Загонетка обвиткана со вел на мистерија

Уредник
Се чита за 3 минути

Во темната ноќ се осврнував кон двата прозорца во кои сјаеше светлина.

Ми се чинеше дека со пурпурните очи ме набљудува самиот ѓавол, таа таинствена сила која го има создадено односот меѓу силните и слабите, таа груба грешка која сега со ништо не може да се поправи…

Пет згради и  оџаци на сива позадина на изгревот, додека наоколу немаше жива душа, како сѐ да беше изумрено… сосема ми исчезна од сеќавањето дека тука внатре се наоѓаат мотори, електрика, телефони…

Кога се разбудив од сонот сѐ уште со пурпурните очи ме набљудуваше самиот ѓавол. Го чувствував присуството на грубата, несвесна сила…

Кај секој човек под велот на тајната на сонот, како под превезот на ноќта, се одвива неговиот вистински, вреден за внимание, живот.

Впрочем, ништо необично. Од најстари времиња луѓето ги почитувале соновите. И се плашеле од нив!

Зошто луѓето прифаќаат дека животот има смисла додека истовремено стојат на тоа дека соновите немаат?

Убавината е во мистеријата, а каде да се најде поубава од оваа, потекнува од земјата на соновите или загатка обвиткана со велот на мистерија?

Фриц Перлс (основачот на Гешталт психотерапијата) го има истакнато значењето на соновите за обединување на отуѓените делови од личноста. Тој за нив вели дека претставуваат кралска патека која води кон интеграција на личноста.

Драматика со длабока иронија, силни внатрешни судири помеѓу ликовите, и првенствено специфично третирање на елементите на драмското време, кое е неодвоиво од просторот, случките во сонот добиваат свое значење и смисла. И тогаш човекот ја зема судбината во свои раце и станува свесен за пораките на својот сон.

Судбината не чука, не ѕвони, не упаѓа како патник намерник од олујната ноќ, туку тивко ја исполнува реалноста  заробеникот на својата страст.

Факт е дека често ја имаме искусено таинствената сила на соновите која управува со нашите животи.

Соновите пружаат непроценлива прилика за личен раст и развој, нѐ подучуваат и укажуваат каде е решението за проблемот со кој човекот не знае како да излезе на крај.

Ако ги следиме пораките на сопствените сонови животот станува бескрајна внатрешна авантура, полна со креативни можности.

 

Јасминка Наумовска

Гешталт психотерапевт

автор на 12 книги од областа на психологија

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија