На 9. мај 2025 година (петок), со почеток во 18.00 часот, ќе се одржи фестивалот на детска песна „Распеано детство“, а децата ќе може да уживаат во 18 нови детски песнички, создадени од 15 автори.

Фестивалот се одржува традиционално, по 20-ти пат, а зборно место е големата сала на НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
– „Распеано детство“ е еден од најстарите детски фестивали во Македонија и секогаш побудува голем интерес. И оваа година како и досега, фестивалот има меѓународен карактер и покрај дечиња – пејачи од нашиот град, ќе има и гости учесници од Србија и Бугарија, изјавува директорот Драган Јаким.

Организатор на фестивалот е Здружението за уметност, култура и заштита на културно наследство „Етно Ризница“ од Куманово.
Генерален покровител е Советот, секторот за култура и градоначалникот на Општина Куманово, г-дин Максим Димитриевски.
Генерален Медиумски покровител е националниот сервис Македонската Радио Телевизија.
Резервирајте ја петочната вечер за едно посебно доживување, затоа што со новите весели песни, весели ќе бидат и дечињата во публика, е пораката на организаторот, која ви ја пренесуваме со радост.


Р.П.
