Тоа е едно од најголемите другарчиња на децата во Куманово, каде еднаш годишно на сцена се пее, од срце, а потоа уште 364 дена во годината во сечиј детски дом.
И, не само што е нивно верно другарче и на целото семејство е, затоа што тие песни се за сите.
Станува збор за фестивалот „Распеано детство“- нема кој не го знае. Посветен е на децата и творештвото за нив и веќе има значајно место во културната програма на Градот.

Фестивалот, втор по „возраст“ кај нас, роден во 1976 година, растеше со извесни прекини, така што оваа година се одржа по 20 пат.
„Низ самиот фестивал прозвучуваше една многу убава роденденска честитка кон сите кои беа присутни“, ни открива техничкиот директор Драган Јаким.
– Мјузикл во три дела, беше годишното издание. Песничките беа дел со модерна тематика, дел со класична тематика – се пееше за прваче, за магијата на фејсбукот, за „кога ќе пораснам“, за не лути се човече, за зајко и лисица, а имавме и роденденска песна, песна за виножито, за шумската свадба…

За прв пат водителот – Пчелката, препознатливата маскота зад која се „крие“ професор Александар Стефановски, воедно и уметнички директор на овој фестивал, повика дечињата да направат ѕвездено небо, кое беше многу ефектно, бидејќи салата беше полна.
Всушност, на денот на одржувањето, на 9. мај 2025 година, салата на НУЦК „Трајко Прокопиев“ беше исполнета два пати – еднаш на пладне, во 12 часот, со петстотини дечиња од градинките и основните училишта и еднаш вечерта во 18 часот, кога се одржа гала вечерта снимена со камерите на Македонската телевизија, на која присуствуваа и родителите, бабите и дедовците…
– Фестивалот оваа година се разликуваше по својот концепт во однос на претходните години, но и му доликува бидејќи сепак беше роденденски. Сѐ беше мјузикл, а песните беа поделени во три блока, по одредена тематика, но секој блок си беше засебна целина. Сите дечиња беа на сцена и на кое како му доаѓаше ред, така ќе си излезеше да пее. Имавме 17 песни дури од 15 автори, најмногу од авторот Игор Трајковски, по две песни од Слаѓан Станишковски и од Боби Серафимовски и исто толку, две песни, ни дојдоа од Србија. Прекрасно музичко шаренило, обоено со музика од учесници во распон од 6 до 13 години, вели Јаким.

Генерален покровител е Општината Куманово, затоа со своето присуство чест на организаторите им укажаа претседателката на Советот на Општина Куманово, госпоѓа Ивана Ѓоргиевска и раководителот на Секторот за култура, господин Александар Крстевски.
Генерален медиумски покровител беше Македонската телевизија, а како медиумски покровители се појави и најчитаниот кумановски портал plostad.mk, кој доби и плакета за поддршка.

– Оваа година го задржавме она ниво кое го имавме и досега и од технички аспект, убаво декорирана сцена со разни балони, осветлување и извонредно озвучување, веројатно не случајно Македонската телевизија нѐ следи од година во година. Во чест на јубилејот имавме прекрасни подароци за сите дечиња, фестивалски цедиња, на крај сите си заминаа задоволни, ни раскажа Јаким.
И интернационалниот карактер беше повторно означен.
– Имавме гости од Србија, а девојчето од Бугарија откажа во последен момент поради одредени причини. Но, ние сме вмрежени со поголеми фестивали во регионов и како ценета манифестација веднаш добивме покана двајца наши учесници да одат на Фестивалот на детска песна во Пожега. Исто така, во текот на годината кога ќе има настан, тука во Градот или во околината, кадешто ќе изразат желба ние со нашите распеани деца сме подготвени да им ја облагодориме програмата, ветува Јаким, кој е веќе петта година на оваа позиција.

За љубителите на детали ни ја проследува кусата историја: Фестивалот почнувајќи од 1976 година најпрво го организираше Културно просветната заедница на Градот, потоа имаше одреден застој, па го презеде Центарот за култура, за потоа фестивалот да премине во рацете на Домот на пионерите во Куманово, па Центарот за детско творештво и еве веќе пет години по ред го организира Здружението „Ризница“, на чело со директорката на фестивалот, госпоѓа Слаѓана Ивановиќ.
„Распеано детство“ веќе си го зазеде своето место и повеќе од јасно е дека е пандан на македонското „Златно славејче“ (од 1971 година, најстариот детски музички фестивал на Балканот и вториот најстар во Европа).

– А, 9 мај го одбравме како Денот на Европа. Порано го правевме на Први јуни како Светски ден за заштита на правата на детето, меѓутоа кон крајот на учебната година учениците се многу ангажирани во училиштата. Новина овој пат беше ѕвезденото небо кое го побара водителот, а бидејќи фестивалот веќе е етаблиран и препознатлив, овој пат водителот дури не мораше ни да најавува туку само ќе довикнеше „Распеано!“, а целата сала одговараше „Детство!“… „Распеано!“- „Детство!“ … „Распеано!“- „Детство!“. Тоа беше многу интересно, а кога ќе се чуе од грла на многу деца, тоа е магично…

Валентина Ѓоргиевска Парго
