертифициран психотерапевт, м-р по клиничка и советодавна психологија, тренер

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија