Во здрав однос меѓу две личности секој е слободен да го побара од другиот она кое го сака, а замолениот е слободен да одговори со да или не на секое барање.
И односот продолжува, било молбата да е прифатена или не, без лутина на замолениот што молбата до него е поднесена и без лутина на молителот ако неговата молба наиде на одговор – не.
Коректна молба значи да го изнесеме она кое навистина го сакаме. НЕ нешто со што ќе го исполниме очекувањето на другиот. НЕ нешто за што мислиме дека имаме право. НЕ нешто за да го оправдаме нашето мислење за праведноста на молбеното барање.
Има луѓе кои избегнуваат отворено да го кажат она што го сакаат, избегнуваат да замолат, сѐ додека не се сигурни дека нивната молба ќе биде прифатена. Се плашат да не го изгубат „образот“.
Тие се жртви на невротично книговодство во кое важи формулата дека на некој начин ќе бидат помалку вредни од порано, ако рубриката „поднесени молби“ надвладее над рубриката „прифатени молби“.
За таквите луѓе од голема важност е да се биде моќен и да ги остварат своите желби додека плеснат со дланките, слично на однесувањето на пашата во својот харем на исток.
Има луѓе кои исказот го гледаат како барање. Тоа се луѓе кои во суштина не сакаат ништо да дадат. За нив и обраќањето: „Ве молам колку е часот?“, станува навредливо барање.
Човековиот род преувеличува сѐ живо, своите јунаци, своите непријатели, своето значење.
Јасминка Наумовска
Гешталт психотерапевт
автор на 12 книги од областа на психологија
