„Сакам да сум дете, а во исто време и не сакам… Кога си дете, возрасните не те доживуваат сериозно и не го слушаат твоето мислење. А, искрено, познавам деца кои знаат многу повеќе од оние кои зборуваат.“
Ова се зборовите на мојата ќерка, додека се искачувавме кон Лазарополе.
Во таа реченица, без загради, фусноти или големо филозофирање, кажа нешто што ме допре подлабоко од многу „длабоки“ книги кои ги имам прочитано.
Затоа што е така едноставно вистински точно.
Децата гледаат.
Возрасните објаснуваат.
Кога бев дете, точно знаев што сакам, а што не сакам, што ми е пријатно, а што не. Знаев да се смеам без причина, да плачам кога нешто (ме) боли и да поставувам прашања кои што на моите (најчесто на мајка ми) не им беа баш пријатни.
Денеска, како возрасна личност, за секое чувство барам дозвола, а за секоја одлука – потврда. За(д) секоја вистина (моја лична), барам рационално објаснување.
Каде и како научив да не си верувам?
Жан Пијаже, познат детски психолог од Швајцарија, веруваше дека децата не се „мали возрасни“, туку битија кои светот го разбираат на поинаков начин, најчесто низ интуиција, креативност, па дури и пологично од возрасните. Децата, според него, имаат своја сопствена логика за светот која се темели на искуство, а не на правила.
Но, ние возрасните, многу бргу ја забораваме таа логика.
Ја заменуваме со убедувања и верувања.
Алберт Елис, друг психолог, односно таткото на рационално – емоционална – бихејвиорална терапија, рече дека нашето страдање доаѓа од ригидни уверувања, како што се:
„Морам да сум совршено зрела личност“,
„ Децата немаат поим“,
„ Не смееш да бидеш ранлив, тоа е слабост“ итд.
Низ овие ирационални убедувања, си ставаме очила за возрасни кои не ги добивме затоа што созреавме, туку затоа што пораснавме и поверувавме во тоа дека детскиот поглед на нештата е помалку вреден, знаењето без диплома е незнаење и дека светот мора да се набљудува низ рамка која не се поместува, статична и ригидна.
Карл Роџерс, уште еден голем мудрец меѓу терапевтите, зборуваше за „условено вреднување“ – начин на кој што почнуваме да веруваме дека сме „доволно добри“, само ако се однесуваме, мислиме и чувствуваме „како што треба“. Условеното вреднување води кон губење на контакт со самите себе, заклучи Роџерс.
Роџерс уште вели дека детето кое поставува прашања и чувствува (има дозвола да чувствува), е дете кое е автентично.
А, што се случува со возрасниот кој што престанал да го слуша тоа дете во себе? Тој не станал позрел. За жал, тој се одалечил. Пред се, од себе си.
Имајќи го сето ова во предвид, сметам дека проблемот не е во тоа што децата „не знаат“, туку во тоа што не ги слушаме. Односно, во тоа што ги слушаме без да ги чуеме вистински.
И, не е проблемот во тоа што возрасните се пресериозни, туку што забораваат да бидат нежни, стрпливи и љубопитни.
Можеби е време да се обидеме вистински да ги слушнеме нашите деца и да престанеме да ги учиме да станат како нас, туку ние да почнеме да учиме од нив.
Можеби баш таа мала промена ќе не спаси од нашите замаглени очила и ќе ги исчисти од накалемените предрасуди, трауми и правила.
Можеби реланоста не се наоѓа во правилата. Можеби живее во еден поглед, прашање и искреност.
Реалноста е најчесто во тоа што ни го кажува детскиот глас, она што го чувствуваме и длабоко во себе знаеме, но ретко и признаваме.
Затоа, следниот пат кога вашето дете ќе каже нешто „што е пресериозно за тие години“, застанете за миг и помислете дека нивниот глас не потсетува да бидеме доволно присутни за да разбереме.
Можеби, само можеби…
Децата знаат многу повеќе од што сакаме да признаеме и гледаат подобро отколку што ние можеме (низ нашите очила).
Драгица Стаменковиќ
Лиценциран психолог, европски сертифициран психотерапевт, м-р по клиничка и советодавна психологија, тренер
